fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Први чекори кон популаризирање на комуникацијата за животна средина

Комуницирањето на важните проблеми и аспекти од животната средина, треба да биде првиот чекор кон подобрување и заштита на природата. Многу често, комплексните и долготрајни процеси, промени и појави во природата бараат едноставен пристап за комуникација во која веста и новоста ќе се пренесе без да се загуби првичната идеја. Затоа, комуникациските вештини може значајно да придонесат во креирање на подобра животна средина, а токму ова е целта на регионалниот проект  „Популаризирање на комуникацијата за животна средина преку онлајн учење и виртуелна мобилност“, финансиран од програмата на ЕУ ЕРАСМУС+.

Комуникацијата за животна средина претставува мултидисциплинарна област, па затоа тимовите од  Институтот за комуникациски студии, заедно со Машинскиот факултет и поморска архитектура на Универзитетот во Загреб, Катедрата за биологија и екологија на Универзитетот Нови Сад, Факултет за политички науки на Универзитетот во Сараево и Катедрата за биологија на Универзитетот во Тирана го одржаа првиот (kick off) состанок на кои беа воспоставени првичните насоки и правила во кои ќе се одвива овој пионерски проект од оваа област на регионално ниво.

Целта е секој од партнерите на проектот да придонесат со своето познавање од комуникација, биодиверзитет, животна средина и енергетика кон изготвување на шестмесечна специјализација наменета за претставници од граѓанскиот сектор, истражувачи, предавачи во образовни институции, вработени во јавни институции и бизнис секторот, новинари, како и сите заинтересирани кои ќе сакаат да се едуцираат и усовршат за професионалци за комуникација во животната средина.

Проектот ќе опфати обука на обучувачи и изработка на наставна програма, креирање онлајн едукативни материјали, игра за учење и водич за комуникација во животната средина, како и спроведување на онлајн курсеви и хакатон во кои ќе се изработуваат кампањи за решавање на еколошките проблеми во регионот. По завршувањето на професионалната програма, учесниците ќе добијат сертификати и ЕКТС кредити од високообразовните институции кои се партнери во проектот.

Со оваа програма треба да се даде нов пристап во комуницирање на важните прашања околу животната средина како горлив проблем на Западен Балкан, но и да се фрли семе кон важноста на правилно комуницирање со цел справување со еколошките проблеми и климатските промени.