Пратеници на работилница за странско мешање и манипулирање со информации
Отпорот кон странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) не се гради само со технички мерки, туку и со политичка свесност, координиран надзор и законодавна акција. Дезинформациските кампањи и хибридните закани користат сѐ пософистицирани форми и одговорот кон овие закани од страна на институциите треба да биде посистемски. Оттука, пратеници и вработени во собраниски служби учествуваа на дводневна работилница за препознавање и реагирање на СММИ што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја одржа на 8 и 9 јули 2025 година во Велес.
Странското мешање и манипулирање со информации сè почесто се користи како инструмент на хибридни закани што го поткопуваат демократското владеење, јавната доверба и националната безбедност, па учесниците дискутираа како да ги пресретнат и соодветно да реагираат на нив.
На работилницата се зборуваше за методите на СММИ, меѓу кои се употребата на тактики за дигитална пропаганда, координирани кибер напади, дипломатски и економски влијанија. Особено внимание беше посветено на институционалниот и законодавниот одговор на СММИ, како и на меѓународните искуства во рамките на ЕУ и НАТО, преку улогата на Наменските сили за стратегиска комуникација – Исток на ЕУ (East StratCom Task Force) и Центарот за извонредност за хибридни закани (Hybrid CoE). Пратениците и вработените во собраниските служби работеа на симулирани сценарија за идентификување на дезинформации, наративи и потенцијални извори на манипулации и формулирање на можни парламентарни реакции.
„Справувањето со СММИ бара институционален капацитет, информирани пратеници и усогласени механизми за надзор. Собранието има клучна улога во заштитата на демократскиот процес“, истакна предавачот на работилницата, вон. проф. д-р Методи Хаџи-Јанев.
Работилницата, на која присуствуваа пратеници од собраниските комисии за одбрана и безбедност, за надзор над мерките за следење на комуникациите и за надзор над безбедносните и разузнавачките агенции, се одржа по иницијатива на членови од Комисијата за одбрана и безбедност, кои претходно учествуваа на собраниската панел-дискусија на која ИКС ги презентираше студиите за СММИ и усогласеност со европските регулативи.
Работилницата се спроведе во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Проектот има за цел градење на отпорноста на институциите, медиумите и граѓаните кон СММИ преку предлози за политики, едукација и медиумски содржини.






















