Да се сокриеме и да почекаме, наместо да паничиме при првите знаци на земјотрес
Страв и паника се првите чувства што се јавуваат кај речиси секој кога ќе се почувствува земјотрес. Тогаш луѓето најчесто од страв ги забораваат основните препораки за заштита и почнуваат панично да трчаат надвор од објектот во кој се наоѓаат. Токму затоа, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, заедно со Институтот за комуникациски студии и партнери од Албанија и Грција работат на проект за подигнување на свесноста за ризиците од земјотресите. Дел од активностите предвидуваат посета на средни училишта и здравствени установи во сеизмички-ризичниот пограничен регион со Албанија и Грција, каде експертите на ИЗИИС им презентираат практични совети на средношколците и медицинскиот персонал.
Тимот од ИЗИИС, составен од вон. проф. д-р Јулијана Бојаџиева, вон. проф. д-р Александра Богдановиќ и директорот, проф. д-р Влатко Шешов, ги посетија битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, како и Клиничката болница во Битола.
„Пред две години имавте земјотрес чиј што епицентар беше непосредно на границата меѓу Македонија и Грција и токму тие моменти покажуваат дека болниците се местата каде што евентуално би се згрижувале повредените лица, а училиштата пак од друга страна се исто така критична инфраструктура во случај на земјотрес, доколку има повредени или луѓе што го изгубиле својот дом, најчесто се први места каде што се врши евакуација или згрижување на населението и обезбедување пристојно место за живеење и затоа сметавме дека овие две целни групи ни се особено значајни“, вели Шешов.
Експертите од ИЗИИС ги советуваат здравствените работници и средношколците да останат присебни при првите знаци на потрес, наместо да трчаат кон излезот од објектот, да се заштитат себеси под клупите и да се оддалечат од прозорите.
„Скали и лифтови за време на земјотрес никако не смеат да се користат, бидејќи тие се најповредливи елементи од зградата и ако нешто се случи, може тие прво да попуштат. Како што реков напуштање на местото каде што сме се засолниле може само после дејството на земјотресот, никако за време на дејството да се напушти местото каде што сме се заштитиле“, вели Шешов од ИЗЗИС.
Иако многу се зборува за Скопскиот земјотрес од 1963-та година, Дебар почувствувал земјотрес во 1967 година, со ист интензитет како Скопскиот, што покажува дека е во сеизмички активен предел. Па затоа, тимот на ИЗИИС, составен од проф. д-р Кемал Едип, вон. проф. д-р Марта Стојмановска и м-р Забедин Незири ги посети Општата болница и Средното училиште „28 Ноември“ во Дебар.
Пред учениците беа истакнати фактите за земјотресите, нивното настанување, нивната непредвидливост, но најважно, советите што да се прави за време на настанувањето на земјотресот.
„Да се најде појако место во училницата тоа се клупите да се обезбеди под нив да се заштитат и да се чека додека завршат првите тресења. Откако ќе добиеме сигнал од нашите претпоставени дали од учителите, дали од останатите колеги тогаш ќе можат полека да излегуваат. Значи, никако да се паничи, никако трчање по скалите, бидејќи дури тогаш настануваат големите проблеми“, вели професорот Едип.
Дека редовно треба да се практикуваат вежби за справување со земјотреси говори и сведоштвото на професорот Џевит Мифтароски, кој го пренесе искуството кое го имал за време на земјотресот во дебарско во 2020 година.
„Јас тогаш се погодив во училница. Да беше со мојот клас е поинаку. Меѓутоа беше клас каде што не сум класен и имаше најразлични реакции, од трчање по ходници, до … некако нè фати неспремни“, кажа професорот Мифтароски.
Помош при справување со последиците од земјотресите покрај од државата, би требало да дојде и од најблиските соседи.
„Знаеме дека во случај на посилен земјотрес она што е клучно е да се пружи брза помош на повредените настраданите и побргу да се вратат во функција сите оние неопходни сервиси. А секако за тоа може најмногу да помогнат соседите, па затоа овој проект е таргетиран кон одредени целни групи во пограничните региони, паралелно со соседните градови и во Република Албанија и во Република Грција“, вели професорката Марта Стојмановска од ИЗИИС.
Во посета на Валандовско-Гевгелискиот регион беше и тимот на ИЗИИС составен од проф. д-р Игор Ѓорѓиев, вон. проф. д-р Радмила Шалиќ Макреска, и асист. м-р Ана Наневска. Тие го посетија валандовското средно училиште „Гоце Делчев“ и болницата во Гевгелија.
„Објектите во Македонија кои се проектирани согласно современите прописи за проектирање, се проектирани така да ги задоволат овие премиси кои претходно ги спомнавме, значи, тоа се целосно објектите проектирани со прописите од 1981 година, а некаде и од 1964 година, а секако и со новите прописи кои важат од 2020 година, а тоа се новите европски прописи. Се разбира, за постарите објекти можни се дополнителни истражувања и ние препорачуваме дополнителни истражувања за евалуација на нивниот сеизмички ризик и за нив постојат одредени мерки за санација и зајакнување, кои може да се спроведат, да се имплементираат и тие објекти да да ги задоволат условите на асеизмичка градба“, објасни професорката Радмила Шалиќ Макреска од ИЗИИС.
Што е со верувањето дека за време на земјотрес треба да се стои под гредата на врата? Професорите од ИЗИИС велат тоа е старо правило кое важело порано кога и објектите се граделе поинаку, со носиви ѕидови или ѕидови со надвратници. А кога ќе се најдат надвор, исто така има препораки каде е (не) безбедно – тоа се објектите или улични светилки и бандери.
Кога се случуваат земјотреси, по спасувачите, следни на кои се обраќаме за помош се здравствените лица. Во овој случај, мора да се следи Планот за евакуација и процедурите во итни ситуации, нешто што мора да го има секоја здравствена установа. Таму се наведени сите клучни чекори кои се неопходни за да можат медицинските лица да си помогнат себеси и на пациентите, но и да ги преземат новите евентуално повредени лица и да пружат прва помош.
„Многу добра идеја е што сте дојдени со овој проект и ни се овозможува да научиме добри идеи, за понатаму ние да знаеме да е справиме со вакви ситуации“, вели Мирбана Леши, главна сестра во болницата во Дебар
Од педагогот Васе Митев од СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово и од професорот Мифтароски од Дебар дознавме дека училиштата имаат план за евакуација во случај на елементарни непогоди и учениците се запознаени со тоа. Но, се согласуваат дека секогаш се потребни вакви обуки со нови информации кои учениците ќе ги пренесат и дома во своето семејство.
„Ние сме познати како подрачје во кое се случуваат земјотреси, слушавме предмалку од професорката, и низ историјата се има случено да имаме земјотреси во Валандово од помал интензитет. Дури се сеќавам дека една година имаше во мај, дел од наставата колегите ја имаа во училишниот двор, бидејќи се повторуваа земјотресите, речиси секој ден имаше по нешто. И така сметам дека сепак ова што го слушнавме денес беше од корист за учениците“, вели Васе Митев педагог во средното општинско училиште Гоце Делчев во Валандово.
Битола, Дебар, Валандово и Гевгелија не случајно се избран за градови каде се одржуваат овие обуки. Проектот предвидува јакнење на свесноста на институциите, здравствените власти, училиштата и локалната заедница во пограничниот регион на Македонија, Албанија и Грција.
Па така, партнерот во проектот од Албанија, Политехничкиот универзитет во Тирана одржа работилници за претставници на локални власти, образовни институции и болници во регионите на Ѓирокастер, Саранда и Корча. Додека, во Грција, Аристотел Универзитетот од Солун одржа онлајн вебинар за наставници и ученици од пограничниот регион, вклучувајќи ги Игуменица, Кукуш, Јанина, Касторија, Пела и Алмопија.
Овие активности се одржуваа во рамки на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), финансиран од Европската Унија.
Новинарка: Елица Бочваровска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски