|

Средношколци и пратеници дискутираа за социјалните мрежи, вештачката интелигенција и за образование по мерка на младите

Средношколци и пратеници дискутираа во Собранието

Поставуваа прашања, реплицираа, ги бранеа своите ставови и нудеа аргументи. Средношколците ги заменија училишните со собраниските клупи и оттаму отворија дебата за тоа кој ги контролира информациите што ги гледаат на социјалните мрежи, колку им веруваат на инфлуенсерите, дали треба да се ограничи пристапот на децата до дигиталните платформи и како образованието да одговори на предизвиците на новото време.

На дебатата „Што гледаш, кому веруваш? – Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, ученици од седум училишта од Скопје, Липково, Велес, Валандово и Прилеп разговараа со пратениците, но и ги соочија со своите ставови и барања.

„Дали може да зборуваме за слобода на избор на социјалните мрежи, ако алгоритмите одлучуваат кои содржини најчесто ќе ни се прикажуваат“, праша средношколката Мила Вршкоска од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Таа посочи дека социјалните мрежи се меѓу главните извори на информации за младите. Иако дел од нив читаат весници, слушаат радио и следат телевизиски вести, најголем дел од времето го поминуваат на Тикток и на Инстаграм.

Во таква средина, инфлуенсерите често добиваат поголемо внимание и доверба од луѓето што се стручни во одредена област.

„Многу почесто можеме да видиме интервју со некој инфлуенсер отколку со некој човек којшто е стручен во некоја област и затоа повеќе им се верува на инфлуенсерите“, го сподели своето искуство Лана Босарова, ученичка во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес.

Средношколците зборуваа и за ризикот од дезинформации, особено кога станува збор за теми за кои немаат доволно претходни знаења, како политиката. Некои од содржините создадени со вештачка интелигенција успеваат да ги препознаат, но признаваат дека понекогаш и тие можат да бидат доведени во заблуда. Затоа, како една од најважните навики ја посочија проверката на информациите пред нивното споделување.

Форумот го отворија претседателот на Собранието на РСМ, Африм Гаши, и Н.Е. Маја Сивањанам, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија кои ја нагласија медиумската писменост како клучна вештина за демократскиот развој и градењето отпорност кон дезинформациите, за што одговорност има целото општество. Се согласија дека Собранието треба да биде отворено за младите и да продолжат ваквите средби преку кои средношколците ќе можат да ги изнесуваат своите ставови и да разговараат со носителите на одлуки.

„На едно демократско општество не му се потребни граѓани кои веруваат или критикуваат сè, туку граѓани кои знаат правилно да расудуваат и критички да размислуваат. Собранието треба да биде отворена врата за општеството, посебно за младите, кои не се само носители на иднината, туку и активни чинители на сегашноста“, порача претседателот на Собранието Африм Гаши.

Британската амбасадорка истакна дека борбата против дезинформациите бара ангажман од целото општество, а на младите им посака да се оспособат самостојно и критички да ги проценуваат информациите.

„Чест ми е што мојот прв јавен настан како британска амбасадорка се случува овде, во домот на демократијата и со вас… Мојата порака денеска е едноставна: бидете љубопитни, бидете скептични, поставувајте прашања. Немојте да претпоставувате дека нешто е вистинито затоа што илјадници луѓе го лајкнале, но немојте да претпоставувате ниту дека сè е невистина“, рече Маја Сивањанам, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија.

Ограничување на социјалните мрежи или поголема дигитална писменост

Една од темите што предизвика спротивставени ставови беше евентуалното ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Дел од учениците сметаат дека е потребна поголема заштита на децата од ризиците на интернет, додека други предупредија дека забраните не се решение.

„Не ги пуштаме децата да одат на улица, а ги пуштаме да одат на интернет, каде што има секакви непознати личности и ризици“, аргументираше средношколецот Михаил Здравковски од гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, поддржувајќи го ограничувањето.

Спротивен став изнесе неговиот соученик Лука Андреев, според кого забраните нема да ја постигнат целта бидејќи децата ќе најдат начин да ги заобиколат, а со тоа може дополнително да се зголеми нивната љубопитност кон забранетите содржини.

Од дебатата за социјалните мрежи, разговорот се префрли и на училиштата, каде што младите сметаат дека треба да почне градењето на критичкото размислување и медиумската писменост.

Помалку учење напамет, повеќе критичко размислување – што очекуваат младите од образованието

Образовниот систем да се оддалечи од учењето напамет и повеќе да го поттикнува критичкото размислување, а професорите наместо да бараат само еден точен одговор, да ги охрабруваат учениците да поставуваат прашања. Таква е визијата на средношколците за наставата – часови со повеќе дебати и дискусии, тестови што ќе ја оценуваат способноста за размислување, а не само меморирањето, и наставници кои ќе имаат време и слобода да ја отворат дискусијата и да излезат од строгите наставни рамки.

Во оваа промена свое место треба да има и вештачката интелигенција. Средношколците и пратениците се согласни дека таа не може да се игнорира, но треба да се користи внимателно, како алатка за учење и развивање идеи, а не како замена за знаењето и критичкото размислување.

„Многу е важно да се разбере дека вештачката интелигенција не е ЧетЏПТ или Џемини или некоја од платформите на кои се поставуваат секојдневни прашања. Напротив, нашата идеја е вештачката интелигенција да влезе во училиштата на правилен начин и да ги насочи учениците како преку ВИ можат да развиваат нови технологии во индустријата, здравството и образованието. Нашата цел е да бидете конкурентни, да не излезете без квалификации од средно училиште или факултет, туку да бидете компетентни и да можете да понудите знаење“, рече пратеничката Драгана Бојковска.

Пратеничката Соња Мираковска, пак, ги охрабри учениците да не ги прифаќаат одговорите на вештачката интелигенција без критички да ги преиспитаат, туку да научат да ја користат за да го прошират своето знаење.

„Обидете се вештачката интелигенција да ви биде алатка. Бидете вие критични кон неа за да добиете уште одговори. Натерајте ја таа да работи за вас. Кога станува збор за образовниот процес, немојте да користите готови модели од вештачка интелигенција, нека ви бидат само пример како да се движите, како да соберете повеќе информации. Ние треба да научиме да ја ставаме во функција“, рече Мираковска.

Пратениците ги охрабрија младите активно да се вклучат во општествените процеси

Покрај дигиталните предизвици и потребата од промени во образованието, средношколците ја отворија и темата за своето место во општествените процеси. Тие побараа поголемо учество во носењето одлуки и почеста комуникација со институциите, нагласувајќи дека не сакаат да бидат само набљудувачи, туку активни учесници чии ставови ќе бидат слушнати и земени предвид при креирањето политики што директно ги засегаат.

Миа Андоновска, средношколка од гимназијата „Никола Карев“, укажа на недоволната инклузија на младите и побара образованието да биде меѓу приоритетите на пратениците. Таа посочи дека одговорноста за медиумската писменост не е само кај младите и нивната способност критички да ги оценуваат информациите, туку и кај оние што го креираат јавното мислење, особено кога манипулираат со информации за да ги задржат влијанието и моќта.

Сличен став изнесе и Иса Таири од училиштето „Исмет Јашари“, која побара младите да добијат поголем простор за да го искажат своето мислење и тоа да стигне до носителите на одлуки.

Повик и охрабрување за поголема проактивност стигна од сите присутни пратеници. Пратеникот Љупчо Пренџов ги повика своите млади соговорници предлозите и прашањата да ги упатуваат до институциите, особено до Собранието.

„Важно е да се вклучите во општествениот живот и во прашањата што нè засегаат сите нас – како што се темите за медиумската писменост, вашите предлози за подобро образование и за предмети што ќе одговараат на современото време и ќе придонесат за поголем успех. Бидете активни, затоа што само така ќе имаме општествен квалитет каков што посакуваме“, порача Пренџов.

Пратеничката Бојковска ги повика учениците да ги запознаат своите народни претставници и да ги контактираат кога имаат предлози или сакаат да отворат одредена тема.

„Еден од начините за партиципација на младите во носењето одлуки е да ги познавате вашите народни претставници. Кога ќе поставите одредено прашање, дали преку социјалните мрежи, електронска пошта или во граѓанските канцеларии што ги имаме во општините, секогаш ќе добиете одговор. Ве мотивирам да комуницирате“, рече Бојковска.

Како претседателка на Клубот за младински прашања и политики, таа најави дека дел од темите отворени на форумот ќе продолжат да се разгледуваат и на јавна расправа во Собранието, на која ги покани и средношколците. Оцени дека ваквите средби се важни и за пратениците, бидејќи им овозможуваат непосредно да ги слушнат потребите и предизвиците на младите, кои треба да бидат земени предвид при креирањето на идните политики.

Дебатата е дел од проектот на КОМПАС поддржан од Британската амбасада и е дел од низата активности на ИКС за Деновите на медиумската писменост. Почнувајќи од годинава, и Собранието се вклучува во иницијативата на Мрежата за медиумска писменост при ААВМУ.

И гостите и домаќините се согласија дека дебатата, организирана од Институтот за комуникациски студии и Собранието преку Парламентарниот институт и Клубот за младински прашања и политики, треба да биде почеток на континуиран дијалог меѓу младите, училиштата и Собранието и ИКС за прашања што директно ги засегаат тинејџерите и дека ваков тип настани почесто ќе се организираат во Собранието.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Автор: Соња Петрушевска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Ристо Душковски