Истражувачки области

Комуникација за наука и животна средина

Климатските промени, загадувањето, загубата на биодиверзитетот, енергетската транзиција и другите еколошки предизвици се истовремено научни, општествени и комуникациски прашања.

Што истражуваме

Начинот на кој научните сознанија се претставуваат во медиумите, институциите и дигиталната средина влијае врз нивното разбирање, довербата во науката и можноста знаењето да се користи при донесување одлуки. Комуникацијата за наука и животна средина затоа претставува значајно интердисциплинарно истражувачко поле што ги поврзува науката, медиумите, јавните политики и граѓанското учество.

Во Институтот за комуникациски студии истражуваме како научните и еколошките прашања се комуницираат и врамуваат во јавниот простор, како различните актери го создаваат и пренесуваат знаењето и како јавноста ги разбира сложените научни теми и ризици. Го анализираме односот меѓу научниците, институциите, медиумите, граѓанските организации и јавноста, со посебен интерес за факторите што влијаат врз довербата, достапноста на информациите и јавниот ангажман.

Прочитај повеќе

Нашиот истражувачки интерес ги опфаќа комуникацијата за науката, климатската и еколошката комуникација, новинарството за животната средина, комуникацијата за ризици, визуелизацијата на податоци и јавниот ангажман околу научни и еколошки прашања. Ги истражуваме и дезинформациите поврзани со науката, климата и животната средина, довербата во научните извори и институции, како и влијанието на социјалните медиуми, дигиталните платформи и вештачката интелигенција врз создавањето, посредувањето и разбирањето на научните информации.

Истражувачкиот пристап го поврзува анализирањето на медиумските и дигиталните содржини, јавните наративи и комуникациските практики со истражување на начинот на кој различни публики ги разбираат научните и еколошките прашања. Посебен интерес претставува развојот и примената на нови методи за претставување сложени научни податоци и сознанија на начин што ја зачувува нивната точност, а истовремено ги прави подостапни и релевантни за различни јавности.

Интердисциплинарниот карактер на областа отвора простор за соработка со универзитети и истражувачки центри, научници, медиуми и новинари, јавни институции, граѓански организации и меѓународни партнери. Ваквите партнерства овозможуваат поврзување на комуникациските истражувања со експертиза од природните, техничките и општествените науки и развој на пристапи што можат да се применат на конкретни еколошки и општествени предизвици.

Истражувачките сознанија ги преточуваме во анализи, препораки за јавни политики, образовни програми, медиумски содржини, комуникациски модели и практични ресурси за научници, институции, новинари, едукатори и граѓански организации. На овој начин придонесуваме научното знаење да биде поразбирливо и подостапно во јавниот простор, еколошките прашања да добијат поголема видливост, а одлуките и јавната дебата да се темелат на релевантни и веродостојни информации.

Кој ја води оваа област

Истражувачки проекти

Публикации од оваа област

Поврзани вести