Информациски нарушувања
Развојот на вештачката интелигенција, влијанието на дигиталните платформи и сè посложените техники на координирано влијание отвораат нови истражувачки прашања за информацискиот интегритет, довербата во институциите и отпорноста на демократските општества.
Што истражуваме
Дигиталната трансформација на јавната комуникација го менува начинот на кој се создаваат, шират и засилуваат дезинформациите, штетните наративи и другите форми на информациска манипулација.
Во Институтот за комуникациски студии истражуваме како настануваат и се развиваат манипулативните наративи, преку кои актери и канали се шират и на кој начин навлегуваат во медиумската, дигиталната и јавната комуникација. Информациските нарушувања ги анализираме како комплексен феномен што ги надминува поединечните неточни или измамнички содржини и ги опфаќа пошироките комуникациски стратегии, мрежи на влијание и општествени услови што овозможуваат нивно ширење и влијание.
Прочитај повеќе
Нашиот истражувачки интерес е насочен кон дезинформациите, манипулацијата со информации, штетните наративи, координираните информациски операции и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ). Преку систематски медиумски мониторинг, анализа на содржини и јавни наративи и примена и развој на методологии за идентификување на манипулативни комуникациски практики, ги истражуваме нивните актери, тактики, канали и потенцијални ефекти. Ваквиот пристап овозможува следење на промените во информациската средина и подобро разбирање на механизмите преку кои различни форми на манипулација се приспособуваат на новите технологии и комуникациски практики.
Посебно внимание посветуваме на СММИ како област во која се вкрстуваат истражувањето на медиумите и комуникациите, безбедноста, технологијата и демократското управување. Истовремено, соработуваме со организации за проверка на факти, медиумски и истражувачки партнери на национално, регионално и европско ниво, а стекнатото знаење го претвораме во применливи решенија што придонесуваат кон поотпорна информациска средина и поинформирани граѓани.
Истражувачките сознанија ги преточуваме во анализи, препораки за јавни политики, стратешки рамки, студии на случај, обуки и практични ресурси за институциите, медиумите и граѓанското општество. На овој начин истражувањето станува основа за развој на поефикасни механизми за препознавање, анализа и справување со информациските нарушувања, како и за политики што го зајакнуваат информацискиот интегритет.
Поврзувањето на истражувањето со практичната примена овозможува стекнатото знаење да придонесе кон подобро информирани институционални и општествени одговори. Нашата цел е преку истражување, методолошки развој и партнерства да придонесуваме кон информациска средина во која јавната дебата се заснова на веродостојни информации, а институциите, медиумите и граѓаните се подобро подготвени да ги препознаат и разберат современите форми на информациска манипулација.













