Истражувачки области
Истражувањето е еден од основните столбови на нашата работа.
Истражуваме како медиумите, комуникациите, технологијата и информациската средина влијаат врз луѓето, институциите и општеството.
Од истражување до примена
Истражувањето е еден од основните столбови на нашата работа. Истражуваме како медиумите, комуникациите, технологијата и информациската средина влијаат врз луѓето, институциите и општеството, како се создаваат и пренесуваат информации и јавни наративи и како тие влијаат врз довербата, одлучувањето и учеството во јавниот живот. Особено нè интересираат промените што ги носат дигиталните платформи, вештачката интелигенција и новите комуникациски практики и нивното влијание врз медиумите, јавната дебата и демократските процеси.
Нашата истражувачка работа е организирана во шест меѓусебно поврзани области. Тие ги опфаќаат писменоста за иднината и медиумската писменост, медиумите и новинарството, информациските нарушувања, стратегиските комуникации, политичката комуникација и комуникацијата за наука и животна средина. Областите не ги разгледуваме изолирано, бидејќи современите комуникациски и општествени предизвици сè почесто се преклопуваат. Прашањата за довербата, дезинформациите, технологијата, јавниот интерес, институционалната комуникација и граѓанското учество бараат поширок и интердисциплинарен пристап.
Истражувањето за нас не завршува со анализа или научен труд. Сознанијата ги преточуваме во препораки, образовни програми, методологии, комуникациски пристапи, обуки и практични ресурси. Така го поврзуваме академското знаење со практиката и создаваме резултати што можат да ги користат медиумите, институциите, граѓанските организации и пошироката јавност.
Шесте области во фокусот на нашите истражувања
1. Писменост за иднината и медиумска писменост
Истражуваме како луѓето ги разбираат информациите и промените околу себе, како ги замислуваат можните иднини и како медиумите, технологијата и вештачката интелигенција влијаат врз критичкото размислување, одлучувањето и учеството во општеството.
2. Медиуми и новинарство
Истражуваме како се менуваат медиумите и новинарството под влијание на дигиталните технологии, новите навики на публиката и вештачката интелигенција, со фокус на јавниот интерес, медиумскиот плурализам и професионалните и етичките стандарди.
3. Информациски нарушувања
Истражуваме како настануваат и се шират дезинформациите, манипулативните наративи и другите форми на информациско влијание, кои актери и канали ги поттикнуваат и како тие влијаат врз довербата, информацискиот интегритет и демократските процеси.
4. Стратегиски комуникации
Истражуваме како институциите и организациите ги разбираат своите публики, ја планираат комуникацијата и градат доверба и долгорочни односи со јавноста, особено во услови на дигитални промени, кризи и намалена доверба.
5. Политичка комуникација
Истражуваме како политичките пораки, јавните наративи и институционалната комуникација влијаат врз јавната дебата, довербата и граѓанското учество, како и колку институциите транспарентно и отчетно ги комуницираат своите политики и одлуки.
6. Комуникација за наука и животна средина
Истражуваме како научните, климатските и еколошките теми се комуницираат и разбираат, што влијае врз довербата во науката и како сложените сознанија можат да станат поточни, поразбирливи и покорисни за јавноста и за донесувањето одлуки.
