fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Отвореноста на институциите обезбедува отчет пред граѓаните

Отвореноста на институциите обезбедува отчет пред граѓаните

Само со поголема транспарентост на јавните институции може да се обезбеди отчетност на трошењето на парите на граѓаните што се одлеваат од државниот буџет. Институционалната транспаретност е подобрена изминатите години, но перцепцијата на граѓаните сепак е разочарувачка, а јавната доверба во институциите е ниска. Ова беше кажано на конференцијата „Транспаретност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја организира денеска.

Во воведното обраќање, директорката на Институтот Жанета Трајкоска кажа дека има епидемија на недоверба во трите власти: извршната, законодавната и судската и дека тоа е шлаканица за сите. Таа ја нагласи важноста од транспаретно и отчетно работење како клучни за довербата на граѓаните.

„Длабоко веруваме дека колку е поголема отчетноста, толку поуспешни ќе бидеме во справувањето со злонамерните дезинформации и пропагандата кои предизвикуваат хаос во јавниот простор, ја намалуваат довербата и ги пасивизираат граѓаните“, изјави Трајкоска.

Во своето излагање, премиерот Димитар Ковачевски рече дека е задоволен од нивото на транспаретност на Владата бидејќи таа е респонзивна на барањата за слободен пристап до информации и, генерално, во активната транспаретност. Негативните оценки од граѓаните, според него, се должат на перцепција, а не на статистички податоци. Ковачевски најави дека транспаретноста на Владата и на јавните институции ќе се зголемува со транспарентно објавување на сите јавни набавки. Премиерот оцени дека транспаретноста може нема да гарантира доверба, но дефинитивно нетранспаретноста гарантира недоверба.

„Граѓаните ја градат довербата врз основа на перцепција и лични искуства, ретко врз основа на факти. Транспаретноста може да биде висока, а довербата ниска и за тоа има повеќе фактори. Ако излеземе сега и ги прашаме граѓаните, нивните одговори ќе бидат врз основа на перцепцијата на која влијаат и медиумите од кои тие се информираат“, кажа премиерот Ковачевски.

Ковачевски смета дека има простор да се подобри транспартеноста во судството, законодавната и локалната власт.

Амбасадорот на Обединето Кралство во Северна Македонија,  Метју Лосон, нагласи дека отвореноста на владите е важно за откривање и спречување на корупцијата, што е главна грижа на граѓаните. Тој посебно ја напомена важноста за финансиска транспаретност и за тоа како се трошат парите на даночните обврзници.

„Корупцијата е најголем проблем со кој граѓаните се соочуваат, ја наштетува демократијата, ги нарушува условите за живот и социјалната кохезија. Многу е важно да се има увид како се трошат парите од народот, како судиите и обвинителите придонесуваат за тоа. Улогата на медиумите е клучна – ние ги поддржуваме оние кои го штитат јавниото интерес“, изјави амбасадорот Лосон.

На конференцијата ќе бидат понудени нови перспективи и пристапи за зголемување на довербата во владините институции, со фокус на транспарентноста и отчетноста во владеењето на правото и корупцијата. Институтот за комуникациски студии ја организира конференцијата во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.