fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Прва панел дискусија за медиумската писменост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје

Панел дискусијата „Медиумската писменост и студентите“ е првиот јавен настан што Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ИКС и ИРЕКС го организираа во рамки на проектот „Воведување на медиумската писменост за идните филолози“, поддржан преку програмата „Младите размислуваат“ на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Маја Бојаџиевска, која го отвори настанот рече дека во минатото „преку фундаменталните знаења за јазиците и  културите, сите ние го градевме нашиот етос, нашите концепции за вистината и лагата, и концепциите на авторитетот и одговорноста. Ако во мое време, разликувањето на вистината од лагата било важно од етички причини, сега е тоа важно, во буквална смисла, од егзистенцијални причини“.

Раководителката на проектот, доц. д-р Кристина Н. Николовска, додаде дека ќе биде корисно за сите студенти да стекнат знаења за тоа како функционираат традиционалните медиуми, како се создаваат и дистрибуираат пораките, и како да се разберат наративите што од сите страни доаѓаат до нас. Таа нагласи дека предметот медиумска писменост ќе биде корисен за секој студент, но особено за оние коишто по завршувањето на студиите ќе го бараат професионалниот ангажман во медиумите или во наставата по мајчин јазик.

„Содржините од медиумска писменост, во разни форми на пројавување и именување, (медиумска култура, изразување и творење, медиумска писменост) од 2000 година се застапени во наставните програми по мајчин јазик за основното образование. Воведувањето на предметот Медиумска писменост во наставните насоки од студиските програми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, ќе придонесе за надградување на студиите со нов квалитет, со што ќе се подобри и подготовката на идните наставници по јазик и книжевност за основно и средно образование,“ – истакна Гордана Алексова, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик и учесничка на панел дискусијата.

На панелот зборуваше и Блејк Смит, професор од Универзитетот во Чикаго, кој се осврна на проблемот со лажни вести во САД низ историјата . “Никој не треба да мисли дека медиумската писменост е проблем што ние Американците сметаме дека сме го решиле или пак дека мислиме дека можеме да ги научиме луѓето од другите земји како да се справат со овој сложен феномен. Политичките настани во последните години покажаа многу јасно дека нашиот однос кон медиумите во САД е проблематичен и веројатно затоа Американците се толку заинтересирани за оваа тема, за медиумската писменост“ – истакна тој.

Саранда Мехмеди, студентка на Филолошкиот факултет, поетеса и препејувачка осврнувајќи се на дезинформациите кои минатите години се објавуваа за бегалците, истакна дека кога пораките се конструирани креативно (низ стрипот како уметничка форма), тие можат суштински да допрат до публиката, особено до младите, и на тој начин да се придонесе кон менување на перцепциите и стереотипите за ранливите групи.

Со оглед на тоа дека панелот се одвиваше во рамки на Деновите на медиумска писменост 2022 (25 октомври – 1 ноември), коишто оваа година Мрежата за медиумска писменост ги посвети на медиумската писменост и различностите, неколку говорници дискутираа за тоа како да се подобри пристапот до информации за ранливите групи граѓани. Кристијан Лазарев, студент од Филолошкиот факултет кој заедно со професорот Бранислав Геразов од ФЕИТ работи на подобрување на пристапот до информации за лицата со оштетен вид, истакна дека проблемот не е во ранливите групи граѓани, туку во тоа што општеството сѐ уште не е подготвено да ги следи и применува препораките од ЕУ што се однесуваат на пристапот до медиумски содржини. Геразов пак додаде дека сè повеќе треба да се користат софтверските и хардверските решенија коишто можат да го олеснат пристапот до информации за ранливите групи и дека треба да се работи на надминување на предизвиците. „Медиумите можат да помогнат во пристапноста, но сепак самите треба да имаат увид да ги организираат своите содржини за сите да бидат максимално пристапни. Работиме со снимки од радио или телевизија и има реченици што траат 40 секунди. Нема потреба бидејќи сето тоа може да се каже пократко и попристапно не само за лицата со попреченост, туку за сите.  На пример може да се прават текстови со фонтови за луѓе што имаат дислексија. Тука се и технологиите за аверзија на текст што би можеле да обезбедат автоматско титлување на видео содржините“, забележа Геразов.

На оваа дискусија се надоврза Бојан Шашевски, новинар од Радио МОФ. „Нашата улога е поголема од сето она што дневното новинарство го прикажува. Доколку на 3 декември – Светскиот ден на лицата со попреченост јас објавам само една вест за тоа, дали ја исполнувам својата должност кон јавноста? Ова се прашања што ние постојано си ги поставуваме“ – истакна тој.

Викторија Волак, преведувачка на знаковен јазик, посочи дека притисокот кон неа како толкувач од заедницата на лица со оштетен вид во екот на пандемијата била клучна и дека токму во таа криза јавноста ја препознала потребата важните вести да бидат достапни и за овие луѓе. „Пред пандемијата“, рече Волак, „нам не ни се обезбедуваше простор да влеземе во кадарот на настаните на кои бевме поканети да преведуваме на знаковен јазик. Но, јавноста позитивно изреагира кога почнавме да се појавуваме на пресовите на поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.“

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на почетокот од јуни беше избран заедно со уште три други високообразовни установи, да ја внесе медиумската писменост во наставните програми. Во рамки на проектот предвидено е да се објави зборник на трудови преведени од студентите кои го изучуваат англискиот јазик, да се подготви прирачник за медиумска писменост и да се организираат работилница и јавно предавање посветени на механизмите на спроведување пропаганда низ историјата.