Родовата еднаквост во време на родови дезинформации
Медиумите овозможија широка застапеност на антиродовите наративи во медиумскиот простор, со што придонесоа за пласирање и ширење родови дезинформации при известувањето за настаните во врска со Предлог-законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција.
Ова го покажува анализата „Родовата еднаквост во време на родови дезинформации“, која Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја изработи за периодот од мај до јули оваа година. Анализата ги опфати новинарските извештаи за настаните поврзани со Парадата на гордоста (Скопје Прајд 2023) и протестот организиран од Македонската православна црква (МПЦ) и други конзервативни и религиозни организации, кои се одржаа во јуни. Беа анализирани повеќе од 1.000 онлајн извештаи и 7 000 коментари на новинарските објави на Фејсбук.