fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Како да се подготвиме за иднината и вештачката интелигенција

Меѓу двете крајно спротивставени гледишта за вештачката интелигенција, утопиското – дека таа ќе им даде огромна моќ на луѓето, и деструктивното – дека технолошкиот напредок ќе ги замени луѓето на работните места, најприфатлива е позицијата дека вештачката интелигенција (ВИ) не може да се игнорира, но користењето и употребата на нејзините алатки мора да биде внимателно, под надзор и транспарентно.

Ова беше заклучокот со кој се согласија сите учесници на меѓународниот симпозиум „Медиумската писменост во доба на вештачката интелигенција: Проширување на границите на возможното“ на кој за првпат на едно место се слушнаа уникатни размислувања на експерти од земјава и од странство, кои ги анализираа доброта и лошата страна на вештачката интелигенција во образованието и во медиумите.

Светот ќе прелета покрај нас ако инсистираме само на традиционалното во образованието

Отвореноста односно отпорноста кон технолошкиот напредок во Македонија, посебно во образованието, е рефлексија на случувањата и во останатиот европски свет во кој доминираат два различни пристапи – додека дел од наставниците забрануваат употреба на ВИ и ја сметаат за плагијаторство, други ја поттикнуваат. Кај младите нема вакви спротивставености – нивните размислувања се дека алатките на ВИ се интересни и од помош и тие креативно ги користат за домашни задачи, во училиште, но и за забава. ChatGPT го користат за јазици, математика и за историја, зашто им го скратува времето за пребарување, и им дава насоки при пишувања или решавање на задачи.

За професорите – учесници на симпозиумот е тажно тоа што пробивот и адаптацијата на промените на институционално ниво се одвива многу бавно и не ја следи подготвеноста на младите на промени.

Професорката Кристин Ван Дам од Универзитетот Гент во Белгија, лично ги поддржува промените и ги прифаќа алатките за вештачка интелигенција да се користат и од наставниците и од учениците. Таа, сепак, нагласува дека е важно младите да не кријат кога користат ChatGPT и да го употребуваат повеќе како поттик на нивната креација, а не за буквално препишување од збор до збор.

Четвртата образовна револуција е започната, констатираше професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, и секое настојување на непроменливост на методите на работа во образовниот процес, како се држи еден час, како се предава, го зголемува ризикот светот да нè прескокне и да нè остави зад себе. За него, не треба да се преферира традиционалното наспроти дигиталното и обратно, туку тие треба да се спојат за да дадат најдобри резултати во учењето кај младите.

Доброто, лошото и грдото лице на вештачката интелигенција во медиумите

За само неколку секунди креира десет наслови, за половина минута цела статија, а со еден клик – стотици текстови на една иста тема. Со вакви перформанси ChatGPT очекувано е привлечна алатка на медиумскиот пазар, но едноставното „штанцање“ на содржини во светот на информации не гарантира веродостојност.

Или што би рекол Томас Гуритин, експерт за разговорна вештачка интелигенција и четботови: „Ако барате вистина, користете го внимателно“. И во оваа реченица е суштината на целата фама што сè уште се создава при споменувањето на поимот ВИ – да се научи како функционира, како да се користи и дали и до кој степен може да му се верува.

Текстовите на ChatGPT се креираат автоматски со помош на статистички папагали кои погодуваат кој ќе биде следниот збор, со што креираат реченица, а потоа и цел текст. И покрај тоа што звучи негативно, автоматското создавање на текстови заштедува време и ресурси.

ChatGPT може да се користи за тривијални работи и под надзор, додека новинарите би имале повеќе време за истражување и за критичко размислување“, е коментарот на Јанис Компатсијарис, директор на CERTH-ITI и координатор на „AI4Media“.

Но, тој изразува и загриженост од сè поголемиот број содржини кои се генерираат и кои наликуваат на вистинити, а всушност се дезинформации. Потребна е проверка на фактите и едукација на граѓаните за да ги препознаваат, а добра вест е дека се работи на нови алгоритми кои ќе алармираат и при најмал знак дека се работи за дезинформации, пропагандистички и псевдо-дата сетови.

Освен дезинформациите, голема штета предизвикува и лажното претставување на четботовите за вистински експерти. Овие ботови функционираат врз основа на алгоритам кој е креиран да одговори на секоја желба на корисникот, а не да му противречи. Ова може да доведе и до трагични ситуации, за што пример наведе Гуртитин.

Заштитата од сите овие закани по демократијата и безбедноста на граѓаните е едукацијата и критичкото размислување, се согласуваат двајцата експерти.

За да се намалат штетните тенденции во медиумите, посебно на социјалните мрежи, со поддршка на Европската комисија, компанијата Textgain основаше Европска опсерваторија која го следи говорот на омраза во 20 медиуми.

Координаторката на Европската опсерваторија, Лидија Ел Хури вели дека со помош на нивниот алгоритам се детектираат злобните коментари на Твитер и Инстаграм за одредена личност и врз основа на овие наративи се скицира нивото на токсичност и насилство на социјалните мрежи. Во соработка со Институтот за комуникациски студии, ќе се следи тонот на комуникација на социјалните мрежи и во Македонија. Хури нагласува дека е многу важно секој да сфати дека говорот на омраза на социјалните мрежи е сериозен проблем.

Како да се подготвиме за иднината

Новиот технолошки бран ќе ги зафати сите, и младите и возрасните и никој нема да биде исклучен од овие промени, вели професор Анис Сефиданис од Факултетот за применета ИТ, машинска интелигенција и роботика во Охрид. За него, ВИ е природна еволуција на човечката интелигенција, но за разлика од ограничените капацитети на човекот, таа нуди палета на можности кои придонесуваат за олеснување на секојдневниот живот. На пример, таа може да помогне за полесно и побрзо движење во сообраќајот и да го намали бројот на сообраќајни незгоди.

Но, наспроти глорификацијата на ефектите од ВИ, реални се и стравувањата дека со брзиот развој на технологијата, околу 14 проценти од работниците на глобално ниво ќе бидат заменети на нивните работни места, а први на удар ќе бидат продавачите, луѓето вработени во аналитика или во секторот за човечки ресурси. Мартина Наумовска, партнер во Data Masters сугерира дека овие прогнози можеби не се стопроцентно точни, но секоја компанија и млад човек треба да се приспособат на новото време. Пораката до студентите е да се описменат за читање и користење на податоците кои се во сржта на вештачката интелигенција, а до бизнисите, да вложуваат во новите технологии, да ги обучуваат вработените и да се усогласуваат со промените.

Поради еуфоријата од налетот на новата технологија, прашањето за етичноста може да   звучи како неважно или помалку важно, но корисниците треба да инсистираат на почитување на нивната приватност. Андреј Дамески, доктор на науки по ВИ вели дека е потребна поголема демократска контрола со воведување на правила за користење на ВИ, но се залага и за воведување на децентрализација која треба да разграничи дека купувањето на одредени алатки, не подразбира и автоматска согласност на корисникот за нарушување на неговата приватност. „Со купување робот за чистење, не се согласуваме целиот наш приватен простор да биде на увид на некоја компанија, што е случај сега“, вели Дамески.

Новите алатки за ВИ допрва се модифицираат, се усовршуваат, се развиваат и тие сè уште го немаат поминато тестот на времето, но ова не смее да ја ограничи нивната употреба, туку само да не направи попретпазливи, или како што рече во своето обраќање директорката на канцеларијата за генерален развој на УСАИД, Дон Кармин, не треба да се плашиме, туку само внимателно да ги применуваме новите технологии.

„Се наоѓаме пред историска глобална транзиција и усвојување на нови технологии што ги трансформираат општествата. Ние во УСАИД сме подготвени да ги прифатиме промените со максимално искористување на предностите, ублажувајќи ги ризиците. Не треба да се плашиме, само внимателно да ги применуваме новите технологии“, порача таа.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски