„ИнфоФакто“ ја планира втората година: младите во фокусот на едукативните содржини
Како искуствата на младите да се преточат во едукативни ресурси што ќе им помогнат критички да ги проценуваат содржините на интернет? Ова беше во фокусот на состанокот на конзорциумот на проектот „ИнфоФакто“, одржан на 12 и 13 ноември 2026 година во Мадрид, на кој учествуваа претставнички на Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Партнерите ги споделија првичните сознанија од младинските панели и работилниците како основа за понатамошниот развој на едукативните содржини. Разговорите беа насочени кон планирање на интерактивни патеки за учење, како и обуки и ресурси за наставници, родители и професионалци што ќе ги поддржат младите во критичкото проценување на онлајн информациите.

Посебен акцент беше ставен на вклучувањето на младинските перспективи и искуства во подготовката на овие ресурси. Во таа насока, партнерите разговараа и за подготовката на видеокапсули односно кратки видеа „Гласовите на младите“, преку кои младите ќе ги споделуваат своите размислувања, искуства и совети за своите врсници.
Проектот го координира Траларере од Франција, во партнерство со Институтот за комуникациски студии од Северна Македонија, Универзитетот Навара и организацијата за проверка на факти Њутрал од Шпанија и Институтот за различности во медиумите – Западен Балкан од Србија.
„ИнфоФакто“ развива едукативна платформа за медиумска писменост што ќе им помогне на адолесцентите низ Европа да препознаваат дезинформации и манипулативни содржини, вклучително и содржини создадени со вештачка интелигенција. Проектот е поддржан од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“.
