fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Јавен увид во податоците на потенцијалните загадувачи и инспекциските извештаи за животна средина

Граѓаните добиваат слободен пристап до податоците на потенцијалните загадувачи врз кои се врши инспекција и јавен увид во инспекциските извештаи на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Ова се овозможува со Дигиталниот регистар на субјекти на инспекциски надзор и инспекциски извештаи на ДИЖС кој беше изработен во рамките на кампањата „Разбистри сè“.

Дигиталната платформа претставува база со информации за извршените инспекциски надзори, до која вработените во ДИЖС ќе можат лесно да пристапат, редовно да ја ажурираат и активно да ги дистрибуираат извештаите во јавноста. Таа обезбедува информирање на јавноста за исходот од редовните или вонредните контроли, како и на инспекциите спроведени по пријави од граѓани преку е-адресата, веб страницата или социјалните медиуми на ДИЖС. Со зголемениот увид во работата на инспекторатот, јавноста треба да има јасни и разбирливи информации за извршените инспекциски надзори и потребното однесување на субјектите на надзорот, без да мора да ги бараат исклучиво по службен пат, како и да се ограничи субјективното однесување на инспекторите.

На дигиталната платформа се систематизираат издадените еколошки дозволи и елаборати за заштита на животната средина, обезбедувајќи податоци за правните субјекти кои треба да бидат инспектирани и за тоа кој ги контролира. Регистарот е поделен според носители на А и Б интегрирани еколошки дозволи, но и на елаборати одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и од општините. Иако ДИЖС нема надлежност врз сите носители на елаборати, во ажурирањето на регистарот треба да учествуваат и општините за да биде поефективно планирањето и координирањето на инспекциските надзори на државно и локално ниво. На тој начин, ДИЖС може да утврди неправилности што не ги воочил општинскиот инспектор, но и да се избегне дуплирање на надзорите во надлежност на локалната самоуправа и нерационално користење на ресурсите.

Дигиталниот регистар за субјекти на инспекциски надзор и инспекциски извештаи е изработен по препораките од националното и законодавството на ЕУ за јавна достапност на информациите од инспекциските надзори. На дигиталниот регистар се пристапува на www.registar.sei.gov.mk или преку веб-страницата на ДИЖС www.sei.gov.mk.

Дигиталниот регистар е втора алатка за зголемување на транспарентноста и отчетноста на ДИЖС изработена во кампањата „Разбистри сè“ после онлајн платформата која овозможува граѓаните да пријавуваат загадување по различни електронски канали (Фејсбук, е-адреси, веб страници).

Кампањата „Разбистри сè“, кон која се приклучи ДИЖС, ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.