
Проект ТАДАМ: Едукација за влијанието на вештачка интелигенција и алгоритмите вo медиумите
Институтот за комуникациски студии (ИКС) во наредните две години заедно со осум партнери од Европа ќе работи на едукација и подигнување на свеста на јавноста за влијанието на вештачката интелигенција и алгоритмите врз медиумите, во рамки на проектот TADAM: Алатки и свесност за (дез)информации, алгоритми, и медиуми.
Целта на овој проект е размена на добри практики и креирање на образовни ресурси поврзани со позитивното и негативното влијание на вештачката интелигенција и алгоритмите врз медиумите, создавањето на информациите и нивниот прием од јавноста.
Проектот ќе се имплементира во неколку фази, а ќе започне со семинар кој ќе обедини чинители од различни сектори во потрага по најчестите предизвици и проблеми со кои се соочуваме при употреба на вештачката интелигенција во медиумите, но и ќе понуди методи и начини како истите да се надминат.
Втората фаза од овој проект се состои од работилници во Македонија, Црна Гора, Белгија, Грција, Франција, Италија и Финска, преку кои ќе се соберат најдобрите практики, локални ресурси и иновативни идеи кои можат да одговорат на предизвиците што ги носи употребата на вештачката интелигенција и алгоритмите.
Со цел создавање заедница и брза размена на добри идеи од цела Европа, третата фаза ќе се фокусира на создавање онлајн работен простор кој ќе понуди ресурси и можност за соработка.
Проектот ќе заврши со голем транснационален тренинг – настан за едукатори, наставници, новинари, креатори на содржини кои сакаат да обучуваат и кодизајнираат инспиративни активности и образовни ресурси за влијанието на вештачката интелигенција и алгоритмите во целокупниот информативен процес – од создавање до примање на информацијата.
Овој проект го води центарот за медиумско образование Média Animation (Белгија), додека партнери покрај ИКС, се: Католичкиот универзитет во Лувен (Белгија), Универзитетот во Фиренца (Италија), Универзитeтот во Тампере (Финска), Универзитетот Пол Валери од Монпелие (Франција), Карпош – Центар за образование и интеркултурни комуникации (Грција), Меѓународната федерација на новинари и Меѓународната асоцијација за медиумско образование.
Проектот ТАДАМ ќе се имплементира во текот на 2024 и 2025 година и е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.