fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Нова генерација млади луѓе обучени за создавање содржини за дигитални медиуми

Желни да осознаат како се создаваат и консумираат содржини на интернет, 56 млади луѓе учествуваа на третата генерација на Мастер часовите за медиуми и новинарство, што Институтот за комуникациски студии ги спроведе во текот на февруари и март. Мастер часовите беа дизајнирани во серија презентации, вежби и дискусии, за да ги оспособи учесниците со вештини потребни за дигиталната ера.

Младите луѓе се запознаа со динамиката на консумирање онлајн содржини, причините за дигиталните навики на публиката и важноста за создавање привлечни онлајн наративи. Тие учеа за правилата и техниките за пишување на веб и како да раскажуваат приказни што ќе бидат автентични и релевантни. Деконструираа и пишуваа новинарски статии за да го подобрат нивното разбирање за наративната структура и важноста од јасно и кохерентно раскажување на приказните. Исто така, креираа инфографикони за да ги визуелизираат податоците во нивните приказни. Учесниците се стекнаа со вештини за продукција на видео содржина со нивните паметни телефони, користејќи мобилни апликации за уредување видео. Учеа како да ги раскажуваат приказните преку слики и луѓе, како да снимаат на терен и да монтираат.

Мастер часовите понудија практични совети како оптимизираната содржина може значително да ја зголеми видливоста и влијанието на интернет, а на дискусијата за промовирање на веб-содржини на социјалните медиуми се разговараше за тоа како овие канали можат да се употребат за поголемо ангажирање на публиката. Значителен фокус беше ставен на проверката на визуелните информации во ерата на дезинформации, особено на содржината манипулирана со вештачка интелигенција, при што се разгледуваа практични примери и алатки за проверка на фотографии и видеа.

Учесниците, после завршувањето на Мастер часовите за медиуми и новинари, изработуваа финални медиумски продукти кои се објавени на www.medium.edu.mk.

Мастер часовите за медиуми и новинарство беа спроведени во соработка со ИРЕКС како дел од УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.