УНЕСКО катедра за писменост за иднината и медиумска писменост
УНЕСКО катедрата на ИКС ги поврзува писменоста за иднината и медиумската писменост, со цел младите и возрасните критички да ги разбираат информациите, дигиталните медиуми и промените што го обликуваат современото општество.

За катедрата
Носителка на катедрата

Проф. д-р Жанета Трајкоска
Директорка на Институтот за комуникациски студииКонтакт лице

м-р Моника Аксентиевска
Проектна менаџеркаИнститут за комуникациски студии
Што е катедрата?
Катедрата за писменост за иднината и медиумска писменост е основана во 2022 година во рамки на Институтот за комуникациски студии. Таа ги поврзува медиумската писменост и писменоста за иднината како две важни способности за критичко разбирање на информациите, одговорно носење одлуки и активно учество во општеството.
Медиумската писменост помага да се разбере како се создаваат, пренесуваат и толкуваат информациите во современата медиумска и дигитална средина. Во време на дезинформации, вештачка интелигенција, брзи технолошки промени и намалена доверба во информациите, таа е неопходна за препознавање манипулации, проверка на извори и критичко оценување на содржините што секојдневно се користат.
Писменоста за иднината ја проширува оваа способност. Таа помага да се разбере дека иднината не е однапред зададена, туку се обликува преку одлуките, вредностите, знаењето и претпоставките што постојат денес. Кога овие две писмености се поврзуваат, луѓето не само што подобро ги разбираат информациите, туку и полесно размислуваат за можните последици од промените, технологиите и општествените процеси.
Затоа Катедрата спроведува истражувања и развива обуки, наставни ресурси и партнерства наменети за различни генерации и професионални заедници. Целта е знаењето да биде достапно, применливо и корисно за подобро информирање, критичко размислување и поодговорно учество во општеството.
Што правиме?
Од истражување до учење и примена.
Истражувања
Истражуваме како луѓето ги разбираат информациите, медиумите, дигиталните технологии и иднината, со фокус на дезинформации, вештачка интелигенција, доверба и критичко размислување.
Курикулуми и ресурси
Истражувачките сознанија ги преточуваме во курикулуми, прирачници, наставни материјали, алатки и ресурси за училишта, обуки, академии, младински програми и професионална работа.
Програми и обуки
Развиваме обуки, школи, кампови, програми и курсеви за писменост за иднината и медиумска писменост, наменети за различни образовни, професионални и граѓански заедници.
Партнерства и меѓународна соработка
Дел сме од Алијансата на УНЕСКО за медиумска и информациска писменост (UNESCO Media and Information Literacy Alliance) и соработуваме со УНЕСКО мрежи, универзитети, медиуми и организации за развој на програми, ресурси и практики во оваа област.




