fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Многу стативи за македонскиот фудбал

Фудбалот е игра којашто маѓепсува милиони луѓе во светот, кои делат исти страст и пасија. За да се стане еден од оние кои ќе истрчаат на зелениот терен, се потребни многу напори, непроспиени ноќи, талент, посветеност, издржливост, дисциплина. Меѓутоа, за развој на фудбалот, потребни се и пари, стратегија и сериозни вложувања во инфраструктура. Токму овие предизвици се исправени пред македонскиот фудбал. Македонската лига е неквалитетна, а младите фудбалери тешко добиваат шанса нивниот квалитет да биде препознаен за да заминат во странство, а потоа да бидат носители на репрезентацијата.

Легендата на македонскиот фудбал Дарко Панчев, добитник на „Златната копачка“, гледа празнина во системот кога талентираните играчи доаѓаат до фаза да не можат да го продолжат развојот. Затоа, популарната „Кобра“ вели дека ни е потребна лига за играчите до 23 години каде што талентите внимателно ќе се следат или да има Б-тимови од коишто потоа ќе се влечат кадри.

„Треба да се направи лига за играчи од 18 до 23 години. Тоа како пример го има во многу европски земји. И сите што се талентирани играчи играат таму. Земаат одредена плата за да можат нормално да живеат, бидејќи фудбалот е напорен спорт, добра исхрана, одмор итн. Но, тоа е така направено за тие играчи да се следат и кој како се развива клубовите да си го повлекуваат, да може да играат за прва екипа и да потпише професионален договор. Меѓу младите генерации има деца кои се пробиваат и израснуваат малку побрзо, го покажуваат својот талент на 17, 18 или 19 години. Има некои деца кои малку подоцна созреваат, можеби на 21 или 22 години. Тие деца ние не ги следиме и голем дел од нив потоа пропаѓаат, се разочаруваат итн. Така што, лигата би овозможила тие таленти кои малку подоцна созреваат да ги имаме на увид и да ги повлекуваме после во нашите екипи од кои што секако понатаму може да има голема корист и нашата репрезентација“, објаснува Панчев.

Ѓорѓи Христов е уште еден напаѓач кој своевремено ги тресеше противничките мрежи за репрезентацијата на Македонија и имаше интернационална кариера. Сега е тренер и работи со млади категории. Според Христов, Македонија има сериозен проблем со недостигот од инфраструктура.

„Ние реално немаме А лига, а не Б. Има во рамките на ФФМ натпреварувања – младинци, кадети, помали пионери, постари пионери, петлиња, детска лига, но сѐ е тоа импровизација. Кога падна првиот дожд немаше натпревар на цела територија на Македонија што не беше одложен, цело коло, цело првенство. Имаме еден стадион што исполнува критериуми на УЕФА и на ФИФА, тоа доволно говори. За спортски комплекси, го имаме на Федерација и комплексот што Горан Пандев го направи во Струмица. Во една држава во којашто имате два-три терени како можат тие деца да се натпреваруваат? Имаме масивност во фудбалските школи, каде што тренинг или натпревар може да се направи на 10 или 20 квадрати. Но, како децата растат потребен е терен 105 на 60 м2 и доаѓаме до ситуација после 13-тата година децата да исчезнуваат. Не продолжуваат бидејќи немаат каде“, вели Христов.

Наумче Мојсовски, поранешен ракометен репрезентативец, а сега прв човек на Агенцијата за млади и спорт, смета дека децата до 15 години имаат добри услови за развој, но оти потоа постои „дупка“ што клубовите не можат да ја пополнат. Од друга страна, вели Мојсовски, се отворија многу школи, а тоа наместо квалитет, донесе квантитет.

„Се направија многу школи што за мене е недозволиво и не се согласувам со тоа. Гледаме дека секој што завршил Факултет за физичко образование, спорт и здравје направи школа. Се направија школи што не се поврзани со клубовите. 99% од школите немаат прв тим и кога децата веќе немаат каде да одат не можат како да се спојат со другите клубови. Најголемиот проблем е што буквално секој што завршил факултет може да има школа, лиценца и да обавува тренерска работа. Се работи до 13 години и тој „сетап“ што треба да преовладува од 13 до 18 години го немаме и тука паѓаме. Најдобрите тренери треба да ги ставаме во младите категории. После, над 18 години не треба многу квалитетен тренер, после некои работи само се повторуваат. Се надевам дека ќе сфатат тренерите дека најбитните работи се школите. Гледаме дека големи тимови кои во Македонија се стандардни во лигата со децении имаат послаби младински категории“, изјави Мојсовски.

Парите имаат огромна улога во фудбалот

Македонија не се пласираше на европското првенство. Иако објективно, групата беше тешка, а впечатокот е дека нашите репрезентативци не разочараа, сепак, јасно е дека проблемите и предизвиците кои со години се провлекуваат претставуваат пречка за остварување респектабилни резултати. Евидентно беше дека имаше влијание фактот што добар дел од нашите првотимци не се стандарди во нивните клубови. Но, клучот на проблемот е сепак дома и треба да се работи за да се надмине.

На Македонија итно ѝ е потребна стратегија. Фудбалот стана спорт каде што се вртат огромни суми пари и потребно е да се инвестира. Секако дека не можеме финансиски да се мериме со најсилните, но, може да се направат чекори како некои соседни земји, кои со мудри политики создадоа резултати, велат нашите говорници.

„Фудбалот стана премногу зависен од пари. Порано не беше така. Немаше толку пари во оптек, талентите добиваа повеќе шанси, се гледаше повеќе на квалитетот. Сега се гледа многу од материјален аспект. Меѓутоа, ако сакаме да имаме добри резултати, мораме тоа да го следиме. Јас сум веќе 25 години вратен во Македонија и неколку пати досега имам кажано дека ниту една власт досега не направи добра стратегија за развој на спортот. Видете како е финансирањето во други земји од страна на државата и државни и приватни компании што го помагаат спортот. Кога ќе се направи стратегија, финансирање, развој на нашите спортисти и овозможување подобри услови за работа, секако дека резултатите ќе си дојдат“, вели поранешниот фудбалер Дарко Панчев.

Фудбалскиот тренер Ѓорѓи Христов смета дека е потребна доедукација и на стручниот кадар.

„Ако ги слушаме функционерите на ФФМ, политичарите ќе мислиме дека живееме во Англија, дека имаме добри стадиони, добри терени, добри сали, но, тоа е далеку од вистината. Срамота е да се гледа македонското првенство, а не да се коментира или да се анализира, срамота е да се каже од каде доаѓаме кога разговараме за фудбал. А од друга страна, очекуваме некоја наша селекција да учествува на некоја завршница на европско или светско првенство. Да не го заборавиме и стручниот кадар. Многу ретко кај нас тренерите сакаат да се едуцираат, да напредуваат, да одат надвор, да научат нешто, да „украдат“ нешто и да се примени кај нас“, вели Христов.

Владата донесе измени во Законот за спорт. Сега парите директно ќе се распределуваат до клубовите и федерациите, а не тоа да оди преку приватни компании како претходно, кога на дело се покажа дека решението има сериозни „фалинки“ што отвори сомнеж и за малверзации.

„Нема да се вика ваучер, ќе се вика директна државна помош. Најголемите проблеми настануваа зашто ваучерот го доделуваше државата на спортистите, а потоа спортистите (федерациите или клубовите) со ваучерот одеа во фирмите да бараат средства. Имаше многу фирми кои бараа средствата да им се вратат назад, ги тераа спортистите на криминал, а на крајот спортистот кој е заслужен не ги добиваше тие средства. Сега тоа повеќе нема да се случува. Државата ќе им ја вбризгува помошта директно на спортистите, клубовите и федерациите, на нивните сметки, двапати годишно – еднаш во март и еднаш во јули“, објасни директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

Интересни факти за македонскиот фудбал

  • Спортската историја на самостојна Македонија почна на 13 октомври 1993 година. Македонија го одигра првиот фудбалски меч против Словенија во Крањ и славеше со 4:1.
  • Македонија стана членка на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во 1994 година.
  • Во  изминатите 30 години, откако Фудбалската федерација на Македонија беше примена во полноправно членство во ФИФА и Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА), има одиграно 280 официјални натпревари.
  • На овие 280 натпревари, репрезентацијата на Македонија има забележано 87 победи, 70 завршиле нерешено, а на 123 натпревари била поразена.
  • Првиот голем историски момент за паметење е на квалификациите за Светското првенство во Франција, во Вадуз, на 9 ноември 1996 година, кога Македонија го победи Лихтенштајн со резултат 11:1.
  • Втората највисока победа Македонија ја забележа во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година против Ерменија со 5:0, и тоа на гости во Ереван на 11 ноември 2021 година. Три голови даде Барди и Трајковски и Ристевски по еден.
  • Историски ден е и 24 август 2017 година, кога ,,Вардар” забележа неверојатна победа среде Истанбул над ,,Фенербахче” (2:1) и се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа.
  • Во 2020 година, Македонија се пласираше на Европското фудбалско првенство за прв пат од осамостојувањето. Хероите на репрезентацијата на чело со капитенот Горан Пандев, а предводени од селекторот Игор Ангеловски ја израдуваа целата нација.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска