Истражување на ИКС: Медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во РСМ
Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објавува своето последно истражување „Медиумската писменост во студиските програми на универзитетите во РСМ“ како обид за мапирање на вклученоста и третманот на медиумската писменост во високото образование во земјава. Тргнувајќи од неопходноста за континуирано унапредување на вештините за непречена употреба и справување со дигиталното опкружување, ова истражување го отсликува ангажманот, волјата на универзитетите и факултетите во земјава за поставеноста на медиумската писменост како еден од своите приоритети. Преку деск-истражување и интервјуа со професори, даден е преглед на студиските програми на сите јавни, јавно-приватни универзитети и на делумно приватните високообразовни институции, ставени во корелација со очекуваните компетенции, вештини и знаења за медиумската, информациската и дигиталната писменост.
Еден од главните заклучоци укажува дека високообразовните институции, кои досега спорадично ја „вклучуваа“ медиумската писменост во различни, сродни предмети, веќе од оваа – 2021/2022, но и во текот на следните академски години ја имплементираат како посебен предмет на студиските програми. Настојувањата се медиумската писменост да добие свое место, пред сè, на катедрите за општествени и хуманистички науки, а особено на педагошките факултети. Истражувањето го опипува и пулсот на студентите, нивните искуства, ставови и потреби низ прашањето дали високото образование доволно ги оспособува да бидат во тек со последните текови во дигиталното општество. Посебен фокус се и студентите со попречености, кои го споделуваат своето искуство за првата компонента од медиумската писменост – пристапот до информации и медиуми, овој пат низ призмата на инфраструктурните и развојни можности на високообразовните институции.
Истражувањето на ИКС е дел од петгодишниот проект на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми и со Младинскиот образовен форум.