fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС почнува регионален проект за популаризирање на комуникацијата за животна средина

Балканскиот регион, вклучувајќи ги Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, е загрозен од големо и различно загадување, а многу животински и растителни видови се уништуваат. Сепак, во овие држави сè уште нема доволно разбирање за еколошките проблеми и како може да се одговори на нив. Оттука, комуникацијата за животната средина е суштинска за да се разберат сложените еколошки предизвици и да се зајакне улогата на поединците и организациите во управувањето со животната средина.

Затоа, Институтот за комуникациски студии, заедно со Машинскиот факултет и поморска архитектура на Универзитетот во Загреб, Катедрата за биологија и екологија на Универзитетот Нови Сад, Факултет за политички науки на Универзитетот во Сараево и Катедрата за биологија на Универзитетот во Тирана, почнува да го спроведува проектот „Популаризирање на комуникацијата за животна средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, финансиран од програмата на ЕУ ЕРАСМУС+.

Kомуникацијата за животната средина не е вклучена во постоечките образовни програми во Западен Балкан и Хрватска на начин што ги комбинира екологијата, комуникациите, новинарството и истражувањето. Затоа, проектот ќе воведе иновативен и интердисциплинарен пристап во креирање и реализирање на регионална онлајн-програма и можности за виртуелна мобилност. Шестмесечната специјализација ќе биде наменета за претставници од граѓанскиот сектор, истражувачи, предавачи во образовни институции, вработени во јавни институции и бизнис секторот, новинари, како и сите заинтересирани кои ќе сакаат да се едуцираат и усовршат за професионалци за комуникација во животната средина.

Проектот ќе опфати обука на обучувачи и изработка на наставна програма, креирање онлајн едукативни материјали, игра за учење и водич за комуникација во животната средина, како и спроведување на онлајн курсеви и хакатон во кои ќе се изработуваат кампањи за решавање на еколошките проблеми во регионот. По завршувањето на професионалната програма, учесниците ќе добијат сертификати и ЕКТС кредити од високообразовните институции кои се партнери во проектот.

Со проектот, пред сè, ќе се зајакне знаењето и експертизата на стотина учесници од регионот во програмата, кои потоа преку нивното работење треба да се рефлектира во промена на ставовите и однесувањето на другите луѓе. Исто така, ќе се зголеми разбирањето за тоа колку е важна комуникацијата за животната средина во различни сектори и аспекти на општеството и ќе се отвори ново поле на истражување и можности за работа во регионот.