fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Прв симпозиум ИКС и ИРЕКС за медиумска писменост во високото образование

Комплексноста на медиумската писменост и разноличните пристапи за нејзина примена во образованието беа главните теми на дводневниот меѓународен симпозиум организиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС „Во чекор со трендовите: образование за медиумска писменост во сè побрзото секојдневие“, што се одржа на 3 и 4 февруари како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

На онлајн настанот учествуваа светски познати авторитети за медиумска писменост, како американските професори – Рене Хобс и Пол Михаилидис, но и звучни имиња од Европа и од Западен Балкан кои искуствено потврдија дека систематскиот пристап за развој на медиумската, дигиталната и информациската писменост овозможува обликување на нова реалност – за поголема инклузивност, демократичност, но и поголема отчетност. На дискусијата што ја следеа повеќе од 500 учесници од 14 земји во светот, беше заклучено дека веќе не е доволно да се едуцираат само младите, туку тоа станува сè поголем предизвик за наставнициите, професорите, библиотекарите и генерално за повозрасната генерација која е заложник на дигиталниот јаз. Медиумската писменост не е самостојна вештина, туку се учи низ континуирани обуки во кои се стекнуваат вештини за критичко размислување, ангажиран и рационален одговор на општествените проблеми како одговор на профитабилната „индустрија на дезинформации“ и растечкиот тренд на теории на заговор.

Реномираната професорка од Рене Хобс, позната по концептот за „Петте прашања за медиумска писменост“ од Факултетот за комуникации и медиуми „Харингтон“ при Универзитетот Роуд Ајленд во САД, посочи дека „е неопходно да го поддржиме развојот на компетентни и самоуверени наставници по медиумска писменост во сите степени на образование, особено во високото образование“.

Според професорот по граѓански медиуми и новинарство на Факултет за комуникации при колеџот „Емерсон“ – САД, Пол Михаилидис „медиумската писменост е клучна за градење на општество кое ќе бара отчетност од јавните институции“.

Професорот Михаилидис на симпозиумот го претстави истражувањето што го спроведува неговиот факултет за влијанието на медиумската писменост во контекст на граѓанска и политичка ангажираност.

Учесниците имаа можност да го слушнат искуството од Финска која со години е на врвот по листата земји со најквалитетно образование, па и со највисоко ниво на медиумска писменост во Европа. Медиумската писменост во Финска се учи уште од претшколската возраст и понатаму е вградена во сите образовни нивоа.

Медиумската писменост во високото образование во Македонија

На тематскиот панел „Потрага по нови решенија: Образованието за медиумската писменост во Северна Македонија“ беа промовирани резултатите од истражувањето на Институтот за комуникациски студии за застапеноста на „Медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во Северна Македонија“. Сеад Џигал, еден од авторите на истражувањето потенцираше дека медиумската писменост се изучува на високообразовните институции, иако таа најчесто е третирана во рамки на наставни програми каде критички се анализираат медиумите и медиумските содржини. Истражувањето покажа дека до 2021 година не постои како посебен задолжителен предмет, но повеќе факултети веќе се во поодмината фаза на акредитирање на ваков предмет (најчесто на педагошките факултети). Сепак, еден од главните заклучоци е дека земјава „каска во однос на имплементацијата на медиумската писменост во образовниот процес“.

Освен поголема застапеност на сите нивоа од образовниот процес, кога се предава медиумска писменост треба да се има и посебен пристап, зашто целото учење лесно може да се заборави кога ќе се појави убаво раскажана приказна, односно лажна и погрешна информација.

Професорот Демуш Бајрами од Универзитетот на Југоисточна Европа го посочи ЕРАЗМУС проектот во кој што се работи на справување со дезинформации. (2,54,00)

Педагошките факултети се исправени пред предизвикот навремено да ги оспособат идните наставници да се справат со налетот на нови медиумски форми. Темите од областа на медиумската писменост, како што покажа и истражувањето на ИКС, најчесто се изучуваат во предметот Медиумска култура, којшто всушност ги следи наставните програми по мајчин јазик во основното образование. Овој предмет најчесто е изборен, и како што велат професорите, е и недоволен.

ИКС го објави и повикот за доделување мали грантови (до 8.500 американски долари), отворен за сите високообразовни институции во Северна Македонија кои ќе поднесат предлози вклучување на медиумската писменост во студиските програми. Почнувајќи од оваа па до 2026 година, ИКС и ИРЕКС годишно ќе доделуваат по два гранта на факултетите и универзитетите. Крајниот рок за аплицирање на првиот повик е до 1 март 2022 година.

Што се прави во регионот, што прават младите?

Вториот ден од симпозиумот беше посветен на „Согледувања од соседството: Перспективи на медиумската писменост во Западен Балкан“ на кој учесниците споделија искуство од своите земји. Заклучокот е дека и покрај бројните обуки и воведувањето на медиумската писменост на различен пристап и на различни нивоа во образованието сè уште има долг пат кој треба да се помине за остварување на целта: да бидеме подобри и поангажирани граѓани, и тоа за сите групи и за сите возрасти.

За Лејла Турчило, професорка и раководителка на Катедрата за новинарство на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина, медиумската писменост е форма на социјално учење и практика, а не самостојна вештина. Таа зборуваше за потребата од постојано дообразување кај младите и возрасните со медиумска и информациска писменост за кај нив да се поттикнат вештини за критичко размислување, подобрена перцепција и активна партиципација во социјалните прашања.

Состојбата со медиумската писменост во Србија ја сподели Данка Нинковиќ Славниќ од Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, која изнесе загрижувачки резултати од спроведеното истражување за медиумската писменост. Истражувањето покажало дека и студентите по новинарство имаат ниски познавања за медиумската писменост и мнозинството од нив не знаеле да го препознаат јавниот сервис како арена за различни гледишта, ставови и мислења.

Во Албанија, медиумите имаат одлична репутација. Таа е на врвот од земји во кои довербата во нив е на највисоко ниво. Според истражувањата, над 80 проценти од испитаниците веруваат во нив, а 66 отсто од испитаниците се изјасниле дека имаат доверба во телевизиите. „Довербата е повисока од онаа која ја имаат институциите, а ако се има предвид дека медиумите во Албанија се под политички притисок и имаат проблеми со сопствеништвото, јасна е потребата за поголема медиумска писменост“ вели Емилијано Казиај, програмски менаџер за програмата „Учи да распознаеш“ (Learn to Discern). Тој зборуваше и за различните видови на дезинформации кои можат се сретнат на медиумите.

Во Хрватска се задоволни од нивото на медиумска писменост кај младите, бидејќи оваа сфера е вклучена во формалното образование уште пред десетина години. Според професорката Викторија Цар од Факултетот за политички студии при Универзитетот во Загреб, учениците умеат да го препознаат изворот на вести, да се заштитат кога ги користат дигиталните медиуми и сл. Но, проблем е дигиталниот јаз: возрасните лица с уште не знаат како алгоритмот ги бира вестите и носат одлуки врз основа на лажни вести бидејќи не можат да ги препознаат.

На панелот-дискусијата „Младински предводници за медиумска писменост: трасирање на патот кон подобра иднина“, младите од Македонија побараа поголема застапеност на предметот медиумска писменост во сите нивоа на образование, но и поголема вклученост на наставниците и професорите во ваков тип на настава.

Ако првиот сегмент од медиумската писменост е пристапот до информации и медиумски содржини, тогаш студентите со попречености имаат сериозни инфраструктурни бариери.

Искуството со примената на обука за медиумска писменост во десетина училишта низ Албанија дало видливи резултати, и тие го промениле начинот на предавање но и ги поттикнувале учениците на поинаков начин на учење.

Низ илустративен пример, беше истакната потребата од вакви или слични проекти за образување на наставниците за медиумската писменост има и во Србија, каде доминираат содржини за медиумска писменост за младите.


„Младите размислуваат“ е петгодишна програма финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) која ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Институтот за комуникациски студии (ИКС), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ).

 

Видео симпозиумот на 3 февруари 2022 г.

Видео симпозиумот на 4 февруари 2022 г.

Агенда на симпозиумот.