fbpx

 

 

За ИКС

Институтот за комуникациски студии е водечка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. Нашата мисија е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.

_____________

Исчезнати луѓе – голгота за семејствата, предизвик за полицијата

Ристо, Лидија, Марк, Петар, Марија… се само дел од 70-ината луѓе кои МВР ги води за исчезнати. Некои се на листата со години. Други, пак, кога исчезнале биле деца, а сега треба да се полнолетни. Нивното пронаоѓање е предизвик за полицијата, но додека се случи тоа, семејствата живеат во неизвесност и поминуваат низ вистинска голгота, во очекување на вест која што ќе ја намали нивната болка и ќе донесе завршница на случајот.

Експерти бараат да се намали времето за распишување на потрага

Од Министерството за внатрешни работи велат дека најголем број од исчезнатите лица се пронаоѓаат во рок од 24 часа по примена пријава за нивно исчезнување, но останува помал број за кои потрагата продолжува и по повеќе години.

„По пријава за исчезнато лице, МВР веднаш постапува. Во зависност од информациите со кои располагаме за причините за исчезнувањето, местото на исчезнување, неговото движење, дали лицето имало намера да ја напушти државата итн., се распишува локална, централна, а по потреба и меѓународна објава за потрага по исчезнато лице. Семејството има клучна улога во делот на споделување на корисни информации за лоцирање на лицето. Најважно е навремено да се разменат сите информации со полицијата, со цел потрагата по лицето да се води во вистинска насока“, вели Гоце Андреевски од Секторот за односи со јавноста при МВР.

Министерството има издадено препораки за начинот како треба да се постапи во случај на исчезнато лице.

  • Ако некое лице исчезне, контактирајте ги сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице.
  • Соработувајте со полицијата, дајте ги сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начинот на однесување во блиското минато.
  • Споделете ги размислувањата на исчезнатото лице и неговите или нејзините идни планови.
  • Не сокривајте информации од полицијата, бидете достапни, обезбедете фотографија и дозволете ѝ на полицијата да ја сподели со јавноста.
  • Обратете се во најблиската полициска станица. Полициски службеник или инспектор ќе ги земе сите потребни податоци.
  • Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и страдаат од болести заради кои ја губат способноста за осознавање. Не ги оставајте без придружба и надзор.

Експерти укажуваат дека мора да се намали времето за распишување на потрагата по исчезнато лице. Поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски смета дека на овој начин значително ќе се подобри ефикасноста на постапките и ќе има подобар успех во пронаоѓање на исчезнатите.

„Полицијата не смее да чека 24 часа до распишување на потрагата, туку тој период мора да се намали драстично и да се извршат измени на Правилникот за вршење на работите од областа на јавната безбедност за да можат полициските службеници да преземаат побрзи и поефикасни дејствија. Кај потрагите по лица и предмети многу е битна брзината за ефикасно расветлување на настанот. Што прави полицијата во првите 24 часа од приемот на пријавата? Ја прима пријавата и преку системот за врски ги известува полициските службеници на терен, но сè уште официјално не распишува локална потерница на територијата на Македонија, каде што треба да биде даден личниот опис, дејствијата, здравствената состојба на лицето, други елементи, евентуална жртва на криминални дела, семејното насилство итн. Тие се многу важни и наместо да се чека 24 часа, да се намали на 6 часа, можеби и на 2 до 3 часа, коешто е доволно време да се изврши првичниот разговор со семејството и да се состави записник, за да може на полициските службеници на терен перманентно да им се доставуваат известувања за какво лице станува збор“, објаснува Ѓурчевски.

Во потрагата по исчезнати луѓе првите неколку часови се клучни за исходот од постапката. Како одминува времето така потрагата станува сè потешка, случајот се „лади“ и може со години да остане отворен, а се менува физиономијата на лицето, се намалува и бројот на информации.

„Квалитетен опис е многу корисен за почетната истрага. Сè она со што располага лицето, дали се тоа финансиски средства, кои предмети и возила ги користи, дали и возилото е исчезнато со него, мобилен телефон, броеви на мобилни телефони, сè она што го опкружувало лицето додека живеело нормално во својата животна средина, со кого комуницира дома и во странство. Затоа што службениците прават проценка дали и каде тие ќе можат да ја спроведат истрагата, во кој правец би се движела истрагата за полесно да дојдат до лицето“, смета Владимир Пивоваров, универзитетски професор и експерт по безбедност

Потрагата по исчезнато лице трае до негово пронаоѓање, односно до пронаоѓање на телото, делови од телото и таа не се затвора сè додека не се потврди со ДНК материјал дека се работи за пријавеното исчезнато лице.

„Министерството не може да ја прекине потрагата сè додека не пронајде цврст материјален доказ што се случува со лицето – дали тоа со променет идентитет живее некаде на друга адреса во светот заради грабнување, дали е негова злоупотреба со трговија со луѓе, проституција, регрутирање, дали тоа лице е навлезено во некоја организрана криминална група, или, најтешката форма, да пронајдеме соодветни делови од човечко тело и врз основа на ДНК анализи да докажеме дека лицето е ликвидирано, убиено, починато итн. Но, без материјален доказ не може МВР на семејството да му каже да не се надева и дека е мртво. Затоа тие потраги се нарекуваат живи потраги и тие вечно ќе траат“, вели поранешниот началник и инспектор во МВР Ѓурчевски.

Системот „Најди ме“ обезбедува поддршка во потрагата по исчезнати луѓе

Во земјава веќе извесно време функционира системот за рано предупредување за исчезнати деца „Најди ме“, по примерот на алатката „Амберт алерт“. Иако првично наменет за деца, се објавуваат и информации за возрасни. Проектот го спроведува здружението „Новинари за човекови права“, кое тесно соработува со МВР. Информациите се проверуваат, објавуваат и споделуваат за веста за исчезнатото лице да стигне до што е можно поголем број на луѓе. Освен интернет-страница и социјалните мрежи, се користат и услугите на таксисти, автобусите на ЈСП, банки и хотели.

„Имавме неколку профили на возрасни лица кои се исчезнати и дојави за деца кои за среќа беа многу брзо најдени, па немаше потреба од широк аларм „Амбер алерт“. Имавме еден „Амбер алерт“ што го покренавме во соработка со МВР за странски државјанин кој беше исчезнат на пограничен дел меѓу Македонија и Албанија. А имаме во моментов и активни потраги по две исчезнати возрасни лица во Македонија. Кога се работи за возрасни лица, може да бидат различни причини – дали е некоја здравствена причина, па лицето е дезориентирано и не може самото свесно да даде информации каде е и каде тргнало. Некогаш имаме лица за кои немаме информации зошто исчезнале, меѓутоа во соработка со МВР и со семејствата се обидуваме таа информација што е можно побрзо да ја споделиме на територијата на цела држава, бидејќи кога се работи за исчезнување никогаш не знаеме во кој правец лицето може да тргнало“, објаснува Александра Радевска од Здружението „Новинари за човекови права“.

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров вели дека е многу добро што се работи на единствен видео-надзор, меѓутоа дека тој треба да биде надграден.

„Поставувањето јавни камери е регулирано од државата. Приватните камери, на пример во бутици, дуќани, кафеани, ресторани, се многу повеќе во државата и кој каков квалитет сака, така поставува. Ако има потреба, со барање од обвинител тие се одземаат од страна на полицискиот службеник. Меѓутоа, мислам дека е многу добро да има законска основа за минимален квалитет колку мегапиксели би била фотографијата и со каков квалитет, за да може таа да биде искористена“, смета Пивоваров.

Системот „Најди ме“ помага, иако предизвиците се големи, особено во руралните средини каде информациите се шират потешко. На листата на МВР на исчезнати има и шест деца. По некои со години се трага, па веќе треба да се полноленти. Од друга страна, интернет-просторот носи нови ризици по децата.

„Децата се долго на социјалните мрежи, на телефони и лаптоп, и кога учат и во слободно време. Предаторите во онлајн просторот се секако уште еден дополнителен ризик на кој сите треба да посветиме многу внимание. Превенцијата е најважна, тоа се искуствата од сите држави во светот. Со секоја нова алатка за предаторите има и нова алатка за превенција од нив. Едукацијата е важна, не само на децата и родителите, туку на сите кои работат во овој домент од граѓански сектор и институции. Сите треба да се едуцираме за можните нови закани за да можеме превенцијата соодветно да ја поставивме и да ја примениме за да не дојде до случај на исчезнување“, вели Радевска од „Новинари за човекови права“.

Довербата меѓу граѓаните и полицијата клучна за ефективна потрага

Универзитетскиот професор по безбедност Пивоваров и поранешниот началник во МВР Ѓурчевски се луѓе со богато искуство и се сеќаваат и на други времиња кога полицијата ги немала современите техники и алатки, но постоело нешто уште повредно – довербата на луѓето во системот.

„За полицијата велевме дека е народна полиција. Тогаш немавме вакви технички достигнувања, кои се многу добри во откривачката дејност, но конекцијата помеѓу граѓаните и големата доверба што ја имаа во полицијата секогаш даваше извонредни резултати. Таа конекција и доверба мораме да ја воспоставиме бидејќи гледам дека ја нема помеѓу полицијата и граѓаните. Иако тогаш беа само обични телеграми и фотографии, многу застарен систем на комуникација помеѓу органите и соседните држави, ефикасноста беше многу поголема. Денес се потпираме на техника. Таа е добредојдена во работата на органите, меѓутоа факторот човек е многу битен“, вели Пивоваров.

„Не се доволно присутни оние маалски полициски службеници, како на времето што ја имавме позорната служба, кога граѓаните можеа директно да се обратат и да го сретнат полицаецот на секое место. Мислам дека треба да се зголеми присуството на полицијата на терен заради блискоста со граѓаните. Но, мислам дека и Министерството за социјална работа треба да има поголемо учество во овие потраги, кое е надлежно за лица со нарушено здравје, лица со посебни потреби кои примаат надоместоци, семејствата во ризик во кои има семејно насилство и малтретирање на малолетни деца“, додава Ѓурчевски.

Од 1 ноември 1983 година, од кога датира најстариот случај на пријавено исчезнато лице, заклучно со минатиот месец, вкупниот број на исчезнати надминува 400. Сепак, треба да се има предвид дека повеќе од 120 се луѓе од Непал, Бангладеш, Сирија и Египет кои дошле да работат во Македонија, а потоа им се губи трага.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска