|

„Што гледаш, кому веруваш?“ – Средношколци и пратеници дебатираа во Собранието

Дебата со средношколци и пратеници во Собранието

Пратениците и средношколците ќе продолжат да дебатираат и да трагаат по современи образовни политики кои ќе го зајакнат критичкото мислење, медиумската писменост и отпорноста на младите за справување со дезинформации и манипулативни содржини.

Младите сакаат на часовите повеќе да учат и дискутираат која е улогата на вештачката интелигенција, алгоритмите, инфлуенсерите во нивните животи и одлуки.

Ова се дел од пораките од денешната дебата во Собранието на Република Северна Македонија „Што гледаш, кому веруваш? – Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, на која средношколци од седум училишта од Скопје, Липково, Велес и Прилеп разговараа со пратениците за тоа како младите се информираат, кому му веруваат и со какви предизвици се соочуваат во современата дигитална средина.

Целта на настанот, кој го организираа Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Собранието на Република Северна Македонија, преку Парламентарниот институт и пратеничкиот Клуб за младински прашања и политики, беше гласот на младите да биде слушнат директно во законодавниот дом. Пратениците побараа мислење од нив за евентуалната регулација и контролиран пристап до социјални медиуми за малолетниците до 15 години. И гостите и домаќините се согласија дека ова е почеток на континуиран дијалог меѓу младите, училиштата и Собранието и ИКС за прашања што директно ги засегаат тинејџерите и дека ваков тип настани почесто ќе се организираат во Собранието.

Отворајќи го настанот, претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека медиумската писменост денес е клучна вештина за демократскиот развој, а заштитата од дезинформациите е заштита на слободата да се расудува независно. Тој нагласи дека се соочуваме со парадокс – иако има повеќе информации на располагање од кога било досега, тоа не значи дека поседуваме и повеќе знаење, будност и способност за критичко расудување. „Не мерете ја вистината според бројот на позитивни реакции, не мешајте ја популарноста со веродостојноста и не дозволувајте брзината на информациите да ја замени длабочината на вашето размислување. Застанете, прашувајте, проверувајте и барајте аргументи“, им порача Гаши на младите.

Н.Е. Маја Сивањанам, амбасадорка на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, нагласи дека градењето отпорност кон дезинформации и манипулации со информации не е одговорност на една институција или поединец, туку бара пристап на целото општество. „Целта не е на младите да им се кажува кому да веруваат, туку да ги оспособиме сами да проценуваат и да одлучат на кои информации ќе веруваат. Ако некој тврди дека вакцината е опасна, изборите се украдени, или некоја јавна личност кажала нешто шокирачки, а тоа не е вистина, тоа не се само лажни вести, туку тие веќе влијаат и врз вашето здравје и врз вашата безбедност“, рече амбасадорката и ги охрабри дека секогаш кога имаат дилема дали некоја вест е вистината, да се запрашаат кој ја објавува веста и зошто некој сака да предизвика одредени чувства кај нив.

Драгана Бојковска, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања и политики, која ја поддржа иницијативата за оваа дебата, посочи дека денешниот настан е практичен пример за примената на принципот „секој има свој улога“ во градењето критичка и отпорна младина. Таа нагласи дека ова е прв настан од ваков формат со кој Собранието се приклучува кон одбележувањето на Деновите на медиумската писменост и најави организирање вакви дебати во иднина. Таа ги покани младите и ИКС да учествуваат на јавна расправа во Собранието на која ќе се дебатира за употребата на социјалните мрежи во училиштата.

Настанот е дел од проектот „КОМПАС“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје, а се одржува и во рамки на Деновите на медиумската писменост, иницијатива на Мрежата за медиумска писменост.