Повик за практиканти и волонтери за млади новинари и истражувачи
Институтот за комуникациски студии (ИКС) објавува повик за практиканти и волонтери за млади новинари и истражувачи, во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и ќе трае до март 2025.
Повикот е наменет за млади луѓе до 25 години кои се новинари на почетокот на кариерата, студенти по новинарство, студенти на општествени и природни науки или имаат желба да се бават со истражување или медиуми.
Избраните кандидати ќе имаат можност да се дел од динамична група на професионалци со повеќегодишно искуство, во реноминарана високообразовна институција каде владее академска атмосфера водената од правилото на колективно учење и надоградба.
1. За проектот
Проектот „Користи факти“ треба да ја зајакне отпорноста кон дезинформациите на широката јавност и ранливите групи во Македонија. Тој цели да создаде длабински анализи, истражувачки стории, едукативни содржини и да понуди ресурси кои ќе ги мотивираат граѓаните поангажирано да дејствуваат во општествените случувања и ќе ја зголемат транспарентноста на институциите, со што ќе се намали просторот за ширење дезинформации.
Крајната цел на проектот е да се сензибилизираат граѓаните кон препознавање на структурата и содржината на дезинформациите, да се имунизираат против нивно ширење и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики.
Секоја година, проектот ќе биде насочен кон актуелни теми за кои најмногу се шират дезинформации во Македонија. Во првата година, темите се однесуваат на климатските промени и македонските ЕУ интеграции. Производите создадени во овој проект ќе бидат пласирани на медиумските онлајн платформи на ИКС, но и на други партнерски медиуми на проектот.
- Само прашај (samoprasaj.mk) – Платформа за комуникација со јавноста преку овозможување дијалог, одговарање на прашања, истражување и информирање за теми од јавен интерес.
- Дома (doma.edu.mk) – Еколошка и едукативна платформа која истражува и едуцира за теми поврзани со животната средина, биодиверзитетот, одржливите практики и еколошката свест.
- Медиум (medium.edu.mk)– Платформа за едукација на граѓаните во областа на медиумската писменост, пред сè на младите луѓе, која нуди простор за создавање на содржини од нивна страна.
- Рес публика (respublica.edu.mk) – Блог кој претставува иницијатива за дигитално граѓанство и ја јакне улогата на академската и стручната заедница во штитењето на јавниот интерес.
2. Работни задачи и предиспозиции
Практикантите и волонтерите ќе бидат дел од редакцијата која ги раководи медиумските онлајн платформи на ИКС. Тие, индивидуално или во мали тимови, ќе добиваат истражувачки и новинарски задачи во форма на: спроведување на интернет истражување, разговор со стручни лица, добивање на информации од службени гласила и известување, комуникација со јавни институции, анализа на добиени информации, складирање, чување и раководење на дата база на информации и сл.
Кандидати треба да имаат основни компјутерски вештини, познавање за интернет пребарувања, добра работна етика и да се подготвени за тимска работа. Задолжително е познавање на англискиот јазик.
3. Начин на пријавување и селекција
Заинтересираните кандидати/ки треба да испратат биографија (CV) и мотивациско писмо најдоцна до 20.9.2022 на е-адресата .
Насловот на пораката треба да биде:
Практикант / Волонтер – Име и презиме (на пример: Практикант – Дејан Андонов)
Избраните кандидати/ки ќе бидат повикани на разговор.
Лице за контакт:
Дејан Андонов, програмски координатор во ИКС – ; 071 317 661