fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Фотографија од обука на ИЗИИС во средно училиште во Валандово

Ризикот од катастрофи при земјотреси се намалува со градење асеизмички објекти

Земјотресите се природна појава на која луѓето не може да влијаат, ниту пак тие со сигурност може да се предвидат, но треба да сме подготвени и свесни за опасноста со цел намалување на ризикот од земјотреси.

„Еден од начините тоа да го постигнеме е да објектите во кои живееме, учиме и работиме се асеизмички проектирани и изведени. Тоа значи дека при земјотреси со помал интензитет (повратен период 100 години) ќе имаат незначителни (неконструктивни) оштетувања, а при земјотреси со поголем интензитет (повратен период од 500 години) тие ќе се оштетат, но контролирано без да се урнат и да предизвикаат загуба на човечки животи. Голем процент од објектите во Македонија се асеизмички, особено поновите градби и затоа на наслението му препорачуваме, да за време на земјотрес не бегаат и трчаат, останат во објектот додека се смири тресењето и ги спроведат препорачаните мерки за заштита“, објасни Радмила Шалиќ Макреска, вонреден професор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универизитетот „Св. Кирил и Методиј“,на обуката на учениците од средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово.

Оваа обука, како и претходната во Дебар со средношколците од средното општинско училиште „28 Ноември“ и вработените во дебарската општа болница, се дел од проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА), кој во Македонија, како и во пограничните делови на Албанија и Грција има за цел да ја зголеми свесноста и на институциите и на населението за сеизмичките ризици.

Земјотрес – наука и практични совети за учениците

Во практичната обука професорката Шалиќ Макреска им посочи на учениците и што е разликата меѓу повеќе параметри врзани за земјотресот, меѓу кои магнитудата и интензитетот на земјотресите, термини кои често се употребуваат во вестите за земјотреси, понекогаш и во погрешна смисла.

Па така, кога зборуваме за магнитудата на земјотресот, тоа е мерка за ослободената енергија. Интензитетот, пак, е мерка за ефектот на земјотресот на одредена локација од интерес.

Земјотресите се природна појава на која не можеме да влијаеме, а тие настануваат како последица на движењето на тектонските плочи и се случуваат во внатрешноста на земјината кора. При тоа движење на плочите доаѓа до нивно приближување, оддалечување или триење при што се ослободува енергија која ние ја чувствуваме како тресење на тлото. Постојат седум поголеми тектонски плочи и неколку помали. Македонија се наоѓа на една од овие плочи, Евроазиската, релативно блиску до границата со Афричката плоча “, објасни професорката Шалиќ Макреска.

Македонија генерално се наоѓа во зона со умерена до висока сеизмичка опасност, со можност за појава на релативно чести умерени, но и силни земјотреси, па оттаму населението секогаш мора да биде подготвено и спремно во случај на земјотрес.

Асиситент м-р Ана Наневска од ИЗИИС ги советуваше учениците дека во случај на земјотрес, доколку се во училиште, мора да останат смирени и да се засолнат под клупите додека трае потресот, односно да клекнат, ја заштитат главата, почекаат да заврши тресењето и по инструкциите од наставниците безбедно го напуштат објектот. А она што не треба да го прават е да панично бегаат надвор од објектот, бидејќи при тоа може да се повредат и себе и соучениците. Секогаш треба да се следи планот на училиштето за евакуација и насоките од наставниците. Препораката да се избегнува паничното бегање важи и доколку се дома или во кој и да е друг објект. За надвор важат други правила.

Доколку сте надвор треба да сте подалеку од градбите, уличните светилки, дрвјата или други предмети кои што можат да паднат и да Ве повредат. Доколку сте во автомобил можеби и нема да го почувствувате земјотресот, но доколку го почувствувате, запрете го безбедно возилото, застанете, но повторно подалеку од улични светилки или нешто што може да падне и да го оштети автомобилот, а со тоа и вас да ве повреди. Никако не застанувајте под мостови и надвозници, е уште еден корисен совет што учениците од Валандово го добија од м-р Наневска.

Од вработените во училиштето дознавме дека постои изготвен план за евакуација, дека и тие и учениците ги знаат основните правила како треба да се постапи во случај на земјотрес, но дека секогаш е добредојдено да се потсетат на овие правила, а кои подоцна ќе ги пренесат и на останатите ученици и сограѓани.

За градба на објектите има посебни прописи кои мора да се следат

Едно од прашањата кои отсекогаш и веројатно засекогаш ќе предизвикуваат дилеми е колку кај нас се безбедни објектите, за луѓето да бидат заштитени. Професорката Шалиќ Макреска тоа го елаборира како сложено прашање, за кое треба да постои веродостојна проценка на сеизмичкиот ризик, а кое директно зависи и од типологијата на самите објекти во одредениот град или населено место. Посебна е важноста за определување на сеизмичкиот ризик кај постарите објекти градени вон прописите за асеизмичко проектирање. Даде и една паралела, преку споредба на ефектите на скопскиот земјотрес од 2016 година и оној во Загреб во 2020 година.

Во Скопје на 11 септември 2016 година имавме земјотрес со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер во кој одреден степен на штета пријавија 2,2 отсто од вкупниот број на објекти. Во Загреб, пак, во 2020 година имаше земјотрес со слична големина од 5,5 степени по Рихтер, на приближно еднакво епицентрално расојание и од него штета пријавија 6,85 отсто од вкупниот број на објекти. Оваа споредба ја правиме често на овие два града кои имаат приближно сличен број на население и слична големина, но градови кои имаат различен степен на повредливост. Во Загреб фондот на постари и зидани објекти е далеку поголем од оној во Скопје, на што укажаа и оштетувањата“, објасни професорката.

Иако се поминати 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, тој и натаму е еден од најпознатите по големината на последиците и врз луѓето и врз градот, иако историски имало и посилни земјотреси кои ја зафатиле територијата на Македонија. Еден од нив во поновата историја бил токму земјотресот во Валандово.

Во Валандово 1931 година во март се случил земјотрес кој бил посилен од скопскиот и бил почуствуван во доста голем регион. Историските податоци укажуваат на тешки оштетувања на објектите и на инфраструктурата, сериозни манифестации во теренот, со многу повредени и повеќе од 30 загинати. Запрен е железничкиот сообраќај БелградСолун, а тоа е прв пат во овој регион да се организира и проценка на штети со тимови од инженери и стручни лица, со цел димензионирање на државната помош за повредените и бездомното население“, раскажа професорката Шалиќ Макреска еден факт од историјата на нивниот град.

Меѓу поголемите земјотреси се и земјотресот во Пехчево во 1904 година, потоа земјотресот во Дебар 1967 година, како и земјотресите во Охрид 1911-1912 година.

Како и во Дебар, така и на југот на Македонија, професорите од ИЗИИС ја посетија и Општата болница во Гевгелија, каде на обуката со вработените се фокусираа на нивната подготвеност во случај на земјотрес. Во овој случај, како правило број еден, проф. Игор Ѓорѓиев го посочи следењето на Планот за евакуација и процедурите во итни ситуации, нешто што мора да го има секоја здравствена установа. Таму се наведени сите клучни чекори кои се неопходни за да можат медицинските лица да си помогнат себеси и на пациентите, но и да ги превземат новите евентуално повредени лица и да пружат прва помош.


Обуката се одржа во рамки на проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА). Проектот е финансиран од Европската Унија, а го води Институтот за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија (ИЗИИС), во соработка со Институтот за комуникациски студии, Аристотел универзитетот од Солун, Грција, Фондацијата Еуцентре од Павија, Италија и Политехничкиот универзитет од Тирана, Албанија.