fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Ајде да зборуваме за штетните наративи!

Во последно време сѐ почесто се спомнуваат поимите дезинформации, погрешни и злонамерни информации, пристрасно селектирање, теории на заговор или демонизирање на противник. Сите овие имаат заедничко име – штетни наративи, а заедничката цел е да направат паралелна реалност и да создадат лажна вистина.

Институтот за комуникациски студии, напоредно со истражувањето „Мерење на политички штетни наративи – Штет-на“, подготви серијал на видеа кои ги објаснуваат штетните наративи со кои луѓето, а пред сè политичките актери се служат со цел да го манипулираат јавното мислење.

Штетните наративи се креативни начини на манипулација

Креативноста на оние што сакаат да направат штета е неограничена, па затоа и штетните наративи се многу на број. Овие појави не се создадени за да ја информираат јавноста, туку да ја убедат во лагата што ја смислиле, да бидат уверливи па дури да почнат и сами да веруваат во она што го зборуваат.

Иако носите часовник, сепак ги читате вестите за тоа колку е часот.

Малинформации  се ако ви кажат погрешно време за некоја минута или секунда, оти на новинарот што ја шири веста не му е точен часовникот.

Дезинформација е ако ви каже дека е ноќ, наместо ден и се обидува да ве убеди во тоа.

Злонамерна информација е ако ви го украде часовникот и притоа ве натера да му се извините што неговиот часовник по некоја случајност бил на вашата рака.

Но дали има штета доколку гледам дека чашата има рачка, но тоа го сокријам од вас? Ова е пристрасно селектирање заради некоја цел.

Штетен наратив е и ако ве убедувам дека постои група на луѓе кои воопшто не ги познавате, но одамна коваат план како да ве ограбат. Ваквите теории на заговор се честа појава кај политичарите.

Сепак, најголемиот гнев оди кај нивните противници, особено ако водат малку повеќе од нив на анкетите. Тогаш не се бираат зборови за да се оцрни нивната личност.

Фотографија со телевизори, на кои се гледаат различни знамиња.Странците секогаш биле дел од големата слика кај нас, затоа најчесто се дел од приказните со кои треба да се исплаши народот за наводно странско влијание во донесувањето на некоја одлука или политика. Ова е исто така еден од честите штетни наративи.

Но еден од омилените „спортови“ на нашите политичари е правењето поделби. Така тие се заради различностите во раса, религија, политичките убедувања и идеологии, а по најново вакцинирани и невакцинирани, вегани и вегетаријанци и уште какви ли не поделби.

Политичките наративи на поттикнување поделби предизвикуваат паника, страв и несигурност кај јавноста и целта им е да направат раздор за да се зголеми поделбата во општеството.

Јас сум Катерина Топалова, имам своја религија, пол, боја на кожа, вакцинален картон и брачен статус, но тоа не ме прави ниту подобра ниту полоша од вас што го гледате ова видео а имате многу разлики со мене, затоа што имаме иста цел – да ги откриваме штетните наративи и заеднички да се бориме против нив.

До следното издание, погледнете го истражувањето Штет-на. Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.