Група новинари учеа да ги користат техниките на вештачката интелегенција за новинарски цели
Генеративната вештачка интелигенција ќе има револуционерно влијание во обликувањето на следната генерација на новинарство, па 18 новинари од Македонија го истражуваа нејзиниот потенцијал за обработка на информации и создавање содржина, на обуката што овој месец ја организираше Институтот за комуникациски студии.
Учесниците темелно се запознаа со основните концепти, корисноста и функциите на алатката Chat GPT-4 за генерирање и трансформирање на текстови, слики и видеа. Преку практични вежби, тие директно ги испитуваа можностите на оваа алатка да создава сеопфатна и релевантна содржина, при што осознаа различни пристапи и техники што можат да ги користат за новинарски цели. Новинарите креираа и привлечна визуелна содржина што може да ги надополнува текстуалните наративи.
Преку демонстрации и примери, учесниците се запознаа со најновите достигнувања во создавањето мултимедијални содржини со помош на вештачка интелигенција и за огромниот потенцијал за иновации во дигиталното новинарство. Обуката ја подвлече важноста од континуирано учење и прилагодување на технолошката средина, којашто пак постојано се развива и ја наметнува потребата од покреативна и поразновидна новинарска пракса.
Обуката за користење на вештачката интелигенција во новинарски редакции беше организирана во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.