fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Во светот на тишината многу бариери за глувонемите луѓе

Дали сте се запрашале како би изгледал вашиот живот кога рацете би ви служеле како средство за комуникацијата? Тешко е секојдневието во светот на тишината, а Македонија не прави доволно за луѓето со оштетен слух и говор, кои секојдневно се соочуваат со проблеми и бариери. Надоместокот за глувост е незначителен, толкувачи нема доволно и се малку платени, а и свеста во општеството сè уште не е на завидно ниво за овие граѓани да се чувствуваат рамноправни.

Двојна дискриминација на глувонемите луѓе

Проценките се дека во Македонија живеат околу 7 000 глуви и наглуви. Бројката е зголемена изминативе години. Овие луѓе секојдневно се соочуваат со проблеми – во државни институции, во училиште, банка, пошта, особено кога треба да одат на лекар. Тогаш е вистинската мака зашто не можат да се разберат.

Во Министерството за здравство до пред некое време имало двајца толкувачи кои им помагале на пациентите со оштетен слух, но проектот не заживеал. Сега тие пишуваат на ливче за да кажат што ги боли, па потоа докторот на ливче им ја пишува дијагнозата. Но, како потоа да разбереме на колку време треба да ја примаме терапијата, на што да внимаваме, како да препознаеме дали нешто не е во ред, велат глувонемите луѓе.

„На доктор кога одам многу се чека и кога толкувачот ќе дојде, се откажува. Многу често се случува да направиме грешка во комуникацијата со лекарот. Јас ќе напишам на ливче, меѓутоа не можам да го разберам тоа што тој ќе ми врати. Не ме разбираат што сакам јас да кажам, каква е мојата здравствена потреба и што всушност треба да објаснам за мојата здравствена состојба. И многу кратко тоа трае, меѓутоа јас сакам да објаснам и други работи да кажам за мојата здравствена состојба“, раскажува Васко Марков од Здружението на глуви и наглуви „Тишина“.

Во Националниот сојуз на глуви и наглуви постои кол-центар што функционира секој работен ден од 8 до 18 часот за да им се олесни комуникацијата на овие луѓе со институциите на системот. Но, прашање е колку навистина ваквиот центар може да заврши работа, зашто присуството на толкувач е нешто што не може да се замени со видео повик преку телефон.

„Кол-центарот може да биде за периферни услуги и за потпомагање на глувиот човек во ситуација каде што тоа е дозволено – на некој шалтер или на некое отворено место. Но, комуникацијата на институциите со поединецот глув човек подразбира други решенија. Глувите луѓе кога одат на лекар не можат да бидат услужувани од таков кол-центар. Вие ако лежите на заболекарски стол, не можете во исто време да бидете и пациент и комуникатор преку мобилен телефон затоа што присуството на толкувачот во живо, веднаш до глувото лице дава и поддршка на глувиот човек, бидејќи е свесен дека може да се чувствува удобно во разговорот, каде и да е“, објаснува Марија Башеска – Стојановска, толкувачка на знаковен јазик и новинарка.

Таа додава дека треба да се размислува глувите луѓе да можат да пријават одредена потреба за здравствена амбуланта или за лекарска помош во Брзата помош со видео повик.

Викторија Волак, која е професорка и толкувачка на знаковен јазик, пренесува поинаква  случка.

„Бев присутна во операциона сала каде што глува личност беше третирана и беше контактибилна со моја помош за да можат докторите да ги следат нејзините состојба и чувства додека трае операцијата. Кога сè заврши, кога се освести пациентот имаше една убава насмевка. Здравствениот проблем беше решен, а се чувствуваше и како да е во странство. Тоа беше силна порака дека тој потег беше фантастичен, но и силна порака дека не ја чувствуваат Македонија како своја“, раскажува Волак.

Посебен проблем се и вадењето на патни исправи, личните карти, изводи и други документи бидејќи во институциите нема вработени кои умеат да комуницираат со луѓето со оштетен слух и говор. Тие секојдневно се соочуваат со дискриминација и во приватните компании зашто свеста во македонското општество сè уште не е доволно развиена. Понекогаш им се случуваат бизарни ситуации кога сакаат да ја искористат услугата на кол-центарот.

„Имало случка кога во банка за да стапи во комуникација со шалтерскиот работник, глувонем човек го крева телефонот да го повика кол-центарот за да ја преведе комуникацијата што треба да ја воспостави. Тогаш дошло обезбедувањето и насилно го извлекол човекот надвор бидејќи во банка не е дозволено да се слика и снима. Одите како нормален човек во банка и ве исфрлаат како партал. На дискриминацијата дискриминација“, раскажува Волак.

Нема толкувачи, а износот за толкување е мал

Законот за употреба на знаковниот јазик предвидува дека овие луѓе имаат право на 30 бесплатни часови толкување на годишно ниво. Решението било преземено од Словенија, но во Македонија не се донесени потребните подзаконски акти, па многу прашања остануваат неуредени – како ќе се избере толкувачот, кој ќе го плати, за колку време. Така, сега нема доволно толкувачи, не се доволно платени, тарифникот не е променет, па луѓето со оштетен слух и говор се принудени да плаќаат од сопствен џеб. Ретко кој од нив тоа финансиски може да го издржи и комуникацијата за нив претставува сизифовски потфат.

„Не се задоволни толкувачите, знаеме дека износот за трошоците за толкување е многу мал. Владата донесе одлука толкувачот да се плаќа по 1 000 денари за едно толкување, а дополнително го плаќа Сојузот или секое глуво лице од својот џеб. Цената за еден час е 1 200 денари, а вториот и секој нареден час е 600 денари. Но, институциите што се задолжени да си го платат толкувачот не го плаќаат. Толкувачите имаат право што се револтирани. Колку пати сме имале дописи до Министерството за труд и социјална политика, меѓутоа воопшто не ни излегоа во пресрет да се покачат трошоците за толкување“, објаснува Марков од Здружението „Тишина“.

Луѓето со оштетен слух и говор секојдневно се жалат во Националниот сојуз, кој пак нема пари да ги им покрие трошоците за толкување на сите, па алармираат Владата да го зголеми буџетот на Сојузот за да им излезе во пресрет на толкувачите. Тие бараат да се зголеми бројот на часови за бесплатно толкување и да се покачи висината на надоместокот за глувост што изнесува 5.300 денари. Предлагаат државата директно да има дава по 250 евра за да можат сами да го платат толкувачот, или, пак, институциите да обезбедат толкувач, како што и предвидува законот, а не се почитува.

„Писмено се обраќаме до Министерството за труд и социјална политика и кога ќе има потреба ќе нѐ викнат, меѓутоа тоа е многу ретко. Ние се обраќаме неколку пати писмено, но не одговараат, а самоиницијативно не можеме да одиме“, се жали Томица Стојановски, кој е претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица.

Законот за знаковен јазик прегазен и од времето и од институциите

Од организацијата „Полио плус“, која 25 години се бори за човековите права на луѓето со попреченост, велат дека Македонија ја има потпишано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост со што се обврзала дека ќе им овозможи целосно учество во сите аспекти на животот. Законот за употреба на знаковниот јазик е донесен во 2009 година, односно пред 15 години. Според член 4 од законот, сите глуви и наглуви лица кои се странки во државни институции, како и во приватни установи и други сегменти на животот имаат право да го искористат знаковниот јазик како право на комуникација. И тоа право тие го овозможат преку обезбедување на толкувачи. Ако не го почитуваат тоа, институциите и одговорните службеници се соочуваат со казни, а државата со плаќање илјадници евра по основ на судски пресуди.

„Според член 24 од овој закон, правното лице што нема да му обезбеди толкувач на глувото и наглуво лице, односно на лицето со оштетен слух е изложено да плати глоба од 1 500 до 2 000 евра, а одговорното лице на правното лице е изложено да плати од 800 до 1 000 евра глоба, казна. Според ова, ако секое глуво лице покрене судска постапка според овој член, можеме само да замислиме колку вакви предмети би се отвориле. Но, лицата најчесто избегнуваат да влезат во овој чин, бидејќи знаат дека пак ќе се соочат со дополнителна дискриминација и дополнителен процес“, вели Сергеј Шеврески, претседател на „Полио плус“.

Во „Само прашај“ побаравме одговори од Министерството за труд и социјална политика. Оттаму признаваат дека времето го прегазило Законот за употреба на знаковниот јазик и дека треба да се направат измени и дополнувања преку кои ќе се дорегулираат одредени прашања во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица. Од МТСП потврдуваат дека е потребно да се коригира трошковникот за толкувачите, а тогаш ќе се разгледува и дали е потребно зголемување на бројот на бесплатни часови за толкување.

„Од Министерството за труд и социјална политика во 2015 година е донесен Трошковник за толкувачки услуги, според кој првиот час на толкување на знаковен јазик се вреднува во износ од 1 200 денари, а секој нареден час се вреднува во износ од по 600 денари. Оттогаш до денес, во согласност со општата состојба во државата што беше погодена од електро-енергетска криза, потоа кризата со вирусот ковид-19, како и самата инфлација со која има пораст на животните трошоци, сето тоа придонесува повторно да се разгледа трошковникот и тој да се коригира, во насока на зголемување на износот на толкувачките услуги што ги даваат толкувачите на знаковен јазик. Сметаме дека е потребно да се направи дополнителна статистика и анализа за да имаме поточна бројка на овие лица, како и категоризација на попреченоста. Откога тоа ќе се спроведе, би можело, согласно законските и финансиските можности, да се разгледаат износите на додатокот за глувост, како и на другите додатоци што ги примаат овие лица и да се размислува тие да претрпат промени во однос на нивно зголемување“, се вели во писмениот одговор на МТСП.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска