fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Општините „тенки“ со пари за реализација на сериозни проекти

Од шупливо во празно. Вака накусо може да се објасни финансиската кондиција на најголемиот дел од македонските општини, особено на оние од руралните подрачја. Локалните самоуправи собираат премалку пари од даноци и други надоместоци, па се потпираат на парите од комуналии што ги добиваат од изградбата на нови згради. Тоа, пак, влијае на дехуманизација на просторот – новите жители си бараат нови градинки, училишта, болници, паркови, а за тоа се потребни дополнителни средства, кои општините не можат да ги обезбедат. Локалните самоуправи зависат од парите кои како дотации им ги префрла централната власт.

Податоците кои ги објави Државниот завод за ревизија не оставаат простор за оптимизам. Половина од вкупните приходи на општините доаѓаат од централната власт како дотации. Со овие пари се финансираат тековни трошоци и плати на вработените во образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Едвај 38 проценти се сопствени приходи на оштините, 6 проценти се пренесен данок, односно дотација од ДДВ, а со по 2 проценти учествуваат приходите од самофинансирачки активности, донациите и задолжувањата. Ова покажува дека македонските општини не се доволно финансиски моќни. Честопати и за едно собираат пари, а за друго ги трошат.

Државен завод за ревизија

Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека општините се многу ограничени во тоа што може да спроведат, кога може да го спроведат и како да се справат со одредени нарушувања.

„Нашите општини, просечно ако ги земете руралните и урбаните општини, некаде од 20 до 25% имаат сопствени приходи во вкупните приходи, значи остатокот е трансфери, донации итн.. Втора работа, која е исклучително важна и која не смееме да ја заборавиме е дали сопствените приходи што ги собираат општините се вистински сопствени приходи. Зошто дали се вистински? Вие собирате еден од главните приходи што просечно зафаќа од 10 до 12% во буџетите на сите општини, како сопствен приход, се собраната такса за јавно осветлување. Собраната такса за јавно осветлување е надомест за услуга, таа треба да оди за јавното осветлување, не треба да оди за плати на вработените во администрацијата. Истото е со уредување на градежно земјиште од кое се финансираат најголем дел од општините. Во најголем дел од развиените земји, тоа е „fee“, односно цена за вие да создадете услуги, инфраструктура, градинки, светлоста ако е нарушена со новиот објект да создадете некои други проодни патишта итн., за инфраструктурата за која е платена таа комуналија“, смета професорот Треновски.

Државниот ревизор Максим Ацевски Изворните вели дека приходи на општините учествуваат со 38%, додека 50% од приходите отпаѓаат на дотациите, односно на трансферите од централната власт.

„Сето тоа укажува дека претстојат дополнителни активности кои општините треба да ги преземат со цел сè повеќе и повеќе да учествуваат со сопствените приходи, а тоа е основната премиса или одредба од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа“, изјави Ацевски.

Како се финансираат македонските општини?

Општините имаат сопствени извори на приходи, дотации од централниот буџет и задолжување. Во сопствените приходи влегуваат: локалните даноци (данок на имот, на промет на недвижности и слично), потоа локалните такси (комунални, административни), локални надоместоци (надоместок за уредување градежно земјиште, надоместоци од комунална дејност), потоа приходи од сопственост (приходи од закупнина, од камати, од продажба на имот), па следуваат приходи од донации, парични казни, самопридонес и слично. Општините не можат да преживеат без парите од централниот буџет, кои ги добиваат како дотации. Тука влегуваат: приходи од ДДВ, наменска дотација за финансирање конкретна активност, капитални дотации за финансирање инвестициски проекти, блок дотација за конкретни програми и дотација за делегирана надлежност од орган на државната управа кон градоначалникот.

И покрај бројните извори на приходи, граѓаните имаат многу забелешки за општините. Бараат училишта, градинки, амбуланти, паркови, улично осветлување, редовно собирање на сметот и одржување на хигиената.

Парите тешко се собираат, а брзо се трошат

Цените на комуналните услуги се исти како пред 20 години кога јас бев градоначалник. Оваа изјава на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов можеби најдобро отсликува зошто услугите што ги добиваат граѓаните се неквалитетни. Во општините, иако парите тешко се собираат, тие брзо се трошат, честопати нерационално.

„Околу 70 проценти од приходите во општините се дотациите. Така стартуваше децентрализацијата во 2005 година, со идеја сопствените приходи на општините да се зголемуваат и тој сооднос постепено да се менува. Еве, 18 години немаме промена. За тоа има и објективни фактори, како поскапувањата што ги наметнаа светските кризи, но, сепак, две решенија се – зголемување на фискалната децентрализација, на учеството (партиципацијата) што државата го дава во општините, но, многу поголемиот резервоар е зголемувањето на сопствените приходи на општините. Тука спаѓаат данокот на имот, таксите за користење на јавен простор за разни манифестации и комуналните такси. Комуналната такса е на исто ниво од времето кога јас бев градоначалник пред 20 години, а е значаен извор. Даноците и особено цените на услугите на јавните претпријатија се депресирани и имаме процес на распаѓање на тие јавни услуги, јавни превози, за чистење на ѓубре итн. Клучниот проблем е, покрај немањето средства, несоздавањето доволно средства во нашата држава за да се полнат буџетите – популизмот. Заради популизмот во општините не се наметнуваат давачки, не се зголемуваат тие, цените се држат прилично ниско и резултатот е неефикасна општина. Општините имаат малку пари, им требаат повеќе пари. Не говориме дали Владата треба да им ги даде или тие треба да ги соберат. Но, и во тој мал обем гледаме голема нерационалност – финансирање на разни манифестации, спортски клубови, нешто што не е од бенефит на граѓаните, а притоа ти недостигаат пари за училиштата, за комунални дејности итн.“, објаснува министерот Пенов.

Според првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, дали општините ќе ги реализираат планираните проекти зависи од два фактора – од индивидуалниот капацитет на градоначалникот, но и од соработката со централната власт. Тој ѝ забележува на Владата за некооперативност, па и за обиди да им направи сопки на општините каде градоначалници се од други партии. Тој вели дека барањата на неколку локални самоуправи да издаваат општински обврзници и да им се олесни собирањето на парите од данокот на имот, не наишло на поддршка од Владата.

„Тука има две причини. Едната причина е неспособноста на одредени локални власти и администрацијата со нив, и немањето пристап и начин како да се забрза процесот, односно да се отстранат недостатоците и да се постигне ефектот којшто според мене, треба да изнесува над 90 проценти наплата. Не сакам да ги нападнам луѓето кои работат таму или да кажам дека се неспособни. Секогаш јас за некој пропуст во општината велам дека ако има недостаток, прстот треба да се впери во менаџерот, не во оној кој треба да ги прими координатите од менаџерот. Но, вториот проблем е несоработката со централната власт. Многу од општините започнаа со помош од разни грантови, Светска банка и останати институции коишто помагаат за да се направи репроценка на имот. За да ги вкрстите податоците, а тоа е основен елемент за да направите репроценка, односно пресметка на данокот на имот, Катастарот, иако на УЈП им го овозможува пристапот бесплатно, на општините им бара енормно високи ставки да ги плаќаат. И тука лежи проблемот кога станува збор за несоработката со централните институции“, реагира Ѓорѓиевски.

Во услови, кога најголем дел од парите во општините доаѓаат од комуналии, станува јасно дека финансирањето е неодржливо, бидејќи просторот е ограничен ресурс. Парите што се уплатуваат за комуналии не се доволни ниту да се уреди просторот каде што се гради, па државата завршува на „дупло голо“.

„Сегашната наплата на комуналиите за новите градби не ги покрива трошоците што општината ги има за инфраструктурата. На пример, само пристапот за „Лимак“ да се направи, Град Скопје треба да потроши 30 милиони евра за тој подземен тунел. Толку комуналии не се наплатени од сите градби на таа локација. Не го земам како негативен пример, туку како типично да покаже дека мораме да ги зголемиме тие давачки, но, тоа е до општините“, вели Пенов.

„Нашата борба како ЗЕЛС е да го измениме тој дел, да не се сведува сѐ на тоа да уредување на градежно земјиште или попознато како комуналии за градба, да не се сведува да мораш да издадеш одобрение за градба за да можеш да реализираш проект, дали е за образование или за било што. Затоа е потребен поголем степен на фискална децентрализација. И повторно на крајот ќе кажам, не бараме директно 80, 90 или 100% средствата да се слеваат во нашите буџети, но најмалку двојно треба да се зголемат средствата коишто треба да легнуваат на нашите сметки“, додава Ѓорѓиевски.

Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари, кои ги плаќаат преку даноци, комуналии, тарифи за да го финансираат работењето на локалните самоуправи, кои, пак, се должни да инвестираат за подобрување на нивната благосостојба. Но, последниот извештај на Ревизорот покажа дека само 5 проценти од граѓаните биле консултирани од нивната општина при изготвувањето на буџетите и програмите, а 39 проценти сметаат дека во буџетите не се вклучени потребите на жителите.

Каде се гледа решението?

Општините од 1 јануари ќе добиваат 6 проценти од наплатениот ДДВ. Основниот дел изнесува 4,5 проценти, а по 0,75 проценти се делот за перформанси и делот за воедначување. Во делот на перформансите, пари ќе добијат оние општини кои се поуспешни во наплатата на сопствените приходи, односно, ако во текот на минатата година наплатиле најмалку 70 проценти од планираното. Во делот на приходите од ДДВ кои се наменети за воедначување, се распределува само на посиромашните општини кои се под просекот.

„Ние сега, процесот на децентрализација во следната фаза го креираме така што да биде во една асиметрична децентрализација. Ќе наметнуваме повеќе функции во покапацитетните општини кои, пак, за овие кои не се ефикасни ќе вршат одредена функција. Ние имаме 81 општина. Словенија е со сличен габарит како нашата држава, а има 220 општини. Значи, во прашање не е големината, туку функционалноста. На тоа треба да работиме и тука се насочени многу меѓународните поддржувачи на нашата држава, кои трошат пари на градење на капацитетноста на општините да можат да функционираат“, објаснува министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

„Ако некоја општина не собрала данок на имот, има 0 реализација на тој основ, мора да се воведе систем во којшто ќе биде и казнета на некој начин и нема да инвестира државата таму. Ние имаме блок дотации за градинки и за училишта, но, блокот не стигнуваат за платите што треба да ги исплатиме таму, а камо ли за инвестиции, што значи дека државата условно ни пушта средства како општини, но средствата се недоволни за основната работа. Сите останатите трошоци што произлегуваат, а се поврзани со реконструкција на училишта, спортски сали, објекти… е на наш товар. Персоналниот данок што го собираме во моментов е 5 проценти, бараме барем двојно да се зголеми, а во општините во сите околни земји од 80 до 100 проценти доаѓа кај нив. Владата, според мене, во тој дел не ја завршува децентрализацијата до крајот како што треба зашто во тие услови градоначалникот ќе располага со повеќе средства и нема да му треба толку многу Владата и нема да биде зависен од Владата, па ќе се намали политичката моќ на премиерот на државата во тие услови“, смета претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска