„Користи факти“: Три години ефективна борба против дезинформации
Проектот „Користи факти“, што Институтот за комуникациски студии го проведуваше од 2022 до 2025 година, остави јасен и опиплив резултат во борбата против дезинформациите и штетните наративи во Македонија и регионот. Со иновативен пристап што ги поврза истражувањето, медиумската писменост и институционалната транспарентност, проектот создаде силни основи за поинформирано, критички освестено и одговорно општество.
Медиумска писменост за сите генерации
„Користи факти“ успешно обучи преку 900 средношколци и над 500 пензионери, да препознаваат дезинформации и да се заштитат од истите. Обуките за родово-базирани дезинформации за за жени пензионерки, донесоа значително подобрување во нивната способност за критичка анализа на информации на ТВ, социјалните мрежи и интернет.
Истражувачко новинарство со конкретни резултати
Во текот на проектот, над 430 новинарски стории покриваа важни теми како корупцијата, загадувањето и европската интеграција. Посебно влијание имаше истражувачката приказна за рудникот Иловица, што резултираше со повлекување на неговата концесија, потврдувајќи ја моќта на професионалното новинарство во заштитата на јавниот интерес.
Регионалната соработка преку новинарски приказни и обуки дополнително ја зацврсти солидарноста со соседните земји, овозможувајќи решавање на заеднички предизвици како корупцијата и загадувањето.
Истовремено, преку онлајн платформата и емисијата „Само прашај“ која се емитуваше на МТВ, граѓаните добија алатки за директна комуникација со институциите.
Повеќе од 120 медиумски продукти од младите креатори
На медиумските лаборатории и камповите за медиумска писменост средношколците не учеа само да препознаваат дезинформации, туку и како одговорно и етички да создаваат медиумски содржини. Тие креираа повеќе 120 видеа, фотоприказни, текстови и мултимедијални приказни на теми од нивен интерес кои беа објавени на платформата Медиум. Ова не само што ги обучи да мислат критички, туку ги инспирира да бидат активни граѓани.
Истражување што ги разобличува наративите и гради критичко општество
Проектот се темелеше на опсежно интердисциплинарно истражување што вклучи експерти од повеќе области – медиуми, комуникации, психологија, лингвистика и други области. Мониторингот „ШТЕТ-НА“ – систематско следење на штетните политички наративи во медиумите и јавната комуникација, ги откри најчестите штетни наративи кои ги користат политичарите и го нагласи влијанието од ваквите пораки врз граѓаните.
Истражувањето не само што ја подигна јавната свест за присуството и влијанието на овие наративи, туку создаде и вредни ресурси за новинарите, граѓаните и институциите. Овие сознанија послужија како основа за отворање дијалог со политичките чинители.
Проектот постигна високо ниво на политичко внимание – пратеници од различни партии побараа презентации и иницираа дискусии во Собранието, што претставува значаен чекор кон институционализација на транспарентната и етичка политичка комуникација. Истовремено, беше испратена силна порака дека отчетноста и транспарентноста се неопходни алатки за градење отпорност на јавноста кон манипулации и дезинформации.
