fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Зајакнување на едукатори и истражувачи против напливот на дезинформации кај младите

Трендот кај младите луѓе, особено оние на возраст од 18-24 години, сè повеќе да се одвојуваат од традиционалните извори на вести, а вестите нив да ги пронаоѓаат, го нагласуваат различни истражувања. Со тоа, социјалните медиуми, особено ТикТок, стануваат доминантен извор на вести за младите луѓе, што, пак, води кон загрижувачки прилив на неверодостојни информации. Затоа, оние кои работат со младите треба да ги знаат основните алатки за истражување и спротивставување на зголемениот бран на дезинформации кај младината.

Ова беше целта на дводневната обука „Како да се проучуваат дезинформациите кај децата и младите?“, што ја организираше Институтот за комуникациски студии на 28-29 септември. На обуката учествуваа 25 учесници, меѓу кои наставници, професори, млади истражувачи и претставници на невладини организации кои се занимаваат со дезинформациите и младите луѓе.

Обучувачот д-р Јан Бозман од Универзитетот за применети науки Артевелде во Белгија, ја објаснуваше повеќеслојната природа на дезинформациите и им пренесе на учесниците вештини и знаења за проучување на ова комплексно прашање. Тој зборуваше за разликата помеѓу врамувањето на вестите, како прикажување на реалноста преку различни перспективи, и дезинформациите, кои се намерно лажни или погрешни информации. Иако врамувањето не е злонамерно, може да стане дезинформација ако прекумерно ја искривува реалноста.

Учесниците се вклучија во вежби за дизајнирање анкета, тест за писменост за вести, фокусни групи и интервју со размислување на глас во врска со отпорноста на младите на дезинформации. Се разговараше и за неколку решенија за борба против дезинформациите, меѓу кои образованието преку давање приоритет на писменоста за вести во наставните програми, зајакнување на младите луѓе критички да ги оценуваат изворите на вести, да идентификуваат дезинформации и да ги разберат нијансите на врамувањето.

Обуката се одржа во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.