fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС го објави вториот извештај за присуството на штетните наративи во јавната политичка комуникација во Северна Македонија

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави вториот извештај во рамки на истражувањето Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), сублимат на  податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери и нивното пренесување во медиумите во ноември и декември 2023 година, во кои се идентификувани штетни наративи.

Резултатите од мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација за периодот ноември – декември 2023 година покажуваат дека на партиските веб-страници и на Фејсбук-профилите на политичките актери, најчесто се изнесуваат непроверени наоди, како и непоткрепени обвинувања за корумпираност, нетранспарентност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност како основа за напад на политичките противници. Реториката кај поголемите политички партии се базира врз употребата на зборови и формулации со коишто се оцрнува политичкиот противник или одредена група луѓе  со цел да се предизвикаат поделби. Овој поларизирачки наратив и во овие два месеца најчесто извира од доминантните обвинувања за приврзаност кон „проевропски“ и „антиевропски“ блок.

Кај медиумите, во најголемиот број случаи, штетните наративи се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите. Во ноември и декември утврден е благ пораст на објави со штетни наративи кај онлајн-медиумите. И во овој извештај доминира практиката некритички и еднострано да се пренесуваат непроверените наводи од политичките актери, најчесто во форма на целосно пренесени партиски соопштенија и говори на политичари. Кај телевизиските станици пак, бројот на прилози со штетен наратив е речиси на исто ниво како и минатиот мониториран период. Најголемите политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, остануваат најчести актери во ударните ТВ-термини.

Сериозното отстапување од професионалните новинарски стандарди, пристрасното и необјективно известување, не само што негативно влијаат на јавниот дискурс и го загадуваат медиумскиот простор, туку ги нарушуваат и основните принципи на демократија и отворена дебата.

Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.

Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

 

Контакт: