fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Станете пионер во комуникацијата за животна средина

Барате ново поле за развој на својата кариера или истражувања, флексибилни онлајн можности за усовршување или бесплатна меѓународна програма? Запишете се на Онлајн програмата за комуникација за животна средина, која е нова практична дисциплина што ги спојува управувањето со природните ресурси и комуникациските и новинарските техники.

Програмата ги зајакнува вештините во оваа област за професионалци од различни сектори – граѓанското општество, академската заедница, медиумите, бизнисот и владиниот сектор. Наменета е за сите кои се заинтересирани да учествуваат во јавната дискусија за заштита на животната средина, без оглед на нивното академско ниво или областа со која се занимаваат – студенти, едукатори, научници, новинари, стручњаци за комуникација, претставници на граѓански организации, вработени во бизнис секторот и јавни службеници. Наставната програма опфаќа различни сфери, вклучувајќи управување со животната средина, учество на јавноста, решавање конфликти, комуникации во ситуации кои вклучуваат ризици и закани, новинарство, социјален маркетинг и застапување.

Нова можност за развој на кариера или истражувања

Оваа програма ќе ве оспособи да комуницирате релевантни и веродостојни информации во време кога загриженоста за животната средина и климатските промени постојано расте. Ќе можете да им помогнете на луѓето да ги разберат сложените еколошки прашања и да учествуваат во донесувањето одлуки за животната средина. Во текот на програмата, ќе применувате знаења за управување со природните ресурси и комуникациски и новинарски вештини во тимски проекти што се значајни за граѓански организации, институции или компании, заедно со соработници и професионалци од различни земји. Стекнатото знаење ќе ви отвори можности за вашата кариера или истражувања во граѓанскиот, владиниот и бизнис секторот, медиумите, креативната индустрија и академската заедница.

Флексибилна онлајн програма за усовршување

Специјализираната програма трае шест месеци – од јануари до јуни 2023 година, и вклучува 5 онлајн курсеви и завршен хакатон. Ако сакате да го споите вашето формално образование со специјализирани онлајн курсеви или ако вашите работни, семејни или други обврски ве ограничуваат во усовршувањето, учењето преку онлајн соработка и виртуелната мобилност ќе ви овозможат да ги подобрите своите способности со динамика што е изводлива за вас. Можете да ја следите целата програма од 5 курсеви или да посетувате одредени курсеви, како и да изберете опција каде што ќе бидете оценувани и ќе добиете сертификат со ЕКТС кредити, или само да ги следите вебинарите во курсевите. Покрај тоа, виртуелната училница ќе ви овозможи да пристапите до ресурсите за учење, вебинарите и алатките за интеракција во секое време и на секое место.

Бесплатна меѓународна програма

Со запишување на оваа бесплатна меѓународна програма, ќе извлечете придобивки од обемната експертиза за животната средина и комуникациите на 5 високообразовни институции, учејќи без никакви трошоци. Онлајн програмата за комуникација за животната средина ја спроведуваат Институтот за комуникациски студии (Македонија), Универзитетот во Загреб (Хрватска), Универзитетот во Нови Сад (Србија), Универзитетот во Сараево (Босна и Херцеговина) и Универзитетот во Тирана (Албанија). Финансирана е од програмата ЕРАЗМУС+ на Европската комисија, преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија.

Сите заинтересирани можат да се пријават преку ОНЛАЈН АПЛИКАЦИЈАТА до 18 декември 2022 година.

За повеќе информации посетете ја веб страницата www.communicating.green или контактирајте нѐ на .