fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Попусти: Празнична ликвидација или манипулација?

Деновите пред и по празниците се период на радост и желба за подновување. Па така секој од нас сака да се почести или да ги израдува најмилите со омилениот производ. А тоа е доволно убедливо ако омилениот производ се најде на рафтот за попуст. Тогаш на шега велиме дека не трошиме, туку заштедуваме. Но, колку се реални попустите? Дали навистина имаше празнична ликвидација или беше само обична манипулација? Колкумина од вас се почувствуваа измамени?

На што „паѓаат“ потрошувачите со години?

Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ) велат дека секоја година речиси и да се повторуваат и трговските, но и потрошувачките грешки. Оние кои сакаат да продадат редовно се трудат да ги надмудрат оние кои во еуфоричниот период сакаат да купат без да бидат многу внимателни. Најчестите поплаки до ОПМ се однесуваат на продавање производи со недостаток, неможноста да се остварат правата од гаранции и сервисирање, несервисирање на производ во рок, неиздавање фискална сметка и фактура од онлајн трговците, наседнување на нелегални трговци кои продаваат на социјалните мрежи, како и продажба на производи што воопшто не се квалитетни или се различни од нарачаното.

„Во овој еуфоричен период потрошувачите сакаат да купуваат, трговците сакаат да продаваат. Својствено на тоа имаме многу акции и распродажби кои што често не се реални и се на некој начин нечесни пазарни пракси од страна на трговците. Трговците нудат производи на распродажби најчесто со недостаток, што се утврдува низ годините наназад од поплаки од потрошувачи. Понатаму, се нудат прехранбени производи, облека, обувки и слично кои што можат да покажат одреден недостаток. Така што потрошувачите најчесто водени од еуфоријата да купат нешто во брзање, не секогаш гледаат што ќе купат од трговците, дали тоа ќе биде купено онлајн, од легален или нелегален трговец, туку гледаат да купат нешто што е на попуст“, изјави Мартина Грнчаревска, Организација на заштита на потрошувачи.

Таа вели дека ОПМ секогаш апелира граѓаните да проверуваат дали производот – бела техника, облека, обувки, има некаков недостаток или пак рокот на употреба на храната.

Слични проблеми се пријавувани и до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), како институција што е одговорна за контрола на работата на трговците. Инспекторатот во 2023 година по однос на Закон за заштита на потрошувачи има направено 2100 надзори, а се казнети повеќе од 118 трговци во вредност од над 10 милиони денари. Пред да се донесе прекршочна глоба, инспекторот му укажува на трговецот за недостатоците кој има обврска најмногу во рок од 30 дена да ги отстрани, и ако инспекторот при повторен контролен надзор увиди дека трговецот не ги отстранил недостатоците, тогаш следува прекршочна постапка и глоби.

„Во нашиот инспекторат постои одделение за проценка на ризик, па врз основа на тоа се одредува каков вид на надзори ќе се направат, односно кои надзори ќе бидат редовни. Така што, во зависност од тоа што е во фокус на случувањата и за што најчесто пријавуваат граѓаните се одредуваат тие редовни надзори по кои што се постапува секој месец. Секако постојат и вонредни надзори, кои што се надзорите опфатени по претставките од граѓаните. Во пазарниот инспекторат пристигнуваат најразлични пријави, а во фокус периодов беа одлуките на Владата за намалување на цените на основните прехранбени производи. Генерално претставките се однесуваа на тоа дека нема означено гарантирана цена или дека на рафт цената била една, на каса им пресметале друга, или дека стоело до цената гарантирана цена, меѓутоа цената воопшто не била намалена“, вели Милена Цветановска од Државниот пазарен инспекторат.

Како се креираат попустите?

Од Државниот пазарен инспекторат објаснуваат дека за креирањето попусти има строго определени правила пропишани со новиот Закон за потрошувачи.

„Трговецот кога става одредена стока на попуст ја намалува цената врз основа на најниската цена во последните 30 денови. На пример, ако тој продавал одреден производ за 6000 денари, па го продавал за 5000 денари, после за 4000 денари во текот на еден месец, односно во текот на 30 дена, кога ќе реши да стави попуст или да ја намали цената има обврска да го спроведе попустот на најниската цена. Односно како што го дадов примерот, во случај ако најниската цена била 4000 денари, врз основа на таа цена мора да го направи попустот. Исто така, трговците секогаш мораат покрај старата цена, да ја стават новата цена – со прецртување, означување или напишано со букви – стара цена, па да ја наведат новата цена. Или кога станува збор за процентуално намалување, тие имаат апсолутна обврска да ја стават новата цена која што произлегува од тоа процентуално намалување“, објаснува Цветановска од ДПИ.

Таа вели дека во новиот Закон за заштита на потрошувачи има одредени новитети кои што се во полза на потрошувачите и дека ДПИ го претставува пред граѓаните за да се зголеми нивната свесност.

Граѓаните да ги пријавуваат неправилностите

Сепак, од ОПМ велат дека потрошувачите се повеќе запознаени за исполнување на нивните права, но не секогаш пријавуваат заради недовербата во институциите.

„Потрошувачите иако ги знаат правата, понекогаш имаат недоверба во институциите да покренат постапка за да го остварат потрошувачкото право. Ние ги охрабруваме секогаш да го прават тоа, да се пожалат до трговецот, да се пожалат до инспекцискиот орган и да ги остварат своите потрошувачки права. Од изминатата година зголемена е бројката. Оваа година имавме повеќе од 1600 поплаки на ниво на цела држава. Статистиката покажува тенденција на зголемување, бидејќи имаме зголемување и на онлајн продажбата“, кажа Грнчаревска од Организација на потрошувачи.

Од ОПМ ги советуваат потрошувачите каде и како да се обратат, а во определени случаи во нивно име поднесуваат барање за решавање на проблемот до трговецот. Таа објаснува дека секогаш кога се купува некаков производ, задолжително од трговецот треба да се побара фискална сметка, фактура или друг доказ за плаќање, за да може да се започне постапка во случај на поплака. Во минатиот период многу проблеми биле решени и заедно помеѓу трговецот и потрошувачот без да се оди на инспекциски надзор во Државен пазарен инспекторат.

Од Државниот пазарен инспекторат потенцираат дека на телефонскиот број 191 што работи 24 часа во секое време може анонимно да се пријави измама.

„Ако утврдиме неправилност – да, секако дека можеме да изречеме глоба и секако дека можеме да постапиме по допрен глас. Со новиот Закон за заштита на потрошувачи се опфатени токму овие посебни облици на ставање во промет, значи тоа е распродажба, акциска продажба, промотивна продажба, ставање во промет на производи со недостаток или грешка, ставање во промет на производи кои што се со ограничен рок на траење и исто така сезонското намалување“, додава Цветановска од ДПИ.

Внимавајте на онлајн измамите на продажба!

И од Државниот пазарен инспекторат и од Организацијата за заштита на потрошувачи велат дека се зачестени онлајн измамите на продажба. Апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни, оти ако не се следат правилата, некогаш не може да се реагира иако измамата е очигледна.

„Постојано укажуваме дека граѓаните мора да видат дали станува збор за регистриран или нерегистриран трговец, бидејќи кога станува збор за нерегистриран трговец, а продава онлајн производи, особено на социјалните мрежи, пазарниот инспекторат нема можност да постапи. Кога ќе стигнат кај нас тие пријави, ние ги поднесуваме до Секторот за компјутерски криминал во МВР, затоа што немаме систем врз основа на кој што би можеле да ги „ловиме“ тие трговци. Тоа е исклучително тешко, бидејќи оние што ги продаваат производите кога ќе видат дека има реакции од граѓаните на социјалните мрежи дека се измамени, тогаш ги бришат профилите. И многу е тешко да се најдат! Меѓу другото, граѓаните треба да внимаваат и на кого му оставаат доверливи податоци кога станува збор за онлајн нарачки. Ние досега сме имале пријави, меѓутоа за регистрирани онлајн трговци. Тоа се трговци кои што си имаат продавница каде што физички ги продаваат стоките, но си имаат регистрирано и за онлајн продажби. И со нив е многу полесно да се постапува, да се најде едно заедничко решение, за разлика од овие кои што не се никаде пријавени“, објаснува Милена Цветановска од Државниот пазарен инспекторат.

 

КОРИСНИ ФАКТИ ЗА ПОПУСТИТЕ
  • Акциската продажба на стоки не може да трае подолго од 30 дена.
  • Промоција на стоки и услуги се прави исклучиво на нови производи и не може да трае подолго од осум дена.
  • Сезонско намалување, како посебен облик на ставање во промет на производи или услуги, се спроведува по завршувањето на сезоната во точно определени периоди, летното сезонско намалување во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година, а зимското сезонско намалување во периодот од 25 декември од тековната до 25 јануари наредната година.
  • Во 2023 година околу 70 субјекти биле казнети од страна на Државниот пазарен инспекторат поради измама со лажни попусти.
  • Во согласност со законските прописи висината на глобите е 700 евра во денарска противвредност за правно лице и 200 евра за одговорно лице во фирмата.

 

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска