|

Ученици од „Никола Карев“ тестираа интерактивна патека за влијанието на социјалните медиуми врз изборите

Младински панел на ИнфоФакто со ученици од гимназијата Никола Карев

Можеме ли лесно да разликуваме информација од мислење, манипулација или прикриено влијание на социјалните мрежи? Со ова прашање се соочија 20 ученици од прва година во СУГС „Никола Карев“ на вториот младински панел во рамки на проектот „ИнфоФакто“, одржан на 16 ноември 2026 година.

Учениците ја презедоа улогата на тестери на едукативни содржини и групно го испробаа прототипот на интерактивната патека за учење „Можат ли социјалните медиуми да влијаат врз изборите?“, која се развива во рамки на проектот и се тестира во Франција, Шпанија, Србија и Северна Македонија.

Младински панел на ИнфоФакто со ученици од гимназијата Никола Карев

Преку примери на измислени објави на социјалните мрежи, учениците проценуваа што е информација, што е лично мислење, а што може да доведе во заблуда или да прикрива обид за влијание. Активностите отворија простор за разгледување на изворите и на показателите што можат да помогнат при проценувањето на веродостојноста на една објава. Се осврнаа и на улогата на алгоритмите и вештачката интелигенција во создавањето и ширењето содржини што можат да манипулираат со јавноста.

Младински панел на ИнфоФакто со ученици од гимназијата Никола Карев

Од тестери, учениците станаа и креатори. Работејќи во мали групи, имаа задача да осмислат кратка измислена објава што може да збуни, да ја одредат нејзината категорија и да наведат показател што помага таа да се препознае. Преку оваа задача ги применија сознанијата од патеката и понудија сопствени идеи за идните едукативни активности.

Младински панел на ИнфоФакто со ученици од гимназијата Никола Карев

Учениците изразија увереност дека препознаваат различни видови содржини, а завршните одговори покажаа промени во ставовите на дел од групата за влијанието на социјалните мрежи врз изборите.

Целта на панелот беше да се испита колку патеката е разбирлива, интересна и поттикнува размислување. Вклучувањето на учениците како тестери и креатори е важен дел од развојот на ресурсите на „ИнфоФакто“, за тие да одговараат на прашањата, навиките и потребите на младите.

Младински панел на ИнфоФакто со ученици од гимназијата Никола Карев

Проектот „ИнфоФакто“ развива едукативна платформа за медиумска писменост и е поддржан од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“.