За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

ИКС иницира институционална координација во справувањето со странско влијание и дезинформации

Во организација на Институтот за комуникациски студии, во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, финансиран од Владата на Обединетото кралство со поддршка на Британската Амбасада во Скопје, вчера претставници на девет институции дискутираа за воспоставување координиран пристап кон справување со странско мешање и манипулирање со информации (СММИ), хибридни закани и дезинформации. Денешната средба е прва во низата консултации за подобрување на разбирањето на заканите кои ги претставуваат хибридните закани и скриеното странско манипулирање со информации. Целта на работењето на оваа група е да придонесе кон дефинирање на поефикасни политики и практики во справувањето со хибридните закани и зајакнување на демократската стабилност во земјата.  

Во фокусот на разговорите на денешната дискусија беа постоечките стратешки и правни документи, капацитетите на институциите и потребата од појаснување на поимите кои сѐ уште немаат прецизни дефиниции во домашните стратегии, како што се странско влијание” и дезинформација”. 

Искуства од развиените земји 

На почетокот, ИКС ги презентираше домашните стратегии, законски регулативи и институционални капацитети за справување со овие закани. Прегледот опфати документи од домашните безбедносни служби, ЕУ и НАТО, како и меѓународни истражувања и медиумски извештаи. 

Анализата покажува дека македонските институции сè уште реагираат ад хок и дека недостасува централизирана стратегија. Како клучни предизвици се издвојуваат недостигот од човечки ресурси, слаба институционална координација и правни празнини. 

Меѓу препораките се: формирање национален центар за мониторинг на СММИ, ревидирање на законската рамка и вложување во медиумска писменост и професионално новинарство. 

Притоа, беа споделени и искуства од Велика Британија, Словенија и Хрватска. Анализата на институционалната поставеност и законската рамка во овие три земји открива корисни практики кои можат да послужат и за македонскиот контекст. Велика Британија има развиен систем со јасни овластувања и активна медиумска регулација. Хрватска покажува напредок во координацијата и развојот на национални механизми, додека Словенија има добри почетоци со парламентарен надзор и медиумски кампањи. 

Овие примери покажуваат дека се потребни конкретни закони, подобра соработка меѓу институциите и јасни механизми за превенција и одговор. Понатамошните чекори треба да вклучуваат и развој на јавна свест, заштита од злоупотреби преку тужби и зајакнување на медиумскиот плурализам. Ваквиот пристап може да придонесе за посистемска отпорност кон странско влијание и манипулации со информации. 

Каде сме ние?  

Меѓу клучните прашања што беа отворени на состанокот е и неактивноста на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, кој, според учесниците, не функционира од декември 2024 година, без официјално образложение. Истовремено, беше посочено дека постојат сериозни недостатоци во институционалната координација и човечките ресурси, особено во области како дигитална форензика, сајбер безбедност и геополитичка анализа. 

Дополнително, беше отворено прашањето за влијанието на пријателски и сојузнички држави, вклучително и членки на ЕУ и НАТО, кои преку различни канали можат да влијаат врз информативниот простор. Ова го отвори прашањето за воспоставување на критериуми и методологија за детектирање на дезинформации и нивното поврзување со надворешни актери. 

Особено внимание беше посветено на значењето на медиумската писменост, како и на професионалното усовршување на новинарите, кои се идентификувани и како потенцијални извори на дезинформации. Учесниците нагласија дека прекинот на поддршката од меѓународни донатори, како УСАИД, сериозно ја ослабна домашната инфраструктура за медиумска едукација. 

Во рамки на проектот, ИКС најави подготовка на алатки за препознавање и справување со дезинформации и странско влијание, кои ќе бидат прилагодени на потребите на институциите. Дополнително, беше спомната можноста за вклучување на меѓународни партнери и искористување на искуствата од Центарот за извонредност во Хесинки, каде членуваат земји од ЕУ и НАТО, меѓу кои и Македонија и чија експертиза може да се користи. 

Учесниците се согласија дека е потребно воспоставување на координативно тело или работна група која ќе работи на темата СММИ. Договорено е до 31 јули сите институции да ги достават своите приоритети и предлози за понатамошни активности.