ИКС го започна проектот КОМПАС, проект кој има цел да ја зајакне отпорноста на Македонија кон странско мешање и манипулирање со информации (СММИ)
Институтот за комуникациски студии (ИКС) започна со спроведување на проектот КОМПАС – Координиран механизам за заштита од стратешка субверзија. Проектот трае 33 месеци и има цел да ја зајакне институционалната отпорност на Северна Македонија кон странското мешање и манипулирање со информации (СММИ).
СММИ сè почесто ги таргетира демократските процеси, довербата на граѓаните во институциите и евроатлантската ориентација на државата. Истражувањата на ИКС покажаа дека досегашниот одговор е претежно реактивен и зависи од иницијативата на поединечни институции, што води до преклопување на надлежностите и неусогласена комуникација со јавноста. Токму затоа, проектот има за цел да помогне ад хок реакциите да еволуираат во координиран и превентивен пристап. Проектот е изграден околу четири компоненти.
Првата компонента е насочена кон подобрување на размената на информации меѓу медиумите и институциите, при што ќе се развијат пристапи и модели за подобрување на каналите на комуникација меѓу двете страни, особено во период кога во јавноста засилено се шират манипулативни содржини.
Втората компонента поддржува посилна координација меѓу државните институции во препознавањето и одговорот на СММИ, преку анализа на институционалните капацитети, и заедничко развивање на механизми за координиран институционален пристап за справување со СММИ.
Третата компонента е фокусирана на истражувачкото новинарство за СММИ. ИКС ќе соработува со повеќе локални и национални медиуми со цел изработка на истражувачки приказни за странското мешање и манипулирање со информации, со цел новинарите и редакции да можат да ги откриваат манипулативните кампањи пред тие да нанесат сериозна штета во јавноста.
Четвртата компонента е истражување на штетните наративи кои имаат цел да ги нарушат демократските процеси во земјата, која се состои од серија јавно достапни студии на случај засновани на локалниот контекст, кои анализираат како се градат и кој ги шири овие наративи. Истражувањето следи посебна методологија и подлежи на рецензија од меѓународни експерти.
Проектот се надоврзува на долгогодишната работа на ИКС за заштита на интегритетот на информациите, вклучувајќи ги досегашните истражувања на ИКС за институционалниот одговор на СММИ, како и проектите ТРЕЈС и Користи факти. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.
