fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Еднаква моќ за жените за родова врамнотеженост во бизнисот

Институтот за комуникациски студии и Институтот Изида Вита од Словенија го започнуваат проектот „Еднаква моќ за жените“ чија премиса е родовата врамнотеженост.

Во Македонија жените сè уште се дискриминирани со пониски плати и ним им е потешко да се вработат. Владата донесе измени и ја усвои легислативата за ова прашање, но нема доволно содржина и има премалку активни приоди за да се решат проблемите од оваа тема. Оттука, во рамките на проектот ќе се спроведе истражување за родовата еднаквост на раководните позиции во економијата, ќе се подготвуваат публикации со добри примери за родова еднаквост заради подигнување на свеста за темата, ќе се организираат меѓународна веб конференција и едукативни работилници, и ќе се изработат Насоки за врамнотежено вклучување на двата рода на врвните раководни позиции во бизнисот.

Директорот на Институтот Изида Вита од Словенија, Горазд Постружник вели дека статистиката покажува дека, во просек, оние компании кои имаат балансиран удел на жени и мажи во управувачките структури размислуваат побрзо, реагираат поагилно на промените предизвикани од пазарот и пазарната ориентација, а истовремено се и „поздрави“.

„Преку проектот „Еднаква моќ за жените“, ние во соработка со партнерот – Институтот за комуникациски студии ќе пренесеме позитивни искуства од Словенија и од други земји во Република Македонија. Убеден сум дека позитивните примери и искуства ќе бидат инспирација македонските компании да се приклучат кон проектот и да ги применат примерите за добра пракса во сопствените деловни политики.“, вели Постружник.

Директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска смета дека иако во Македонија живеат само 0.2 проценти помалку жени од мажи, разликата во сите области од јавниот и приватниот сектор е многу поголема.

„Според официјалната статистика, се забележува дека на факултетите се запишуваат и студиите ги завршуваат повеќе жени од мажи. Сепак, вработеноста во Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура. Жените учествуваат во вкупниот број вработени со само 33.7 отсто. Оттука Институтот за комуникациски студии преку проектот „Еднаква моќ на жените“, ќе придонесе кон еднаков статус на жените и на мажите во остварувањето на нивните права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали.“, вели Трајкоска.

Проектот е кофинансиран од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и има голема поддршка од словенечката амбасада во Скопје. За таа цел, на самиот почеток на проектот беа одржани две средби – во Марибор помеѓу словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец и претставници на Министерството за надворешни работи и на Институтот „Изида вита“, и во Скопје помеѓу преставници на Институтот за комуникациски студии и на словенечката амбасада.

„Проектот цели кон зајакнување на самодовербата и дисеминација на добри примери за жени – претприемачи во двете земји. Тоа е извонреден и редок пример на соработка, па затоа истиот заслужува големо признание. Во поширока смисла, тој се поврзува со меѓународно добро познатото истражување „Еднакви можности во словенечката дипломатија“. На сите учесници им посакуваме многу успех и ја изразуваме нашата поддршка.“, вели амбасадор на Словенија во Македонија, Милан Јазбец.

Проектот „Еднаква моќ за жените“ почнува да се реализира во годината кога се одбележува 25-тата годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Словенија и Македонија и ќе трае наредните две ипол години.