fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Не паничете при земјотрес, останете каде што сте и заштитете се додека трае потресот

Не кревајте паника ако се случи земјотрес. За време на потресот останете во просторијата во која се наоѓате и заштитете се од предмети кои може да паднат, а по завршување на потресот може да се излезе надвор и доколку е потребно да се побара помош.

Ова е главниот совет од професорите од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ од Скопје што им го пренесоа на учениците од средното општинско училиште „28 Ноември“ и на вработените во Општата болница во Дебар во рамки на обуката која се одржа на 13 февруари, што е дел од проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА).

Целта е да се едуцираат средношколците што треба да направат за да се заштитат себеси во случај на поголем земјотрес, а вработените во болницата и како да им помогнат и на пациентите кои во тој момент таму се лекуваат.

Марта Стојмановска
Проф. д-р Марта Стојмановска

„Земјотресите не убиваат. Убива стравот и паниката, како и неправилно изградените објкети. За време на земјотрес, доколку сте во училница, не треба панично да излегувате и да трчате надвор, туку да се засолните под клупите додека трае потресот. Доколку сте во просторија во која нема каде да се засолните, нема клупа или маса, клекнете во некој агол и со рацете заштитете ја главата. Откако ќе заврши потресот тогаш, соодветно на планот за евакуација, полека се напушта објектот и се следат упатствата од наставниците“, објасни проф. д-р Марта Стојмановска, вонреден професор на ИЗИИС.

Посетата во Дебар беше втора од вкупно три обуки кои ќе се одржат во неколку градови во Македонија, а целта е да се подигне свесноста на институциите, здравствените власти, училиштата и локалната заедница во пограничниот регион на Македонија, Албанија и Грција за ризикот од земјотреси и секундарниот ризик од ерозија на земјиштата.

Професорите од ИЗИИС велат дека граѓаните треба да знаат како се заштитат и како да си помогнат при посилни земјотреси, во моментите додека чекаат помош.

„Дебар е избран како еден од градовите во рамки на кои ги држиме овие обуки со цел зајакнување на општата свест од сеизмички ризик, особено во пограничните реони со Република Албанија и со Република Грција. Во случај на некој посилен земјотрес она што е клучно е да се пружи брза помош на повредените настраданите и што побргу да се вратат во функција сите оние клучни сервиси. А за тоа најмногу можат да помогнат соседите, па затоа овој проект е таргетиран кон одредени целни групи во пограничните региони паралелно со соседните градови и во Република Албанија и во Република Грција. Како таргет групи се избрани средни училишта, болници, невладини организации. Вработените во болниците е неопходно да ја имаат оваа обука, не само за да си помогнат себеси туку и да се грижат за пациентите кои моментално се наоѓаат во болниците. Секако, ако се случи немил настан во соседната држава ќе ги знаат чекорите како да излезат во пресрет и на колегите“, вели професорката Стојмановска.

Барајте заштита под цврсти предмети

Меѓу советите кои ги добија и средношколците и вработените во дебарската болница беше и тоа дека при земјотрес, не се толку заштитени ако стојат под касата на вратата – совет кој кај нас се пренесува со генерации.

„Тоа правило важело порано кога и градбите на објектите биле поинакви. Денес веќе не важи“, децидни се професорите, експерти во оваа област.

Друго потенцијално опасно место за засолнување при земјотрес е и близу до прозорците поради можни повреди од кршење на стаклата. Исто така, небезбедни се и места покрај ѕидови на кои има ставено полици, слики и разни други предмети, кои при земјотресот може да нè повредат.

Во Македонија, како земјотрес со најсилен интензитет и најголема разорна моќ се смета Скопскиот земјотрес од 1963-та година. Но, од ИЗИИС истакнуваат дека земјотрес со нешто поголема магнитуда, но со ист интензитет во кој биле урнати голем број објекти се случил и во Дебар четири години подоцна, посочувајќи го овој град како потенцијално трустно подрачје за што е неопходна свесност кај населението.

проф. д-р Кемал Едип, ИЗИИС

„Земјотресите се природна појава и тоа е резултат на движење на тектонските плочи. Ние сме во сеизмички активен регион и треба да бидеме подготвени да живееме со земјотресите. Првенствено, за време на земјотресот не треба да креваме паника, треба да имаме разумно однесување, да се однесуваме согласно она од обуките кои ги држиме и ние во ИЗИИС. Идејата е, подетално да се даде информација на учениците од средното училиште и на вработените во болницата како треба да се однесуваат за време на земјотрес. Општина Дебар има искуство од претходниот век со голем земјотрес каде голем дел од објектите биле урнати. Затоа сметавме дека е пожелно да ги потсетиме луѓето како треба да се однесуваат и што треба да направат во случај на земјотрес“, вели професорот Кемал Едип од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Препораката да се остане внатре во објектите додека трае потресот, вели професорот Едип ја даваат, бидејќи повеќето објекти во земјата се градени така што при поголем земјотрес може да имаат оштетувања, но не и да се урнат и дека граѓаните може да се повредат баш во моментите кога панично трчаат за да излезат надвор.

Професорката Стојмановска додава дека потврда за тоа дека објектите, особено во Скопје, се добро градени и се издржливи на посилни земјотреси е и земјотресот што се случи во 2016 година.

Свесноста за земјотресите може да спаси живот

Професорот по македонски јазик во средното училиште „28 Ноември“ во Дебар, Џевит Мифтаровски смета дека овие обуки се добредојдени и корисни за учениците. Тој вели дека лани бил на час токму во училницата во која се одржа обуката кога се случил посилен земјотрес. Притоа, дел од учениците реагирале соодветно и се засолниле под клупите, но дека повеќето почнале панично да трчаат сакајќи да излезат надвор.

Главната сестра во Општата болница во Дебар, Леши Мирибана е од помладата генерација и не се сеќава на големиот земјотрес, бидејќи тогаш имала само една година. Таа признава дека нема едукација како треба да се справи во таква ситуација, и затоа обуките што ги прави Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ги смета за многу корисни.

Дебар и околината се зона на земјотреси кои ги има одвреме – навреме. Повозрасните се сеќаваат на разорниот земјотрес пред повеќе од 50 години, но тлото продолжува да се тресе со помал интензитет и понатаму. Средбата со професорите од ИЗЗИС е добра прилика да се научат важни совети за реагирање и справување со вакви ситуации во иднина. Дебар е познат како хуман град и токму младите и медицинскиот персонал се оние кои најмногу можат да им помогнат на граѓаните при евентуални природни непогоди како што се змејотресите. А, за тоа, покрај хуманост, потребна е свесност и знаење.


 

Обуката се одржа во рамки на проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“ (ИСРА). Проектот е финансиран од Европската Унија, а го води Институтот за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија (ИЗИИС), во соработка со Институтот за комуникациски студии, Аристотел универзитетот од Солун, Грција, Фондацијата Еуцентре од Павија, Италија и Политехничкиот универзитет од Тирана, Албанија.