30 години членство на Македонија во УНЕСКО
Oваа година Република Македонија одбележува 30 години полноправно членство во УНЕСКО. Нашата земја пристапи на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура – УНЕСКО на 28 јуни 1993 година, а наредната година во март 1994 година со одлука на Владата востановена е Националната комисија за УНЕСКО чиј Секретаријат како стручно и административно тело делува во рамките на Министерството за култура.
Како дел од прославата на 75-от јубилеј во 2021 година, УНЕСКО, Велика Британија (како депозитар на Статутот) и Франција (како седиште на Организацијата) со задоволство ѝ овозможија на секоја држава членка и на нејзините граѓани дигитализирана копија од нивниот пристапен документ во УНЕСКО.
Во рамките на членувањето во УНЕСКО, Македонија (која како составен дел на поранешната држава Југославија беше членка речиси од самото основање на ООН и УНЕСКО) секогаш настојувала да реализира активна и конструктивна соработка со другите држави членки на оваа организација, да ги продлабочи пријателските и хумани односи меѓу луѓето и да придонесува со своите активности во изградбата на еден поубав и похуман свет без предрасуди кој е една од основните заложби на УНЕСКО од нејзиното постоење.
Македонија во тие настојувања на УНЕСКО имаше свој придонес со активно прифаќање на иницијативите и програмите на Организацијата и со реализирање на низа успешни проекти и настани иницирани од наши државни институции, граѓански здруженија, образовни и научни институции и поединци.
Придонесот на УНЕСКО во издавачката дејност и уметноста
Во издавачката дејност, на барање на Министерството за култура, со финансиска помош на УНЕСКО беа објавени: “Монографијата за Кочо Рацин“, поезијата на Ацо Шопов, “Антологијата на македонската поезија“ и “Антологијата на македонскиот кус расказ“ во рамки на УНЕСКО-вата едиција “Репрезентативни дела“. А на барање на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) беше печатена едицијата “Културното наследство на Македонија” составена од 4 публикации: “Македонските цркви“, “Отоманските споменици“, “Културното наследство на Охрид“ и “Археолошки локалитети“ кои беа објавени на македонски и англиски јазик со цел презентација на земјава во светот како бесценето сведоштво за континуитетот и разновидноста на материјалната и на духовната култура на Македонија.
Во 2003 година на иницијатива на Националната комисија за УНЕСКО и Советот на Меѓународниот поетски фестивал „Струшките вечери на поезијата“, со поддршка на беше воспоставена Меѓународната награда на УНЕСКО за најуспешен млад поет која традиционално се доделува секоја година.
На фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ годинава ќе се одбележат два јубилеи 60 години од првото одржување на Фестивалот и 75 години од основањето на УНЕСКО
Од 7 март до 1 април 2003 г. во салата Миро, во седиштето на УНЕСКО беше реализирана изложбата на Уметничка галерија – Скопје под наслов „Дијалози: македонската уметност денес“. Изложбата официјално беше отворена на 14 март од страна на министерот за култура и претседател на Националната комисија Благој Стефановски и генералниот директор на УНЕСКО Коиширо Мацура. Целта на изложбата беше промоција на современата уметност на нашата земја на светската публика.
На иницијатива на Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), со целосна финансиска помош на УНЕСКО беше адаптиран простор во Музејот на современа уметност и опремен со потребната компјутерска опрема за основање на Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство кој официјално беше отворен во февруари 2008 година од тогашниот генерален директор на УНЕСКО, Коиширо Мацура.
Заштита на светското културно и природно наследство
Во изминатиот период се интензивираше и соработката со Центарот за светско наследство при УНЕСКО, како главен двигател на сите активности кои се преземаат во поглед на заштитата на локалитетите кои се наоѓаат на Листата на УНЕСКО за светско наследство. Охридскиот регион како светско природно богатство е впишано на Листата на УНЕСКО 1979 година, а во 1980 година и како светско културно наследство. Со цел водата на Охридското езеро да биде под целосна заштита и заедничко управување со истото од страна на нашата земја и Албанија, УНЕСКО со средства од Европската Унија помогна на албанската страна да подготви услови за пристапување на нивниот дел за впишување на Листата на УНЕСКО за светско културно и природно наследство.
Во февруари 2021 година, буковите шуми кај Длабока Река беа впишани како светско природно наследство, со одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44. сесија со што Длабока Река се приклучи кон проширеното транснационално подрачје Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа.
На тентативната, привремена листа на УНЕСКО за светско природно и културно наследство впишани се: Маркови кули, пештерата Слатински извор, Археолошко-астрономскиот локалитет Кокино и црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново.
Како резултат на успешната соработка помеѓу Министерствата за животна средина на Албанија и Македонија и поддршката на Германската фондација за развој, на 26-та сесија на Meѓународниот совет на УНЕСКО за програмата „Човек и биосфера“ (МАБ), во Јончопинг, Шведска, 2014 година официјално беше прогласен Прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа за биосферен резерват на УНЕСКО. Вакви прекугранични резервати има само 14 во светот.
Со заедничка координирана соработка на Националната комисија за УНЕСКО, УЗКН и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство, На Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото впишани се: „Чет`рсе – прославување на светите четириесет маченици“ (2013 год.), „Копачката – машко соборно оро од село Драмче, Пијанец“(2014 год.), заедничката апликација на Македонија и Турција “Хидерлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдова “Пролетно прославување – Мартинките“(2017 год.), “Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) е на Листата на УНЕСКО за загрозено нематеријално културно наследство.
Во програма на УНЕСКО за одбележување на јубилеи на значајни настани и личности Македонија ги одбележи следните јубилеи: 100 години од раѓањето на мајка Тереза (2010 г.), 50 години од првото одржување на Меѓународниот поетски фестивал „Струшките вечери на поезијата“ (2011 г.) и “1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски“ (2016/17), „50 години од смртта на Параскеви Кирјази“ (2020 г.), 100 години од раѓањето на Блаже Конески“ (2021 г.) и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, поет“ (2023 г.),
На барање на Општина Битола УНЕСКО го вклучи градот Битола во Мрежата на креативни градови на УНЕСКО во областа на филмот. Оваа мрежа е востановена од 2004 година и досега УНЕСКО прогласи 116 градови, од кои само 7 се од областа на филмот
Во настојувањето да се развие меѓукултурниот дијалог, а со цел надминување на историските предрасуди и недоразбирања, Министерството за култура од самиот почеток во 2009 год. активно учествуваше во долгорочниот проект на УНЕСКО за изготвување на заедничката патувачка изложба на тема „Замислувајќи го Балканот“, која на 12 јуни 2014 година беше свечено отворена во Скопје, во присуство на сите национални координатори од регионот и домашната публика. Изложбата беше изложена во Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Грција во Атина, 2015 година, каде за најатрактивен изложбен експонат беше прогласено Галичкото знаме.
Развој на образованието и поддршка на младите
На барање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со посредство на Националната комисија УНЕСКО донирашт најсовремена компјутерска опрема на Ректоратот на Универзитетот, како дел од партнерската соработка на УНЕСКО со Хјули Пакард.
Со помош на УНЕСКО беа основани Катедра на УНЕСКО за интер-културни студии и истражувања при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Катедра на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а во 2023 година беше основана Катедра на УНЕСКО за писменост за иднината (futures literacy) и медиумска писменост при Институтот за комуникациски студии.
Во рамките на соработката со УНЕСКО треба да се истакне дека Македонија во изминатиот период особено внимание посветуваше на програмите и активностите посветени на младите. Од 1998 година до денес активно сме вклучени во УНЕСКО-вите мрежи на „Здружени училишта“ и „Клубови на УНЕСКО“. Покрај стипендиите за млади што УНЕСКО ги доделува, редовното учество на македонски претставници на Форумот за млади, УНЕСКО финансиски ги поддржа трите младински УНЕСКО клуба кои во текот на 2014 година заедно партнери од Република Албанија реализираа неколку активности во рамки на проектот „Разбирање и почитување на културната разноликост – поттик за културна соработка за и од младите“. Целта на оваа иницијатива беше да се интензивира културната соработка меѓу младите од двете држави преку разбирање и вреднување на културните разлики и традиции преку информатичко – комуникациските технологии..
Со финансиска помош на УНЕСКО, беше преведен на македонски јазик и испечатен прирачникот “Светското наследство во рацете на младите“. Прирачникот беше промовиран меѓу учениците преку проект реализиран со помош на Министерството за образование и наука.
Македонија – домаќин на регионални и меѓународни конференции
Во изминатите 30 години членоство во УНЕСКО, Македонија беше домаќин на многу значајни регионални и меѓународни конференции:
- Првиот самит на шефови на држави на југоисточна Европа „Дијалог помеѓу цивилизациите“ во Охрид, 2003 година, на иницијатива на поранешниот Претседател на државата Борис Трајковски. УНЕСКО финансиски и логистички го помогна организирањето на овој самит кој го сметаа како историски настан за иднината на Југоисточна Европа (ЈИЕ) бидејќи беше прва средба на лидерите по распадот на поранешната заедничка држава Југославија. Со донесувањето на Охридската декларација за дијалог и мир наредните 10 години под покровителство на УНЕСКО се одржуваа вакви регионални самити секоја година во различни држави од регионот;
- Третата министерска конференција за културното наследство, во Охрид, 2006 год.;
- Првиот министерски состанок на новата платформа под заеднички наслов „Совет на министри за култура на земјите од Југоисточна Европа – подобрување на културата за развој“ кој се одржа 2014 година во Охрид, на кој министрите на ЈИЕ ја усвоија Охридската декларација и Стратегијата за регионална соработка.
- Четирите светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, кои се реализираа во рамките на Глобалната агенда на ООН и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите. На конференциите во 2007 и 2010 во Охрид, 2013 во Скопје и 2016 година во Битола учествуваа над 700 учесници од сите континенти, голем број на лидери од сите религии, претставници од меѓународните организации, интелектуалци, уметници, медиуми од државата и странство. На овој начин Македонија беше промовирана како земја која ги почитува верските права, дијалогот и културната разноликост. Конференциите беа организирани од Министерството за култура, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во соработка со Министерството за надворешни работи и верските заедници.
Значајно е дека во периодот 2011-2015 година Македонија беше членка на Извршниот одбор на УНЕСКО кој претставува највисок орган на УНЕСКО. Со ова државата за прв пат на највисоко ниво заедно со другите членки на ова тело се залагаше за натамошно развивање на УНЕСКО, засилувањето на нејзината меѓународна улога, унапредувањето на соработката со државите членки, стимулирање на интелектуалниот и материјален потенцијал со кој располага во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а се во доменот на ОН и УНЕСКО.
Македонија во истиот период беше членка на Меѓународниот комитет на УНЕСКО за конвенцијата за заштита и унапредување на разноликоста на културните изразувања што е од особена важност бидејќи за прв пат беше членка во помошно тело на УНЕСКО од областа на културата.
Како членка на УНЕСКО нашата држава може и треба да ги имплементира Конвенциите на УНЕСКО кои ги има ратификувано што всушност тоа е и нејзина обврска, но пред се тоа е и корисна можност конвенциите, безбројните документи и темелни акти на оваа организација да ги искористи при изготвување и реализирање на потребните развојни програми согласно нашите услови и потреби.
Исто така, треба и понатаму нашите институции, граѓанските здруженија и поединци да ги користат многубројните фондови и програми на УНЕСКО.
Автор: Лидија Топузовска