fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

#КористиФакти: Нов проект на ИКС за препознавање и спротивставување на дезинформациите

Институтот за комуникациски студии (ИКС) започнува проект кој ќе обезбеди поддршка на граѓаните, новинарите и граѓанските организации да го зголемат јавното разбирање за потеклото, мотивите и влијанието на дезинформациите во општеството. Проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија“ е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае до март 2025 година.

ИКС, преку своите медиумски онлајн платформи, ќе истражува, открива и деконструира кои се намерите, изворите и наративите на дезинформирање кои се закануваат да ја поткопаат довербата на јавноста во институциите и да ги зголемат поделбите во општеството. Овој пристап ќе ја нагласи штетата предизвикана од дезинформациите во Северна Македонија.

Во проектот ќе се изработуваат аналитички и истражувачки новинарски стории, ќе се понудат обуки и образовни ресурси за граѓаните и новинарите и ќе се спроведуваат медиумски кампањи за подигање на јавната свест. На овој начин ќе се помогне граѓаните, особено ранливите групи, да разликуваат веродостојна од злонамерна содржина и да се информираат од точни и професионални медиумски производи, со што треба да се намали влијанието на дезинформациите во општеството.

Проектот, во партнерство со други медиуми, ќе се залага и за транспарентност и одговорност на властите за да се зајакне довербата на јавноста во институциите и да се намали ширењето на дезинформации. Подобрената комуникација со институциите треба да ги поттикне граѓаните да ги притискаат властите да одговараат на нивните потреби.

Во изработката на новинарските стории и медиумските продукти и спроведувањето на проектните активности ќе бидат вклучени медиумските онлајн платформи на ИКС – Само прашај, Дома, Рес публика и Медиум, медиумскиот партнер СДК.мк, како и други медиуми, граѓански и академски организации, јавни институции, стручњаци, активисти и останати граѓани од државата и регионот.