fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Кога бракот станува „затвор“ неизбежен е разводот

Секој седми брак во Македонија завршува со развод. Во последните години драстично е зголемен бројот на разведени бракови и годишно е повеќе од 2000. Бројот на разводи лани пораснал за 9,4% во споредба со 2022 година. Најмногу бракови биле склучени во август, а најмногу разводи имало во декември. Најмногу се разведувале луѓето од 35 до 39 години. Статистиката покажува дека според траењето на брачната заедница најмногу разводи се случуваат во период од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Законот за семејство уредува два начина на поведување постапка за развод – спогодбен развод или тужба за развод од едниот брачен другар.

„Во случај странките да одлучат да се разведат, најдобро би било да се консултираат со стручно лице кое што ќе им ги објасни сите нивни права и обврски како во текот на постапката за развод на брак, така и за оние правни последици коишто следуваат после развод на бракот. Брачната заедница се разведува на два начина, и тоа со поднесување на тужба за развод на брак, кога странките не се усогласени дека сакат да се разведат со спогодбена волја, или со предлог за спогодбен развод на брак, кога странките можат претходно да се договорат на кој начин побрзо, поцелисходно и поекономично ќе го разведат бракот. Постапката почнува со тужба или со предлог за спогодбен развод пред суд, а надлежен суд е судот што е надлежен во согласност со последното живеалиште заедничко на странките“, објаснува адвокатот Михаил Давидовски.

Браковите не се распаѓаат преку ноќ, разводот не е резултат на еден инцидент. Напротив на тоа претходи емоционален процес и разни дисфункции кои траат извесен период, велат психолозите.

„Научени сме да живееме со нашите депресии, со нашите анксиозности, со паничните напади, со нашите незадоволства, со стравовите… да ги ставиме под тепих, утре ќе заборавиме, па ќе продолжиме. Ама работата е во тоа што таквите еднаш појавени емоции не се поништуваат. Ние можеме да ги потиснеме, ама тие ќе си останат со истата емоционална силина со којашто и се појавиле. Со годините или како бракот оди понатаму се појавуваат нови ситуации, нови проблеми затоа што животот е таков, не е само љубов, не е само секс, не е само радости, заеднички и убави моменти, но и многу проблеми. Расте незадоволството од партнерот, од животот, од бракот, од себеси. Почнува да смета во секојдневното функционирање, во професионалното финкционирање, во тоа како се воспитуваат децата и на крајот доаѓа до моменти кога сето тоа експлодира и завршува со разводи“, вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.

Во Центарот за социјални работи функционира службата за брак и семејство и заштита од семејно насилство. Социјалните работници им даваат совети на брачните другари за надминување и ублажување на проблеми кои неповолно се одразуваат на партнерските, родителските и семејните релации. Според правните застапници, постапката за спогодбениот развод на брак е поедноставна. Во постапката по тужба трошоците можат да надминат и 60 000 денари.

„Стручниот тим при службата за брак и семејство и заштита од семејно насилство врз основа на спроведената стручно-методолошка работа што ја спроведува со децата во зависност од возраста на детето, потребите, интересите, наклонетостите на детето со родителот и поврзаноста на детето со родителот, донесува мислење, меѓутоа тука сепак се земаат предвид и ставовите и мислењата на родителите. Целокупната слика се добива за целото семејство и се донесува мислење што се доставува до надлежниот суд“, објаснува Гзиме Рака, која е координаторка за служби при Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

„Чувањето, доверувањето и издржувањето на детето сепак е со одлука на надлежниот суд. Судот не е врзан со мислењето на Центарот за социјални работи, меѓутоа од мојата практика често се покажува дека во повеќе од 99% судовите ги прифаќаат мислењата на Центарот за социјални работи“, додава адвокатот Давидовски.

Во разводите најмногу страдаат децата

Според психолозите, разводот на бракот е тешка, мачна и чувствителна тема за секој кој го минува овој трнлив пат, но најмногу страдаат децата. Центарот за социјални работи, како орган на старателство, со стручни совети им помага на родителите и децата што побезболно да ја поминат семејната криза. Одговорен е и за спроведувањето на мерката надзор над вршење на родителското право.

„Страдаат сите што се вклучени – сопругот, сопругата, многу страдаат децата затоа што тие не можат да го сменат сето тоа. Тие се паталци, оние што патат. Роднините, родителите, бабите, дедовците сите тие кои се од околу се и секундарно трауматизирани од она што се случува во бракот, а последицата од сето тоа е да страда целото општество. Затоа што тие луѓе стануваат помалку ефективни на работа, помалку социјално се акомодирани во живеењето“, вели психологот Јовановска Стојановска..

„Родителите мораат своите деца да ги ставаат настрана од конфликтите и настрана од одлуката за развод зашто децата неретко одлуката за развод ја препишуваат на самите себе. Ја преземаат одговорноста или чувствуваат вина за тој чин. Особено е штетно кога родителите ќе ги вклучат нивните деца, намерно или случајно, кога најчесто едниот родител се жали на детето од другиот родител“, додава Гзиме Рака од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Законот за семејството предвидува и постапка за мирење на брачните другари. Целта е повторно да се востанови брачната заедница во интерес и на децата доколку се изродени во бракот.

„Има случаи каде што ни е успешна мировната постапка, меѓутоа неретко во тие навидум успешни мировни постапки за кратко време истите странки ни доаѓаат веќе децидни во одлуките за развод. Меѓутоа, тоа сепак е индивидуално, во зависност од секој брачен пар. Исто тука многу има влијание и колку сакаат брачните партнери пак да соработуваат со Центарот или со Одделот за советувалиште, или генерално со стручниот тим што работи при Одделот за брак и семејство и заштита од семејно насилство“, вели Рака од Центарот за социјална работа.

„Рочиштето за мирење им дава дискретност на странките, се исклучува јавноста и се случува само во присуство на судијата и странките во постапката, а доколку судот утврди дека една од странките е потребно сама да се искаже во однос на дали истата ќе се мири или не, може судот да нареди и двете странки поединечно да се сослушаат. Доколку и рочиштето за мирење е неуспешно, меѓутоа по видување на судијата постои можност странките да се смират, во тој случај судот може и да го одложи рочиштето за мирење и да закаже ново“, дообјаснува адвокатот Давидовски.

Семејно насилство, нетрпеливост, неверство, потребата од развод на бракот заради остварување на права од социјална природа, недостаток на комуникација. Листата е долга, не би можеле да се набројат само неколку причини за развод, согласни се и адвокатите, и психолозите, и социјалните работници.

Една од причините за развод е и раното стапување во брак. Во земјава никој од органите не води евиденција за малолетничките бракови, а тие повлекуваат низа проблеми. Мал е и бројот на претставки до Омбудсмаот. Според податоците на УНИЦЕФ, 8% од сите жени на возраст од 20 до 24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18 годишна возраст.

Некои разводи траат предолго

Секој развод е посебна приказна, но има и разводи кои знаат да потраат и подолго време. Во тие постапки најмногу време одзема докажувањето на личните и имотните прилики на брачните другари, како и нивните приходи кои се важен фактор за утврдување на начинот на чување, доверување и издржување на децата.

„Причините не се само на страна на странките. Прво, причините за долготрајноста на постапката се во зависност дали постапката е поведена по тужба или е по спогодбен развод на брак односно по предлог. Често пролонгирање се случува и поради вина на судовите, поради ротација на судии и отсуство на судечкиот совет, така што некогаш странките за да ги остварат своите права во постапката, калкулираат со време, си даваат можност на одложување, некогаш се прибавува и здравствена документација за одложување. Пролонгирањето на постапката зависи пред сè од ефикасноста на судот и волјата на странките за да ја завршат таа постапка“, вели адвокатото Давидовски.

Поведувањето постапка за развод на брак не значи дека странката ставила крај на заедницата. Институциите се тука да помогнат во мирењето, но потребно е партнерите преку јасна комуникација да изградат мост на блискост. Понекогаш е тешко да се спаси бракот, но семејството е сè уште местото каде што можеме да ги решиме предизвиците што ги носи животот, советуваат нашите соговорници.

„Странките можат и меѓу рочиште да се договорат да ги уредат своите меѓусебни односи, права и обврски после брачната заедница до завршување на главната расправа. Странката која ја покренала тужбата може да ја повлече својата тужба со што ќе се смета дека тужбата е повлечена. Законот дава можност и по донесување на пресудата, а пред нејзината правосилност, со согласност на другата страна да биде ставена вон сила истата пресуда. Така што, поведувањето на постапка за развод на брак не значи дека странката со тоа ставила крај на заедницата, туку само можност и во нивна неможност самите да си помогнат, институциите да им помогнат во нивно мирење“, смета адвокатот Михаил Давидовски.

„За многу проблеми што ги носи животот во воспитувањето, нашето живеење, здравствените и емоционалните проблеми, семејството е едно од најдобрите места каде сето тоа можеме да го решиме, каде ќе дојдеме до заеднички систем, до резултати и за оние двајца кои се во бракот, а и за децата“, апелира психологот Мирјана Јовановска Стојановска.

„Потребно е партнерите да имаат јасна и ефикасна комуникација за сооствените потреби, желби, емоции, со што би изградиле мост на блискост меѓу нив и сето тоа би се постигнало доколу двајцата се фокусираат еден на друг, а не еден против друг“, вели Гзиме Рака од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. .

Податоците на „Форбс“ покажуваат дека Шри Ланка е држава со најниска стапка на разводи во светот, а Филипините, заедно со Ватикан, се единствените земји каде разводот е незаконски. Што се однесува до професиите, келнерите и стујардесите имаат највисока стапка на разводи, а најмалку се разведуваат стручните лица едуцирани во областа на математика, статистика и финансии.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Сунчица Николоска

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска