fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Со челични нерви и повеќе пари до нови лични документи

12 февруари 2024 година – од овој датум понатаму нема да може да ја напуштите земјава со пасош или лична карта на кои стои старото име „Република Македонија“, иако важноста на личниот документ не е истечена. Овие документи повеќе нема да валидни. Ако одите со нив со институција нема да можете да завршите работа. Граѓаните треба да извадат лични документи со новото државно име, на нивни трошок.

Турканици и нервоза на шалтерите на МВР

Во просториите на МВР во Телевизија, каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање за лични документи се чека во ред. Понекогаш се создава метеж, што резултира со турканици и нервоза. Но, оние кои се внатре пред кабините веќе успеале да закажат термин. За разлика од нив, Владо Јовановски, кој треба да ја промени возачката дозвола, воопшто не можел да стапи во контакт со операторот.

„Размислувам што да правам. Ова е невидено институционално насилство од страна на институциите кон граѓаните. Значи, одредуваат некакви процедури кои едноставно не е возможно да се исполнат. Тука ги прашував надлежните како да постапам, сите одговараат мора прво да закажете термин, а термин е невозможно да се закаже“, вели Јовановски.

Процедурата за нови лични документи е предизвик уште од самиот почеток, при закажувањето. Некои со часови чекаат од другата страна на слушалката да слушнат глас.

„Откако се јавивме помина многу време, терминот речиси два месеца го чекавме. Не можеш да се сетиш колку пати се јавуваш за да го добиеш операторот.

Три часа вртев, сигурно едно 20-30 пати свртевме на телефонот.

За операторот да го добијам, многу долго. Два-три месеци ги барав. Но, добро, се јавија и по итна постапка за два дена, многу брзо ми завршија. Еве сега ја подигнав возачката дозвола. Уште лична карта ми треба, но тоа ми е закажано за 23.4.2024. Имам пасош со Северна Македонија и тој ќе ми биде како личен документ“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

А, некои имале повеќе ксмет, па успеале лесно и брзо да се поврзат со операторот.

„За сопругот дојдов да проверам дали му е готова возачката, не чекаше многу, имаше среќа. И сега готово, дојдов да прашам дали е готова, тој ќе дојде да си ја подигне. Имавме среќа, брзо го добивме операторот. И за мене кога беше, исто така, брзо го добивме. Трпение, трпение, само трпение да имаме сите и сè ќе биде в ред.

Чекавме месец и пол. Брзо го добив операторот, закажав, дури можев и да бирам датум.

Менував два документа, 3 илјади денари ме чинеше. Денеска задоволна од работата, не чекав многу на ред, поминав добро“, изјавија анкетираните.

Старата народна мудрост вели „трпение, спасение“. А, за да добиете термин навистина ќе ви треба трпение, ама и време. Кол центарот за закажување термин за промена на лични документи многу тешко може да се добие на бројот 072 92 92 92. А ако воспоставите врска, музика и пораката „Ве молиме почекајте, сите оператори се зафатени“ може да ја слушате долго време.

Повикувачкиот центар за телефонско и електронско информирање и закажување термини за поднесување барање за издавање лични документи не е во МВР, туку работата ѝ е доверена на приватна фирма, компанијата „Симболико“ која оваа услуга ја врши за потребите на МВР. „Само прашај“ се обиде да стапи во контакт со нив, на бројот што стои на договорот за јавната набавка, но, нашите обиди беа залудни.

Помош се бара од Народниот правобранител

До Омбудсманот се поднесени повеќе од 40 претставки, кои се однесуваат на неможноста да се закаже термин, на начинот за подмирување на трошоците за издавање личен документ, за доцнење во издавањето откако документите се поднесени. Граѓаните се жалат од апаратот што самите го финансираат.

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека навреме сигнализирал дека МВР треба да ги зајакне капацитетите за закажување и издавање на личните исправи, особено личните карти, за граѓаните после 12 февруари 2024 година да не останат без валидна лична исправа.

„А, што тоа значи? Прво, ќе се изложат на опасност да бидат санкционирани од страна на МВР и второ, што е уште попроблематично, граѓаните нема да можат да остварат ниту едно право, пред ниту една институција, што значи дека правниот промет ќе биде целосно блокиран. Граѓаните нема да можат да пристапат пред банки, судови, пред нотари и пред која било јавна институција доколку се инсистира личната карта, односно личната исправа да е валидна, согласно измените на Уставот“, вели Зибери.

Од МВР велат дека ги зајакнале капацитетите за да одговорат на сите барања. На шалтерите се работи и за викенд за да се забрза процесот.

„Досега имаме променето над милион пасоши, зборуваме исто така и за промена на лични карти, на возачки дозволи, така што според она што ние го имаме како проекција, ќе се заврши сѐ во зададениот рок. Ние повторуваме постојано дека нема да има никакви казни за луѓето коишто нема да издадат нов документ, но, пак ќе повторам, ние како МВР ги активираме сите можности и капацитети за да се овозможи граѓаните да добијат личен документ до зададениот рок. Но, ќе кажам пак, еве, што се однесува до пасошите, рокот е февруари, но нов пасош треба единствено ако патувате надвор од државата. Ако патувате во јуни, може да го извадите во јуни. Така што во тој дел, граѓаните да не бидат загрижени, за сите ќе бидат обезбедени термини и сите граѓани ќе можат да ги извадат своите лични документи“, изјави Тони Ангеловски, помошник-министер за односи со јавноста при МВР.

Ангеловски уверува дека се обезбедени термини за сите граѓани кои аплицираат и за лични карти, а доколку има потреба ќе се обезбедат нови термини.

Речиси 10 илјади денари за нови лични документи за четиричлено семејство

Граѓаните не се само што се мачат за да ги променат личните документи, тие и плаќаат повеќе откако надлежните во март одлучија да ги зголемат цените. МВР објасни дека поскапувањето се должи на зголемените набавни цени на увезените обрасци, зголемените трошоци за одржување на системот што го врши странски економски оператор, како и поради набавката на нови машини.

Што значи ова во практика? Цената на пасош за лице до 27 години не се промени и остана 1.500 денари, плус административната такса од 100 до 200 денари, во зависност од возраста. Ако имате над 27 години, вадењето нова патна исправа во редовна постапка ќе ве чини 2.000 денари, 500 денари повеќе отколку претходно, и уште 300 денари административна такса. Новите лични карти поскапеа за 120 денари и сега треба да одвоите 310 денари. Промената на возачка дозвола претходно чинеше 280 денари, а сега 410 денари.  Ако ви се брза, ќе платите повеќе. За пасош по итна постапка треба да издвоите 6.100 денари, 1.600 денари повеќе од претходно. На ова треба да ја додадете и административната такса. Нова возачка дозвола по брза постапка чини 1.230 денари, плус 170 денари административна такса.

Се обидовме да пресметаме, колку промената на личните документи ќе го чини едно четиричлено семејство, составено од двајца возрасни и две деца. Па така, ако постапката е редовна, тоа значи два пасоша од по 2.300 денари и два пасоша од по 1.700 денари, вкупно 8.000 илјади денари. Нови лични карти за родителите се 620 денари. Две возачки дозволи во редовна постапка се вкупно 820 денари, ама ако се додаде административна такса од по 170 денари, се добива 1.160 денари. И веќе сме стигнале до сума од околу 10 илјади денари.

Зошто беа издавани лични документи со старото име по 2019 година?

Граѓаните остануваат со попразни џебови, но и со многу прашања – зошто државата издаваше лични документи со старото име по 2019 година, кога Собранието ги донесе уставните измени за промена на името во Северна Македонија.

Уставните измени со 81 глас „за“ беа изгласани на 11 јануари 2019 година, но државата продолжи да „штанца“ документи со „Република Македонија“. Граѓаните плаќаа и добиваа нови документи со старото име, а сега се принудени повторно да платат и да ја поминат целата процедура, затоа што нивните документи повеќе нема да бидат валидни. Велат дека на своја кожа ја почувствувале народната „сиромавиот плаќа двапати“, па бараат помош од државата.

„Се разбира дека финансискиот трошок треба да го спроведе државата, да го понесе државата, бидејќи основна функција на институциите во една нормална држава е да ги заштитат правата на граѓаните, односно да овозможат заштита на граѓаните од секаков вид насилство, вклучително и од насилството кое Владата го врши врз сопствените граѓани.

По логиката, државата треба да ги покрива тие трошоци, меѓутоа ние секогаш сме колатерална штета.

Трошокот требаше да биде на државата.

Би требало државата, бидејќи честопати се менува, да речеме, сега плаќаме, може за 2-3 години пак обнова, пак да плаќаме и така.

Како ќе кажат. Мора по пропис што треба, држава е држава, што треба мора да се плати, што ќе кажат, тоа, што се договорат, тоа. Не е многу. Еднаш на 10 години го менуваш и не треба да плачеш и да викаш нешто лошо.

Можеби државата можеше да субвенционира некој дел од износот, другиот дел граѓаните, но тоа е што е, мораме тоа да го направиме.“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Го погледнавме Член 3 од Уставниот закон за спроведување на амандманите за промена на Уставот, и таму е јасно наведена обврската на државата:

„Постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, ќе се усогласат со амандманот XXXIII најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила.“

Од ова јасно произлегува дека однапред се знаело оти документите со старото име, кои беа издавани изминатиов период нема да бидат валидни кога ќе навршат пет години од влегувањето во сила на уставните измени.

„Мислам дека Владата не се пресмета добро во однос на примената на уставните амандмани во делот на личните исправи, бидејќи Уставот беше сменет на 11 јануари 2019 година, заедно со Уставниот закон за спроведување на измените на Уставот кои стапија во сила веднаш на 12 јануари 2019 година, и од тој момент, рокот за усогласување на законите и подзаконските акти требаше да се испочитува. Во рок од шест месеци требаше сите овие прописи да бидат донесени, на тој начин што сите граѓани кога ќе пристапат да се стекнат со исправа по тој рок да имаат документ со новото име.

Затоа, јас како Народен правобранител уште пред неколку месеци кажав дека граѓаните се ставени во ситуација да бидат оштетени, не по нивна вина, бидејќи државата не изготви соодветни измени на овие подзаконски акти, не изготви соодветни обрасци за издавање нови документи и на граѓаните им се издаваа исправи со старото име, а од друга страна им се прогласуваат за невалидни. Од тие причини сметав дека државата треба да го сноси товарот за овие трошоци и граѓаните да бидат ослободени од ваквите давачки. За жал, Владата не се произнесе по овој став и ситуацијата е таква каква што е“, вели Зибери.

Тој смета дека МВР и Владата требале да ја преиспитаат претходната одлука и сите граѓани на кои им се издадени лична карта, патна исправа, сообраќајна или возачка дозвола по стапувањето во сила на измените на Уставот, да ги добијат со нови обрасци, а не да се чека Законот за патни исправи и Законот за безбедност во сообраќајот да се сменат дури во 2021 година, а Законот за лични карти уште да е во собраниска постапка.

Но, од МВР посочуваат дека било потребно време за да се изврши промената.

„Прво, ние не ги изработуваме документите во МВР, ги набавуваме од германска фирма што има добиено на тендер и има јасни правила. За да направите нарачка на документи, тоа треба да го направите една година однапред. Ако сега сакате да купите документи, ќе ги добиете наредната година ова време. Постојат рокови. Потоа, не само набавката, мораше да се направи измена и на софтверот, да се прилагодат машините. Сето тоа бара време, а мора да почнете со таквите извршувања на работите откако ќе биде исполнета целата законска регулатива. Не можете однапред да почнете нешто доколку не е прецизирано, промена на правилници, сите потребни работи што требаше да се направат. Откако беа направени, тогаш беше овозможено да може граѓаните да ги менуваат своите лични документи“, објасни Ангеловски од МВР.

На забелешката на Омбудсманот дека државата треба да понесе дел од трошокот, од МВР велат дека тие не одлучуваат за тоа.

„Доколку Парламентот или Владата донесат каква било различна одлука, ние ќе ја почитуваме. Ние сме МВР и постапуваме според законите. Доколку има каква било промена, доколку некој направи некаков договор, тогаш се разбира ќе го почитуваме, но, сега значи постапуваме според она што е договорено и ова прашање беше расчистено пред неколку години кога беше донесен Преспанскиот договор“, вели Ангеловски.

Министерот Спасовски смирува, Омбудсманот не гледа решение

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изминатиов период ги смируваше граѓаните кои нема да успеат да ги променат личните документи до 12 февруари да не стравуваат од казни.

„Најважно е сите ние кои сакаме да добиеме термин и ќе добиеме термин да го почитуваме, зашто изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем. Нема да има никаков проблем во остварувањето на правата. Јас сметам дека со оваа динамика што ја имаме ќе се успее успешно да се заврши промената на личните документи. Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, тоа нема да го направиме, ниту да трпат во остварувањето на своите права. Така што, во континуитет како ќе се одвиваат состојбите, каква ќе биде состојбата генерално со промената на документите, такви одлуки ќе носиме“, изјави министерот Спасовски (21.9.2023).

Сепак, Народниот правобранител Зибери вели дека најавата дека граѓаните нема да бидат казнети по истекот на рок за промена на личните документи, не е решение.

„Решението е да има преоден период во кој граѓаните ќе можат да ги остварат своите права пред банките и пред другите јавни установи со поднесено барање за издавање нова лична карта и со старата лична карта, бидејќи старата е валидна во смисла на рокот за издавање, но е вон сила како резултат на измените на Уставот. Во таа насока, мора да се формира група во која ќе учествуваат МВР, Асоцијација на банки, Народна банка, Народен правобранител, Комора на извршители, Комора на нотари и од други институции за да може да се воедначи пристапот и граѓаните да не бидат доведени во ситуација да не можат да ги извршуваат своите права и обврски“, предлага Народниот правобранител.

Целиот процес со промената на личните документи може да предизвика и други компликации, што како проблем досега срамежливо се отвора, но, треба да се има на ум дека во првата половина на следната година нè чекаат избори. Прашање е што со луѓето кои ќе имаат лични карти чијашто валидност е прекината само поради промената на името, а во меѓувреме не успеале да го сменат документот. Вакво сценарио не е предвидено со Изборниот законик, па ќе треба да се регулира, велат од Државната изборна комисија, со цел сите граѓани кои имаат над 18 години и лични карти или пасоши со непроменето име, а валиден датум, да го остварат гласачкото право.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажер: Мајда Бошњак Атанасовска