Истражувачки области

Стратегиски комуникации

Намалената доверба, фрагментираната јавна сфера и брзите промени во дигиталната комуникација го менуваат начинот на кој институциите, организациите и другите јавни актери комуницираат со своите публики.

Што истражуваме

Социјалните медиуми, новите комуникациски формати, податоците и вештачката интелигенција создаваат нови можности, но отвораат и важни прашања за довербата, транспарентноста, етиката и ефективноста на комуникацијата. Стратегиските комуникации затоа претставуваат значајно истражувачко поле за разбирање на односите меѓу организациите, медиумите и јавноста во современото општество.

Во Институтот за комуникациски студии истражуваме како институциите, граѓанските организации, компаниите и другите јавни актери ги разбираат своите публики, ги планираат комуникациските процеси и градат односи со различни општествени групи. Посебно внимание посветуваме на улогата на комуникацијата во остварувањето на посакуваните организациски цели, градењето доверба, управувањето со кризи, поттикнувањето дијалог и учество и создавањето долгорочни односи со јавноста.

Прочитај повеќе

Нашата истражувачка експертиза ги опфаќа односите со јавноста, корпоративното и институционалното комуницирање, односите со медиумите, кризното комуницирање, јавните кампањи, застапувањето, интерната комуникација, јавната дипломатија и управувањето со репутацијата. Го истражуваме и влијанието на дигиталните платформи, социјалните медиуми, податоците и вештачката интелигенција врз комуникациските практики, како и прашањата за етичка, транспарентна и одговорна употреба на овие технологии.

Истражувачкиот пристап го поврзуваме со анализата на публиките, комуникациските потреби, јавните ставови, медиумските и дигиталните содржини и ефектите од комуникациските активности. Ваквото поврзување овозможува подобро разбирање на тоа кои комуникациски пристапи функционираат во различни општествени и институционални контексти, како се гради и одржува довербата и на кој начин комуникацијата може да придонесе кон поголема вклученост на јавноста.

Соработуваме со академски и истражувачки институции, јавни институции, граѓански организации, медиуми, компании и меѓународни партнери во истражување и развој на пристапи кон современите комуникациски предизвици. Размената на знаење и искуства овозможува споредување на различни практики, тестирање нови методи и развој на решенија што можат да се применат во различни организациски и општествени средини.

Истражувачките сознанија ги преточуваме во комуникациски стратегии и планови, анализи, препораки, кампањи, обуки и менторски програми. На овој начин ги поврзуваме истражувањето, образованието и практиката и придонесуваме кон професионализација на стратегиските комуникации. Целта е комуникациските одлуки да се засноваат на подобро разбирање на јавностите, релевантни податоци и истражувачки сознанија, а комуникацијата да придонесува кон доверба, дијалог и одговорно учество во јавниот живот.

Кој ја води оваа област

Истражувачки проекти

Публикации од оваа област

Поврзани вести