Политичка комуникација – функционерите имаат уште многу да учат!
Иако често имаме чувство дека политичарите ќе ни излезат од фрижидер, политичката комуникација отсекогаш доминирала во јавниот дискурс, особено во периодите пред избори. Најави за проекти, ветувања за „брда и долини“ и критики кон политичките противници се дел од секојдневието.
Зошто политичарите го прават ова? Едноставниот одговор е – за гласови. Тие сакаат да го обликуваат јавното мислење, да влијаат на донесувањето одлуки, да конструираат сопствена реалност, едноставно – да ги протнат нивните тези, мислења и погледи на нештата. Секој носи поинакви очила, во зависност од тоа дали е на власт или во опозиција.
Политичката комуникација или политичка манипулација
Проблемот е што политичката комуникација не служи само за информирање на јавноста, туку и за манипулирање со јавното мислење, за „сеење“ магла и поделеност, и за поткопување на принципите на информирано и критичко донесување одлуки.
Кога политичката комуникација се злоупотребува, тоа остава огромни негативни последици врз општеството. Не живееме во Скандинавија, туку на Балканот, и добро знаеме какви поделби знаела да предизвика реториката на вжештените глави, чијашто единствена цел е да ги користат погодностите на функционерската фотелја.
Одговорноста на медиумите
За да се спречи или минимизира штетниот ефект, клучна улога имаат медиумите. Тие не смеат да бидат нем пренесувач на пораките. За да ги разбереме односите, прво мора да го научиме триаголникот – информациите ги разменуваат политичарите, медиумите и јавноста. Тоа може да оди од политичарите кон граѓаните преку медиумите, обратно – од јавното мислење кон властите или хоризонтално меѓу политичките актери.
Сепак, теренот за игра не е чист, па се користат и валкани трикови за да ги протнат нивните интереси. Иако политичките актери имаат обврска да бидат транспарентни и достапни за медиумите, да го застапуваат јавниот интерес во комуникацијата, да не шират дезинформации, погрешни или злонамерни информации, и да не користат говор на омраза. А сите сме сведоци дека тоа се случува.
Медиумите имаат голема моќ за влијание врз јавноста и можат да извршат притисок за различни општествено-политички важни прашања и проблеми. Но, имаат и голема одговорност – да известуваат точно, непристрасно, да споделуваат информации од сигурни и проверени извори, и што е уште поважно, да ги почитуваат законите и етичките кодекси.
Во следната епизода ќе анализираме какви техники користат политичарите за да ја свртат водата на нивната воденица. Дотогаш, ѕирнете кое е нивото на политичката комуникација, кое е предмет на истражувањето „Штетна“, каде се анализираат штетните политички наративи на политичките актери, но и на медиумите во земјава.