Истражувачки области

Политичка комуникација

Политичките пораки денес циркулираат низ традиционалните медиуми, социјалните мрежи и дигиталните платформи, а нивната видливост сè повеќе зависи и од алгоритми, нови формати и променливи навики на публиката.

Што истражуваме

Овие процеси отвораат важни истражувачки прашања за начинот на кој се обликува јавниот дискурс, како граѓаните ги разбираат политичките пораки и јавните политики и како се менува односот меѓу политичките актери, институциите, медиумите и јавноста.

Во Институтот за комуникациски студии ја истражуваме политичката комуникација како простор во кој се испреплетуваат политичката моќ, медиумите, јавните наративи и граѓанското учество. Анализираме како се создаваат и пренесуваат политичките пораки, како се врамуваат општествените и политичките прашања и како различните комуникациски практики влијаат врз квалитетот на јавната дебата, политичкото учество и довербата во институциите.

Прочитај повеќе

Посебно внимание посветуваме на јавната комуникација на државните институции односно како ги објаснуваат своите политики и одлуки, обезбедуваат информации од јавен интерес и одговараат на потребите и прашањата на граѓаните. Ги истражуваме транспарентноста, отчетноста и интегритетот во комуникацијата, како и разграничувањето меѓу институционалното информирање и партиската промоција.

Нашиот истражувачки интерес ги опфаќа политичкиот и јавниот говор, политичките пораки и наративи, изборната комуникација, популистичката реторика, институционалната комуникација, односите меѓу политичките актери и медиумите, истражувањата на јавното мислење и дигиталната политичка комуникација. Посебно внимание посветуваме на штетните и поларизирачките наративи, нивното создавање и ширење и начинот на кој медиумите и дигиталните платформи ги пренесуваат, засилуваат или преиспитуваат.

Истражувањата ги засноваме на медиумски мониторинг, анализа на содржини и јавен дискурс, следење на политичките наративи и анализа на комуникациските практики. Во соработка со академски и истражувачки институции, медиуми и меѓународни партнери, ги споредуваме овие практики во различни национални контексти, со фокус на односите меѓу политичките актери и медиумите и отвореноста на институциите кон јавноста.

Сознанијата ги користиме за препораки и насоки за појасно објаснување на јавните политики, подобрување на институционалното информирање и поосмислени јавни консултации. Со тоа ја поддржуваме комуникацијата што им овозможува на граѓаните да ги разберат одлуките, да ја следат работата на институциите и да учествуваат во креирањето политики.

Кој ја води оваа област

Истражувачки проекти

Публикации од оваа област

Поврзани вести