fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

„Сопки“ што ги попречуваат граѓаните да гласаат

На 24-ти април и на 8-ми мај, граѓаните ќе имаат можност да гласаат за претседател на државата, односно за парламентарен состав. Навидум изгледа многу едноставно – излегувате на избирачкото место на кое што гласате, се идентификувате со личен документ и гласате. Но, на денот на изборите, па и додека тече кампањата, може да се случи во од да се случуваат бројни проблеми што ќе оневозможат секој граѓанин да си го исполни своето уставно право – да гласа.

Државната изборна комисија е првиот орган одговорен за спроведување на изборите

За претседателските и парламентарните избори вкупниот број на гласачи кои што се запишани во избирачкиот список изнесува 1 814 317 избирачи, односно 1 815 350 избирачи. Од Државната изборна комисија (ДИК) целат дека на секој избирач му е загарантирано личното избирачко право на денот на гласање.

„Доколку избирачот го нема во избирачкиот список на денот на гласањето, има право да поднесе приговор до општинската изборна комисија во рок од 12 часа. Тоа го пријавува кај избирачкиот одбор, избирачкиот одбор пополнува посебен образец за неможност на гласање и заедно со тој образец избирачот поднесува приговор до општинската изборна комисија. Општинската изборна комисија има рок од 2 часа за кои што треба да одговори со решение во однос на приговорот. По добиеното решение од општинската изборна комисија гласачот се упатува кон избирачкото место за кое е добиено решението“, објаснува Радица Тодоровска од Државната изборна комисија.

Во последниот период граѓаните беа сведоци на бројни дискусии и промена на одлуки во однос на важечки документи со кои ќе може да се направи лична идентификација на денот на изборите. Од ДИК објаснуваат дека граѓаните своето право на глас можат да го остварат со важечки документ за лична идентификација, односно важечка лична карта или важечка патна исправа. На овие избори граѓаните ќе можат правото на глас да го остварат со важечки документ за лична идентификација што го има и старото уставно име, но и документи за лична идентификација чиј што рок на важност истекол 9 месеци пред денот на одржување на изборите, односно тоа е за претседателските избори 24 јули 2023 година и за парламентарните избори 8 август 2023 година.

Проблемите за време на изборите не се новина

Со исполнувањето на граѓанските права се занимава и Народниот правобранител што исто така го штити избирачкото право на граѓаните кои се полнолетни и деловно способни за да не дојде до ситуација да се почувствуваат нееднакви или да не им биде овозможено да го остварат тоа право.

„Кога ќе почувствува дека со самиот однос е попречен во остварувањето на правото или му е оневозможен, му се врши притисок, закана, уцена, не му се дава да го искористи правото да гласа или се бара од него да каже за кого гласал и така натаму, тој има право да се обрати во Народниот правобранител како институција која има бесплатна телефонска линија за време на изборите – 0800 54321, и да пријави секаква повреда на избирачкото право или неправилност во работењето на избирачките органи што го попречуваат во остварувањето на правото, секој работен ден од 8 до 16 часот, по што Народниот правобранител ќе постапи веднаш по пријавата“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик Народен правобранител.

Таа објаснува дека во изминатите изборни циклуси има пријави од граѓани од секаков вид – не можат да се најдат на избирачкиот список, не можат да гласаат претходно на избирачкото место каде што гласале, иако како болно и немоќно лице пријавиле, но не им било испратено избирачки одбор што ќе треба да го спроведе гласањето. Понатаму, се поплакуваат лицата што се на издржување казна затвор, лицата што се во старските домови, лицата со попреченост дека не можат да го остварат поради непристапност на објектот правото на гласање итн. Сите овие проблеми ќе бидат повторно цел на мониторинг за претседателските и парламентарните избори, велат од Народниот правобранител.

„Народниот правобранител веднаш се обидува да најде решение доколку е тоа надвор од законската процедура, односно доколку е постапено спротивно на правната регулатива, а таму каде што има потреба доставува и соодветни укажувања, препораки по писмен пат. Ги бараме одговорите на што пократок временски период за на граѓанинот да му се овозможи во времето додека трае изборниот процес да го оствари правото на глас. Имајќи ги предвид лицата со попреченост, лице кое е неписмено, лице кое не донело придружба за време на остварувањето на правото на гласање, лице со оштетен вид или лице со некаков телесен инвалидитет – тоа е исто така сериозен проблем. Понатаму сериозен проблем претставува комуникацијата со граѓаните и начинот како им пристапувате. Знаеме дека на денот на гласање постои тензична ситуација, сите сакаат да гласаат одеднаш, се создаваат гужви, што сето тоа кај избирачките одбори создава некоја нелагодност. Со новите измени на Изборниот законик се формира дури и посебен центар кој што има за задача континуирано да ги едуцира, да ги обучува гласачите, меѓутоа и избирачките одбори, дури и самата Државна изборна комисија“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Заменичката Народен правобранител апелира секој граѓанин да има непречено право да може да гласа.

„Да не молчат, да не премолчуваат, да си го искористат правото на глас. Да си го бараат избирачкото право за да можат да си го остварат онака како што тоа им е загарантирано на слободни и тајни, непосредни избори. И секоја неправилност благовремено да ја пријават до надлежните органи за да можат да испратат конечно една јасна порака дека никој не може да влијае на нивната одлука“, порачува Бајрамовска-Мустафа.

 

Каде да пријавам доколку не може физички да дојдам до гласачкото место?

 

Доколку физички не можете да дојдете до гласачкото место можни се две ситуации: ако е лице кое е болно или немоќно и од таа причина сака да гласа во својот дом на денот пред изборите треба да достави известување до општинската изборна комсија од неговата/нејзината општина на живеење. Известувањето може да го достави преку полномошник заедно со копија од личен документ најдоцна 7 дена пред денот на изборите. Доколку гласачкото место на денот на изборите ви е непирстапно во тој случај избирачкиот одбор е должен да ви обезбеди до истото да пристапите.

Која е постапката дома да гласа болно лице?

Гласачите кои се болни или немоќни може своето избирачко право да го остварат во своите домови, доколку претходно за тоа достават известување на општинската изборна комисија во општината каде што живеат. Во тој случај избирачкиот одбор ги посетува во нивниот дом и ја спроведува целата постапка за гласање во домот на гласачот при што е должен да му обезбеди тајност на гласачот при остварување на неговото право.

Каде да реагирам доколку ме нема на избирачкиот список?

Доколку не сте запишани во избирачкиот список, може да поднесете барање за запишување на образец Б1 и тоа директно во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК според вашето место на живеење или пак електронски преку емајл адресата . Образецот на барањето е достапен на веб-страницата на ДИК под копчето Избирачки список од каде што истиот можете да го симнете и да го пополните.

Каде да се обратам ако ми е повредено избирачкот право?

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа од сторување на повредата. По примениот приговор ДИК е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука.

Извор: Државна изборна комисија

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Владимир Димоски

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска