fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Жените сè уште не се добредојдени во политиката

Ако некогаш убиствата на жени политичарки беше појава во т.н. држави со недоволно демократија (Индира Ганди, Беназир Буто), Европа го разби тој мит откако на европско тло се случија два ужасни настани: кукавичките убиства на шведската шефица на дипломатијата Ана Линд и на британската пратеничка Џо Кокс.

Можеби потсетувањето на овие два трагични настани не е соодветен вовед, но кога станува збор за темата за учеството на жените во политиката и насилството кое понекогаш се применува врз нив во различни форми, тогаш овие два примера се реален приказ за тоа дека е потребно да помине уште долго време за жените да се чувствуваат добредојдени во „машкиот клуб“, како што мислат мажите за политиката.

„Џо Кокс беше прекрасна млада жена, пратеничка којашто беше избодена до смрт кога одеше на активност, од екстремен десничар“, потсети британската пратеничка Јасмин Куреши, на Конференцијата што се одржа во Скопје насловена како „Насилство врз жените во политика“ и на која се презентираа и можни решенија за поголемо политичко учество на жените.

Јасмин Куреши, пратеничка во Британскиот парламент (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

Македонија не може да се нарече најлош пример за вклученоста на жените во политиката. Законската квота за 40% застапеност на жените на кандидатските листи ја исполнија сите политички партии на последните парламентарни избори. Вкупно 42,78% од кандидатите за пратеници беа жени. Но бројни невладини организации укажуваат дека многу партии ги формираат кандидатските листи со цел формално да ја задоволат квотата. Па така, во новиот состав на Собранието се избрани само 43 пратенички (од вкупно 120), што е 4 помалку од минатиот собраниски состав. Но, кога ќе се надоврзат локалните избори, состојбата е поразителна. Избрани беа само две градоначалнички на ниво на цела држава. Кај советничките, пак, има извесно подобрување со 491 избрана советничка или 36,45 отсто.

„Ова е дебакл, катастрофа“, вели Гордан Георгиев, претседател на Форум за разумни политики, презентирајќи ја анализата која што ја изготвија заедно со британската Вестминстер фондација.

Жените заработуваат помалку од мажите

Споредбените искуства покажуваат дека во различни земји, родовата еднаквост различно се применува.

Ендру Бренд, раководител на програми во Британската амбасада во Северна Македонија (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

„Неодамнешно истражување објавено во март минатата година, под наслов ‘Жените во политиката и јавниот живот’, забележа дека помеѓу 1918 и 2023 година, 561 различни жени биле избрани за пратенички во Долниот дом во Обединетото Кралство“, вели Ендру Бренд, раководител на програми во Британската амбасада во Северна Македонија.

Обединетото Кралство имаше и три жени премиерки, Маргарет Тачер, Тереза ​​Меј и Лиз Трус, што секако е недоволно.

„Извештајот, исто така, забележува дека и во политиката и во јавниот живот во Обединетото Кралство, гледано историски, жените биле недоволно застапени. Во последниве години, застапеноста на жените е зголемена, иако во повеќето случаи мажите остануваат повеќе застапени, особено на повисоки позиции“, вели Бренд.

Општо познато е дека жените во просек заработуваат помалку од мажите, што може да им го отежне самофинансирањето на кампањите или придонесот кон политичките партии.

Мирела Арќимандрити, директорка на Центарот за развој на родова алијанса од Албанија (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

Некои примери од соседството покажуваат дека затвореноста на политиката кон жените има загрижувачки размери.

Имаме 50 пратенички од вкупен број на 140 пратеници“, вели Мирела Арќимандрити, директорка на Центарот за развој на родова алијанса од Албанија. Нејзината препорака е при повратот на трошоците за изборите политичките партии да бидат условени со родовите квоти.

„Не би имале жени во политиката во секоја од земјите од Западен Балкан доколку не постојат родовите квоти“, заклучува Арќимандрити.

Градоначалничките реткост во Македонија

Но, се чини дека и квотите не се доволен поттик додека општествата не созреат доволно за да ги прифатат жените и надвор од традиционалната улога.

„Стереотипите и предрасудите се присутни во јавниот дискурс“, вели Дона Костуранова, директорка на Вестминистер фондацијата за демократија за Македонија.

Дона Костуранова, директорка на Вестминистер фондацијата за демократија за Македонија (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

„Учеството на жените во составите на владите не може ни да се приближи до било каков паритет а некогаш се и во едноцифрени проценти. Кај парламентарните партии во нашата земја само во две жени успеале да бидат на највисоката раководна позиција. Слично е и кога станува збор за раководните органи на самите партии“, вели Костуранова.

Таа го истакнува и податокот дека на последните локални избори имало само 27 жени кандидатки за градоначалник од вкупно 600 кандидати, што резултираше само со 2,5 отсто жени градоначалнички. „Во Собранието по изборите имаше 40,2 отсто избрани жени пратенички а процентот порасна на 42,5 отсто по промените во составот“, додава Костуранова.

Пораката на пратеничката од британскиот парламент Јасмин Ќуреши до жените е да ги тргнат настрана стравовите и храбро да зачекорат во политиката. „Мојата порака до сите жени е, ве молам не се грижете за заплашување, не се грижете за стравови, злоупотреба, треба едноставно да се вклучите во политика, да ги правите работите што можат да направат значителна разлика во вашата земја, со верба во вашата држава, верба во луѓето“, вели таа.

„Сигурна сум дека доколку жените ги водеа работите, немаше да ја имаме финансиската криза, или некои од војните кои се водат низ светот, затоа што мислам дека во целина, жените се повеќе кооперативни“, истакнува Куреши, која како Пакистанка успеа да урне многу бариери и да стане една од првите три жени муслиманки која влегла во британскиот парламент – позиција што ја вброи меѓу најгласните поборници за зајакнување на инклузивноста и застапеноста во демократските процеси на маргинализираните заедници.

Жените на удар во социјалните медиуми

Меѓутоа бариерите не потекнуваат само од мажите, туку понекогаш и од медиумите.

„Медиумите оставаат простор за широка застапеност на антиродови наративи и простор за ширење на дезинформации. Социјалните медиуми се една од клучните алатки за креирање и ширење на родови дезинформации и на тој начин стануваат плодна почва за родово базиран говор на омраза, родово базирано вознемирување кое што најчесто е преку сексуализација на жените и на овој начин се води кон нивна дехуманизација а често и демонизација и повикување на насилство“, вели Бојана Јовановска, истражувачка за Институтот за комуникациски студии.

Таа порачува дека политичките партии треба да водат сметка за штетноста на одредени наративи и да бидат свесни дека е потребно да ги заштитат своите сопартијки особено во медиумскиот простор каде што се најмногу таргетирани.

Но, се чини не само во Македонија. „Жените почесто се предмет на злоупотреба на социјални медиуми, за разлика од мажите. Не знам зошто е така, но злоупотребата на жените, особено ако сте и жена од немнозинска етничка заедница, степенот на злоупотреба е голем. Имаме пратеничка Дајан Абот, прва црна жена која беше избрана како пратеничка во британскиот Парламент. Беше утврдено дека нивото на злоупотреба на кое таа беше предмет, е поголемо од кон која било личност во Обединетото Кралство“, вели британската пратеничка Куреши.

Во 2023 година, преку проект финансиран од Обединетото Кралство, Вестминстерската фондација за демократија продуцираше Индекс на транспарентност на политичките партии од Северна Македонија. Изнесувајќи ги податоците Ендру Бренд од британската амбасада посочи дека од осумте најголеми политички партии, само една е предводена од жена. Индексот покажа и дека централните структури на речиси сите политички партии немаат жени како членови.

„Ова е клучен момент за решавање на ова прашање во Северна Македонија со оглед на изборите оваа пролет. Обезбедувањето рамноправно учество на жените во владата и советите и на национално и на локално ниво е од клучно значење за подобрување на репрезентативната природа, отчетноста и квалитетот на демократијата. Важно е жените кандидатки да ги имаат истите можности како и нивните машки колеги, да се кандидираат на претстојните избори“, истакна Бренд.

Гордан Георгиев, Форумот за разумни политики (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

„Една од фрапантните бројки што ја дознав е дека од 81 градоначалник во оваа земја, има само две жени“, додаде тој како своевиден потсетник дека земјава уште многу треба да работи на родовата еднаквост.

Во тој правец се и пораките на Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики. „Ова е дебакл кој не смее да се занемари. Но има шанса да се поправи. Следната година имаме локални избори. Тоа се процеси низ кои што мораме да поминеме. Како што успеавме донекаде да го решиме проблемот со жени пратенички или жени советнички, така треба и на локално ниво“, вели тој.

 „Локалните избори 2025 се одлична прилика фронтално да ги нападнеме мажите“, порачува Георгиев.

Британската политика и парламентарките

Анализите покажуваат дека таа битка не е лесна дури и за држави со долга демократска традиција. Во Обединетото Кралство има само 34 % застапеност на жените во Долниот дом на Парламентот, што значи 220 жени од вкупно 650 пратеници, што е највисок процент на застапеност што досега го имала островската земја.

Вклученоста на жените тема во светот

Во Панама, Партијата за Панама има одредба со која се алоцираат 30 отсто од партискиот буџет за обука, за обучување на жени. Парите се алоцираат и дистрибуираат преку Националниот секретаријат за жени, којшто е моќна структура во партијата.

Новата демократска партија во Канада, дава финансиска поддршка на жени и кандидати од немнозинските заедници вклучително и 500 долари за грижа за деца, уште 500 долари за патни трошоци и дополнителни 500 долари доколку една жена се кандидира во место каде што претходниот кандидат се пензионира.

Либералната партија во Канада им ги финансира кампањите на кандидатите,

со покривање на трошоците за грижа за децата, патните трошоци и трошоците за печатење.

Има и други примери на добри практики во Обединетото Кралство, Канада, Австралија и САД, како што е „листата Емили“ што значи поддршка во раните фази во номинацијата на жените, што особено се практикува кај Демократската партија во САД.

Еден многу добар пример има и од Шведска, каде што фракцијата на жени во рамки на Социјалдемократската партија е многу моќна, основана во 1892 година и постојано работи на унапредување на застапеноста на жените во партијата, политиката, донесувањето на одлуки, но има и унапредено и доста други аспекти од животот на населението, жените и мажите. Има обезбедено еднаквост во нивоа каде што претходно ги немало, тие се речиси меѓу првите како промотори на родова и феминистичка политика. Имаат 250 локални клубови во 26 области, имаат поддршка со средства од населението и работат на транспарентен начин, така што населението им верува дека тие работат за поддршка на жените.

Пратеничката Kуреши открива дека Лабуристичката партија на која ѝ припаѓа, долги години работела на тоа прашање.

„Како резултат на овие напори, во 1997 година по изборите се формираше лабуристичка влада, а бројот на жени во парламентот беше највисок дотогаш. Од шест претходно, сега беа 120 жени пратенички. Од нив, 101 беа жени пратенички од Лабуристичката партија кои беа избрани за пратенички во 1997 година“, вели таа.

Јасмин Куреши, пратеничка во Британскиот парламент (Извор: The Westminster Foundation for Democracy (WFD) supports democratization in Western Balkans)

„Лабуристичка партија реши да има систем со листи со најтесен избор на жени кандидати, што значи дека кога една изборна единица избираше кандидат, тие требаше да имаат жена, немаа друга опција. Можевме да го направиме ова.

Како резултат, имавме рекорден број на жени кои се приклучуваа“, откри таа.

Велика Британија усвои и неколку практични работи во парламентот за да им помогне на жените. На пример, доколку некоја жена се породи, или пак посвои дете и не може да дојде во парламентот за гласање, има систем на полномоштво за гласање и некој од нејзините колеги може да го даде гласот за неа.

Нашата земја е несомнено далеку од овој британски пример, но се движи во добра насока имајќи предвид дека вклученоста на жените во политиката и проблемите со кои се соочуваат притоа, станува дежурна тема за што впрочем показател е и конференцијата на која се дискутираше за тоа.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.