fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Поткопување на довербата во институциите како штетен наратив

Сите сме сведоци дека македонските институции не уживаат висока доверба, секако со чест на исклучоци. А, и зошто би било поинаку во држава којашто со години или со децении, мака мачи со корупцијата, а политичарите со меѓусебните обвинувања не придонесуваат во насока на подобрување на сликата.

Почетната доверба не е висока, но неоснованите обвинувања се опасни

Едноставно, граѓаните не веруваат дека јавните институции работат за нивните интереси и за доброто на земјата. И ова е многу опасно зашто со дезинформации, погрешни и злонамерни информации, довербата уште повеќе се намалува, особено, кога тоа се прави намерно без притоа да се понудат соодветни докази.

Политичарите кај нас речиси секојдневно обвинуваат за корумпираност на институциите, за нивно непрофесионално работење или пристрасно одлучување.

„Изборите се наместени, се вработуваат само партиски луѓе, судиите се нивни“ – ова го слушате секој ден, нели? Повеќе примери и не ви требаат, знаете за што зборувам.

И, ова отсекогаш постоело. Но, денес е променет општествениот контекст зашто ги имаме социјалните медиуми и социјалните мрежи. А, таму може да се прочита сè и сешто, свесно да се тераат кампањи против одредени институции, да се објавуваат наводни резултати од гласање, да се укажува на манипулации и изборни кражби, а притоа да не се понуди никаков доказ. Но, тоа со светлосна брзина се шири на социјалните мрежи. Корумпирани, нетранспарентни, непрофесионални, овој или оној ја злоупотребил службена должност, ве лажат за короната. Познато ви е, нели?

Честопати се користи и една друга техника, односно, не се пренесува целосната слика за одреден настан или случување, од политичката манџа се одбира тоа што ви треба, а се испушта тоа што не ви оди во прилог и ова е супер можност за напад врз политичкиот противник.

Важно е да се следат информациите од официјалните извори

Правилното информирање е многу важно, а граѓаните треба да имаат доверба во институциите, особено кога се справуваме со криза како пандемија. Ако на пример, не се почитуваат препораките од одредени институции, како Комисијата за спречување заразни болести, мерките ќе бидат помалку ефикасни, или, ако се шират невистини за наводно загрозување на јавната безбедност, граѓаните нема да соработуваат со полицијата. Примери има многу.

Секогаш е добро и полезно да се проверува работата на институциите зашто тие се платени од наши пари, но, тоа не значи дека без докази може да се обвинува.

До следното издание, проверете го истражувањето ШТЕТНА за штетните наративи.