Презентација на образовен модел за граѓанска вклученост преку медиумска писменост
ИКС организираше работни средби со професори од повеќе средни училишта од Скопје, како и претставници на ИРЕКС, Младински образовен форум (МОФ), и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), кои ги изнесоа своите мислења и препораки за македонскиот модел за поттикнување граѓанска вклученост преку медиумска писменост. ИКС го разви овој модел во рамки на проектот Инклузивно и креативно медиумско образование (ICME).
Бојан Георгиевски, проект менаџер во ИКС, го презентираше моделот и неговите цели, како и теоретската рамка на која се заснова овој модел.
Тој ја објасни позадината на проектот и чекорите што треба да се преземат во наредниот период во однос на тестирањето и адаптацијата на моделите од Финска и Италија.
Снежана Станкова, професорка во гимназијата Никола Карев, го презентираше своето искуство во тестирањето на моделот со своите ученици, односно предавање на теоретските лекции предвидени со моделот, како и планирање и спроведување на кампањи од јавен интерес.
Учениците ќе ги реализираат своите кампањи во текот на месец јуни.
Проектот Инклузивно и креативно медиумско образование (ICME) има цел да развие оперативни модели на иновативни активности за медиумска писменост кои можат успешно да се спроведат во различни медиумски образовни контексти кои ги преминуваат културните, националните и јазичните граници.
Меѓународниот конзорциум ќе пилотира оперативни модели насочени кон професионалците за медиумска писменост и други засегнати страни кои работат со различни целни групи, како што се наставниците и едукаторите и младите луѓе.
Проектот е со времетраење од две години (2023-2024) и е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.