Медиуми и новинарство
Медиумите и новинарството имаат клучна улога во информирањето на јавноста, отворањето теми од јавен интерес и поттикнувањето општествена дебата. Дигиталните платформи, алгоритмите, вештачката интелигенција и новите навики на публиката го менуваат начинот на кој информациите се создаваат, дистрибуираат и користат, а со тоа и условите во кои функционираат медиумите.
Што истражуваме
Овие промени отвораат важни истражувачки прашања за иднината на новинарството, медиумскиот плурализам, професионалните стандарди и способноста на медиумите да го штитат јавниот интерес.
Во Институтот за комуникациски студии ги истражуваме промените во медиумскиот екосистем и нивното влијание врз новинарството и јавната комуникација. Анализираме како медиумите известуваат за прашања од јавен интерес, како се обликуваат јавните наративи, како се применуваат професионалните и етичките стандарди и како дигиталните технологии влијаат врз редакциските практики и односот со публиката. Истражувачкиот интерес го насочуваме и кон условите што овозможуваат независно, плуралистичко и одговорно новинарство во средина што постојано се менува.
Прочитај повеќе
Нашата експертиза опфаќа новинарство од јавен интерес, медиумски плурализам, професионална етика, редакциски практики, медиумска регулација и саморегулација, како и влијанието на дигиталните платформи и вештачката интелигенција врз медиумите. Преку систематски медиумски мониторинг, анализа на содржини и јавни наративи и истражување на новинарските и редакциските практики создаваме знаење што овозможува подобро разбирање на состојбите и промените во медиумскиот сектор.
Посебна вредност гледаме во поврзувањето на истражувачката работа со новинарската практика и со пошироката академска и професионална заедница. Соработката со истражувачи, универзитети, медиуми, граѓански организации, јавни институции и меѓународни партнери овозможува споредување на искуства, развој на нови истражувачки пристапи и создавање решенија што одговараат на реалните предизвици во медиумската средина.
Истражувачките сознанија ги преточуваме во препораки за јавни политики, обуки, менторски програми и практични ресурси за новинари, уредници и студенти. Преку журналот „КАИРОС“ придонесуваме кон академската и стручната размена за медиумите, комуникациите и дигиталната средина. „Само прашај“ создава простор за новинарски содржини и истражувачки приказни од јавен интерес, додека преку „Дома“ развиваме новинарски пристапи кон прашањата за животната средина, природата, биодиверзитетот, климатските промени и одржливиот развој.












